Дома Антропологија Богатството на фондот Русиќ во МАНУ

Богатството на фондот Русиќ во МАНУ

4,511 views
6

 

Тоа е нешто што под итно треба да се дигитализира и да стане јавно добро. Еден човек, љубител на македонскиот етнос, доктор на науки и професор на Катедрата по етнологија, соработник на Институтот за фолклор и што ти уште не – оставил богатство зад себе. И сето тоа се чува во Државниот архив при МАНУ. И достапно е. Ама како е достапно!

Прикаската започна едно утро со потрагата на еден ракопис од Бранислав Русиќ кој ми го препорачаа колегите етнолози во Музејот на Македонија. За да користите некаков податок од фондовите кои се наоѓаат во Архивот на МАНУ морате прво да пополните пријава со сите лични податоци, референцата која ја барате, како и насловот на трудот за кој ви е потребна, со цел еден ден и тој да се најде во нивниот книжен фонд. По неколку дека на седница се одлучува дали ќе ви дозволат пристап до материјалот и ве известуваат на некој од контактите кои сте ги оставиле. И voilà, вашето истражување може да почне.

Тука не смеам да ја изоставам и љубезноста на вработените во МАНУ кои на секаков можен начин се обидоа да ми помогнат. Ако патот ве наведе натаму, можете да ги користите нивните простории дури и да не позајмите никаква литература од библиотеките. Можеби не е екстравагантно наместено (како што би доликувало на една државна академија) ама од друга страна мислам дека просториите им се сосема доволно осветлени и затоплени да можете на раат да читате и работите.

Но да се вратам на фондот на Бранислав Русиќ. Тоа се записи од кои можат да учат не само етнолозите туку и сите археолози, историчари и проучувачи на општествените науки. Некои од записите до кои успеав случајно да налетам се однесуваат на : Личните имиња во Македонија, Мариовската народна носија, Македонските гуслари, Поштенската служба во турско време, Неколку зборови за нашите Черкези, За нашите народни верувања, Некогашните ветерници во Македонија, Дали Мијалците биле племе, Грците во Пехчево, Народни направи за лупење ориз, Македонски народни ора, Народните обичаи во Охридската котлина и во Преспа, Обреди и обичај на маскирање во Македонија и многу друго…

Човекот не штедел зборови во неговите етнолошки белешки кога сакал да го долови духот на македонскиот народ, неговиот живот и верувањата. Ние воопшто не сме свесни какво богатство оставил тој зад себе  во вид на објавени и необјавени ракописи,  книги, статии во новини, научни текстови, белешки во тетратки, фотографии, кракометражни филмови и писма (преписки) со фамилијата и колегите. Во еден разговор со вработените дознав дека дел од етнолозите при Институтот за етнологија (сега и  за антропологија) пред неколку години имале обид за некој проект со кој би се дигитализирала оваа богата ризница на Русиќ.

Еве јавно се обраќам до Владата на Република Македонија и до Министерството за култура кои треба да го започнат тој долго зборуван и фамозен проект за Дигитализација на културното наследство (1,2,3,). Вклучете ги тука и Фондовите кои се наоѓаат во Државниот Архив на МАНУ. Сметам дека ова е доста погоден момент за еден сегмент кој и те како ни е потребен, а кој би помогнал да се осветли дел од македонскиот идентитет граден и негуван со столетија.

И не е се до парите. Има нешто и во блоговите. 😉

Текстот го поставив на Кајмакот со цел дека апелот би стигнал до повеќе луѓе. За постот можете да гласате тука.

6 КОМЕНТАРИ

Leave a Reply to Моето патешествие со белешките за трибулумите на Eтнолошката конференција во Охрид » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име