Дома Археологија Културно наследство наместо веронаука

Културно наследство наместо веронаука

1,337 views
0

 

Бев замолена да го поставам ова писмо на мојот блог. Живо ме интересира дали ќе има реакција од ваша страна и каква ќе биде таа.

Воведувањето веронаука во училиштата отвора големи дебати. Дали нејзиното изучување е вистински чекор во изградбата на личности кои ќе го движат идниот културен, научен и вкупен развиток на Македонија? Религијата на верниците им наметнува одреден критериум на однесување за да бидат елиминирани неморалните појави во заедницата и да се воспостават вистински и потврдени вредносни системи. Религиите имаат богато уметничко творештво, чие познавање како културно наследство или идентитет на земјата е интелектуален престиж. Но религиозните учења во својата суштина имаат неменливи концепти за многу од природните појави и феномените на живеењето. Денес искуството на човештвото е многу пообемно. Воведувањето веронаука во образованието во Македонија ќе доведе до мешање на сакралните и профаните аспекти од животот и неминовно до конфликт меѓу религиозните мисли и научните сознанија. Се отвора и можност за религиозен јаз помеѓу учениците од различна вероисповед, кога се обидуваме да создадеме мултиетничко и мултирелигиско општество со европска перспектива.Историја на религијата како алтернатива нуди поинаков пристап и делумно ги решава проблемите, но не одговара на прашањето зошто е потребно државата да посветува толку големо внимание на религиите кога на поголемиот број верници не им е потребно посебно теолошко образование за да ја негуваат сопствената религија.

За оние што сакаат да ја проучуваат теолошката мисла има посебни училишта. Ако поентата на воведување веронаука или историја на религијата е учениците да ја запознаат суштината на христијанството, исламот или друга религија, има „безболен“ начин за тоа. Наставен предмет за изучување на културното наследство на Македонија нуди нова перспектива во образованието и решение и за други суштествени проблеми. Идните генерации ќе се запознаат со уметничкото, историското и археолошкото богатство на државата. Предметот нуди едукативна наградба за многу аспекти од животот и творештвото од праисторијата до денес. Сите ќе знаат од каде се и од кога се скулптурите пред Владата, дека Македонија има огромно културно богатство кое нуди одлични можности за научна работа и за туристичка промоција. Би се изучувало културното наследство што е резултат на религиозно творештво, а со тоа основните елементи од учењето на овие религии. Неспорно еден ученик повеќе ќе сака да ги научи причините за архитектонските и декоративните концепти на религиозните објекти. Повеќе интригира зошто е така декорирана Шарената џамија во Тетово, зошто е таков мозаикот во големата базилика во Хераклеја или која е уметничката вредност на фреските во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези.

Запознавањето со археолошкото богатство, со уметноста и со религијата нема да ги одвои учениците од различна вероисповед. Ќе им овозможи да развијат чувство дека културното богатство на државата е нивно културно богатство, дека не може да се дели на македонско, албанско, српско, грчко или друго, дека највисок израз на примитивизам е глобалните вредности од минатото да се присвојуваат или делат по етнички, рамковен или друг критериум. Ќе се јави одговорност кон тие вредности како единствен индикатор за степенот на цивилизираност на една средина. Така никој нема да дозволи повторно да биде запалена џамијата во Прилеп, осквернавена црквата во Матејче и ограбени локалитетите во Прилепско или пак во гевгелиско-валандовскиот регион. Поради армијата историчари на уметноста и археолози кои и по дипломирањето, па и по магистратурата се невработени, идејава може брзо да се реализира, а и да им го реши егзистенцијалниот проблем на овие интелектуалци. Грција, како земја на Балканот со најекспонирано археолошко богатство, на наставниот предмет за изучување на културното наследство му се посветува особено внимание. Грчките власти одамна сфатиле дека културниот и националниот идентитет се создаваат преку културното наследство. Во последно време има позитивни сигнали дека и нашата власт се’ повеќе го разбира ова.


Студентско археолошко здружение „Аксиос“

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име