Што е медиум?
Колку медиуми знаете кои можат да ви пренесат порака?
Што е поважно – медиумот или пренесената порака?
Аксиома
Секоја подлога (површина) па дури и амбиент, реален или виртуелен, која може на мене да ми пренесе порака – е медиум. Исто како што е уметност секој материјален објект кој на нас ќе ни предизвика фокус на визуелно набљудување и пред се – уживање.
А сега малку теоре(ма)тизирање
Со текот на времето, од праисторијата па до денска медиумот кој пренесува некаква порака се менувал. Прво тоа било дрвото, па рогот, па каменот и керамиката. Подоцна тоа станале иконите, маслените платна, фотографијата, весниците и седмата уметност.
Наеднаш се појавува една поинаква подлога чии информации стигнуваат до сите луѓе. И веднаш читаме нервозни предупредувања за тоа како овој медиум треба да се земе со резерва бидејќи не е медиум, а неговите администратори не се новинари. Чуму тогаш толкава врева. Можеби затоа што постои начин кој обезбедува пристап до милиони луѓе, без за него да и се плати даночна стапка на државата? Или затоа што постои паралелна подлога која ни отсликува уште една поинаква верзија на реалноста? Да не кажам верзија која е всушност најблиска до реалната, оти понекогаш дури и вистината може да биде почудна од фикцијата.
Хартијата не е вечна, ама богами кешот на гугл знае да биде ,,злопамтило”. Така овие написи остануваат засекогаш на интернет да посведочат дека освен официјалната, постоела и една друга реалност. Некому допадлива или не, нормално во зависност од позиционираното седиште кое ни дава своја верзија на гледиштето.
Блогерите се коректори на едно општество и на сите пропратните аномалии кои никој јавно не ги споменува или пак ги прерипува. Ниту се ,,медиум за информација” како што се тоа весниците, ниту настојуваат во тоа да се престорат оти ќе загубат од основниот шарм. А тоа е дека – ,,Блогот треба да биде гласот на народот”, а не на неколку поединци по весниците и ТВ медиумите кои ги пласираат информациите во јавноста.
За прв пат во историјата на човештвото на луѓето им е дадена една моќ. Oд повеќето моќи кои можат да се набројат, веројатно најсилна е моќта да се каже сопствениот став. Блогерите имаат право на свое мислење без да одговорат на ниту едно поставено прашање, ако тоа го посакаат. Но блогот е само една од илјадниците форми на интернетот, прилично моќна, каде покрај индивидуално, може да се сретне и колективно мислење за една одредена работа, што никогаш нема да се случи со мејнстрим медиумите. А иницијаторот на идејата е скоро секогаш во директна спрега со своите читатели и коментатори обидувајќи се во фит бекот да одбрани, докаже или надмине некој свој став. Затоа и го почитувам правото на блогерот да излезе со ник или со вистинско име, што е помалку важно во споредба со значењето на неговото мислење за одредена тема или ситуација.
And now the breaking news. Замислете според нечии критериуми од денеска јас сум Македонски канал за културно наследство , бидејќи од Археоблог и онака започнува сe она што треба да значи популаризација на културното наследство. Но јас сум некој многу чуден канал. Кога ќе се помножам, поделам и соберам, одеднаш се метаморфозирам во алгоритам кој прави невообичаени интимни односи со блогосверата. Згора на тоа ме сакаат пребарувачките алатки на Интернет и моите постови се појавуваат на првите страници од google.
Сега кога сум комплетно независна на своја платформа, не можеш да ме замолчиш, не можеш да ме забраниш, не можеш да ме уништиш. Го нема повеќе ни Трендо да ме банира на Блогерај, а ниту Блогер МК да паѓа. И како дури сега ќе ме разликуваш од оние кои се ,,вистински медиуми”?
Ова е само еден мал дел од мојата перцепција за тоа што е блог, оти е крајно глупо да се поставуваат било какви дефиниции. Претпоставувам на крајов од текстов се прашувате каде е тука Гебелс во целата оваа прикаска. Истиот оној Гебелс кој толку многу придонел за ,,развојот на медиумите”. Епа него го загинав помеѓу илјадниците написи, блогови и сајтови, врежени и линкани на еден медиум, кој всушност и не е медиум, а чија витруелна митоза е побрза и од најпрефриганата местастаза.
Добредојдовте во нашиот свет 🙂
Напомена – текстот е директно инспириран од коментарот на Роберто Беличанец оставен на блогот Комуникации и колумната на Венко Андоновски – Гебелс и Камениот Медиум.



