Home Археологија Свет без ставови

Свет без ставови

6,694 views
9

 

Меѓу локалното и глобалното, националното и универзалното, меѓу потребата да се зачува сопствениот идентитет и потребата да се биде дел од големата културна синтеза на Запад, се движи македонската археологија со акцентирање на фактот дека во последните неколку години оваа професија во Македонија ја достигна својата оргазмична пермутација во многу варијанти, од кои секако најпрофитабилна е онаа во која “молчењето е злато”.

Дали ние како археолози, историчари, историчари на уметноста, антрополози, етнолози треба да одмавнеме со рака дека не не` интересираат тековните настани во историскиот развиток на едно општество и тоа во моментите кога одредени артефактите од минатото се употребуваат да се оправда или негира нечиј ентитет? Или наместо тоа треба да го употребиме сето свое знаење и активно да се вклучиме во сите битки каде очевидно на некои термини им се придава преголемо политичко значење? До сега не сретнав издржан критички осврт на оваа тема од моите колеги, со чест на неколку исклучоци чие мислење сметам дека е се уште млако и не стигнува до капацитетот на општата популација. Критичкиот осврт за една ситуација мора да постои па макар бил и на моменти нереален. Оти во отсуство на такви записи никогаш нема да остане забележано како некој настан во одреден временски период бил прецепиран од сите засегнати страни. А да не зборувам за јавни дебати, округли маси и работилници каде моите колеги би се собрале да разменат мислење на темата која моментално предизвикува најмногу реакција – “(зло)употребата на минатото за поттикнување на сопствениот идентитет”. Оти кај нас добра дебата не само на оваа, туку на било која тема се прави само “тогаш кога ќе се најдат доволно квалитетни археолошки умови” на едно место. Што за жал е вистинска реткост.

Каде се реакциите на македонското археолошко научно друштво и каде се сите тие “силни” археолози да го дадат своето мислење по повод одредени настани кои го засегаат културното наследство на Македонија, а ни се случуваа во изминатиов период. Поради професионалната природа на својата одговорна работа, археолозите се должни и имаат обврска да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое случување. А не да одговараат како папагали на договорени интевјува пратени во ворд од страна на некој новинар со текстови кои без било каква критичка рецензија само ја надополнуваат апатијата на македонската археологија. Она што ја отсликува македонската археологија во последните години е безбедното стоење по страна без ниту еден сопствен став или коментар за културното наследство кое ги засега сите, а најмногу нив како професионалци. Со тоа што не се искажува јавно ниту еден став, се манипулира со културното наследство кое не смееме да заборавиме дека не ни прапаѓа само на нам.

Доста ми е од самопрозвани стручњаци и стручни консултанти од областа на археологијата и културното наследство, од презентирање на културно наследство само преку интервуја, и на секој можен начин обегнување на аналитички ставови. Доста ми е од археолози-херои на кои се гради прикаската што има малку допирни точки со археологијата и нема врска со реалноста. Доста ми е од вакум во информациите за минатото кои треба да понесат порака за иднината. Сметам дека една наука како археологјата треба да допринесе во кочење на национализмот кој се буди со тоа што самите ние како научници имаме можност преку огромен број на достапни медиуми да го шириме знаењето за сите култури, “тукашни или странски” кои имале влијание врз денешното општество. Исто како што се сите засегнати со моменталната ситуација во Ирак и спасување на локалитетите кои своевремено ги поплавил Садам Хусеин.

По сите еволутивни текови од археолошката мисла и пракса, оваа наука е стигната на прагот од едно кружно теоретско патување во кое постстуктуралзимот го сочинува огромниот процент од светската археолошка литература. Бидејќи 21 век археологијата ја сфаќа како текст, а не како предмет. Во таа смисла разберете го и овој мој запис.

9 COMMENTs

  1. […] однос на некое ископување или случување. Во спротивно нивното молчење ќе се третира како потврда за одредена…, кои во последните неколку децении се ентитет кој го […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here