Дома Антропологија Моето патешествие со белешките за трибулумите на Eтнолошката конференција во Охрид

Моето патешествие со белешките за трибулумите на Eтнолошката конференција во Охрид

2,775 views
4

 

Прв пат поинтензивно за трибулумот почнав да се интересирам пред неколку години кога во Белград при посета на мојот колега Јосип Шарич од Археолошкиот Институт при САНУ, тој ми покажа една фотографија од своето летување во Кушадаси, каде оваа алатка била поставена како украс пред едно кафуле.

Потоа на трибулумите се навраќав од време на време, бидејќи се дел од мојата магистерска теза. Еден ден така листајќи статии на интернет, мојот брат кој е етнолог само ме запраша: ,,зар не си ги видела трибулумите во Музејот нa Македонија, таму збутани во едно агле од поставката”. Не требаше да ми каже два пати. Се спремив и појдов до музејот во обид да дознаам нешто повеќе. Му благодарам на колегата етнолог Боре Неделковски, како и на моменталната директорка кои ми дозволија да ги документирам трибулумите и да пристапам до депото на Музејот на Македонија. И оттогаш започна моето патешествие преку библиотеката на МАНУ, Архивот на Македонија, непубликуваниот фонд на Русиќ, домашната и странската литература, за на крај пак да завршам во Белград каде постојат два примерока на трибулуми кои потекнуваат од Македонија, а се наоѓаат моментално во поставката на Етнографскиот Музеј.

На етнолошката конференција во Охрид стигнав благодарение на овој блог и Илина која веќе долго време ја следела мојата активност на интернет. Добив официјална покана со темите за кои требаше да се придржувам и после толку време ми се виде дека е поволен момент да ги изнесам сублимирано резултатите на кои работам веќе неколку години. На симпозиумот во Охрид задоцнив цел еден ден во обид да ја сложам презентацијата со која доцнев, затоа што само 2 дена пред тоа допатував од Словенија каде учествував на еден друг симпозиум наменет за недеструктивните методи во археологијата [ќе пишам де и за тоа 🙂 ].

Прво едно големо браво за напорот и храброста на Институтот по етнологија и антропологија да го организира овој научен собир во земја каде етнологијата е поставена на најниските можни гранки. Потоа и благодарам на Илина која сите овие месеци ми даваше поддржка за темата. И на крајот им благодарам за пофалбите на сите колеги етнолози чие воодушевување од темата беше очевидно. Но јас не направив ништо повеќе од тоа да ја презентирам етно-археологијата онака како што лично ја доживувам. Ослободена од стегите на стручните методолошки постапки кои лимитираат во секој поглед, а забораваат на тоа дека археологијата и етнологијата се науки за животот на сегашните и минатите општества. И не можат да се проучуваат одвоено како што тоа се уште функционира во овој наш систем, посебно на скопската Катедра по археологија каде до пред извесно време немаше ни Е од етнологијата.

А сега да не должам, во прилог постирам мало објаснување за оваа алатка, како и презентацијата со која присуствував на Меѓународна Конференција „Социјални и духовни аспекти на материјалната култура“, 20-22 Септември, 2008 г., Охрид. Текстот ќе го читате во Зборникот кој ќе излезе по овој повод некаде кон крајот на годинава, а најверојатно ќе го подигнам и на блогот.

Кратко резиме:

Во обид да го истражам користењето на камените (пред се делканите кремени алатки) во Република Македонија, како една од технолошките направи кои ги инкорпорирале во себе, се појавија трибулумите.

Трибулумот кај нас попознат како дикањ(а) е земјоделска алатка со која се вршело жито. Археолошките истражувања сведочат дека тој бил употребуван од праисторијата до нашето совремие, од најразлични народи. Со оглед на локациите каде се сретнува, досега тој се поврзуваше со Медитеранскиот појас и се сметаше за исклучиво негов елемент. Се обидов да укажам дека овој тип земјоделско орудие било присутно и на нашата територија, бидејќи етнографските белешки за нашиот регион, како и малиот број на зачувани примероци сведочат за континуитетот и употребата на трибулумот во Македонија најдоцна до 1954 г. …..

[slideshare id=644542&doc=tribulum-1223485134662081-8&w=425]

А, да … Не би била тоа јас ако не споменам дека на конференцијата во Охрид не се појави ниту еден новинар од било каков медиум. Каков ли резил за културата …

4 КОМЕНТАРИ

  1. […] 2008 г. во Охрид, се одржа Меѓународна Конференција ”Социјални и духовни аспекти на материјалната култура”, на која имав своја презентација што подоцна беше […]

  2. […] 2008 г. во Охрид, се одржа Меѓународна Конференција ”Социјални и духовни аспекти на материјалната култура”, на која имав своја презентација што подоцна беше […]

Leave a Reply to Што мајка бара еден етнолог во Македонија » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име