Пред извесно време имаше една емисија на SKY NET Телевизија во која на покана од новинарката Александра Соколовска зборував за релацијата помеѓу домашниот туризам и археолошките локалитети. За оние кои се прашуваат од каде мојата врска со туризмот и зошто се сметам компетентна да зборувам на оваа тема, нема да биде на одмет мало инфо. Додека бев тинејџер мојот татко раководеше со една туристичка агенција. Подоцна додека студирав археологија, скоро 4 години работев во Туристичката Агенција ,,Савана”, се додека не се запишав на магистратура. Потоа останав да соработувам со нив како надворешен консултант, посебно во делот на позиционирање на археолошките локалитети во турите и истите професионално да ги водам и координирам. И за Савана и за други туристички агенции.
Една од таквите тури се случи неодамна со студентите на Архитектонскиот факултет од Скопје. Водењето на студентите по архитектура низ археолошките локалитети по светот не ми е прв пат. За мене секоја година претставува своевиден мал пролетен позитивен ритуал. И не би сакала да се откажам од него. Тука користам можност да го промовирам нивниот блог под наслов ВОЛ (Високо Образувани Личности) на кој тие честопати ги постираат доживувањата од нивните тури низ Македонија и пошироко, пропратени со ведар текст и дузина фотографии.
Посетата на античките градови во Мала Азија имаше за цел блиска средба со архитектонските објекти кои студентите ги учат претежно по предметот ,,Стар век”. Така патешествието почна од Троја, а продолжи со Аклепионот и Пергамон. Потоа дојдоа на ред Приене, Дидим и Милет, за да на крај турата кулминира со посета на античкиот град Ефес, куќата на Мајка Богородица, Храмот на Артемида (едно од седумте чуда на стариот свет) и гробот на Апостол Јован во Селџук, денеска инкорпориран во базилика која ја подигнал царот Јустинијан.
Студентите оваа прошетка веќе ја пропратија со неколку постови на кој можат да се најдат стотици фотографии, а јас им ветив дека од најдобрите фотки ќе им направам видео клип како поклон за нивната предсесиска журка на почетокот од јуни. Дел од овие фотографии веќе можат да се видат на мојот албум на Google Picassa и се слободни за превземање.
Исто така би сакала да ги известам дека по препорака на нивниот декан, а по сугестија на асистентот Радевски, ја купив книгата ,,Ancient Civilizations and Ruins of Turkey” од Ekrem Akurgal. Кој сака да ја фотокопира, слободно нека ме побара на контактите од блогот. Книгата е практична и покрај концизните текстови, може да се употреби како одличен водич бидејќи има планови на архитектонски објекти од скоро сите познати археолошки антички локалитети.
Ми беше чест што водев една таква група на мили, фини, образувани и пред се инвентивни идни архитекти. Жалам што не можев да ги удостојам сите со моето присуство, но се надевам дека во иднина тоа ќе го корегираме.
Поздрав до сите студенти на Архитектонскиот Факултет во Скопје. Посебно до оние од втора година. 🙂
Оваа фотографијата сведочи за лесната трансформација на еден студент по архитектура во неприметлив локалец од Малоазиско потекло. 😉
pozdrav i od studentite od 2ra godina od Arhitektonski fakultet