Home Археологија Метаморфозите на Скопското Кале

Метаморфозите на Скопското Кале

7,810 views
1

Во срцето на Скопје покрај водите на реката Вардар каде древните вистини се проткајувале низ едно мало парче земја, шармантно се издига монументална тврдина. Со својата местоположба која доминира над околината, опкружена е со бедем во форма на триаголник граден и обновуван со милениуми, кој всушност представува симбиоза на повеќе техники и градби.

Кога древните сончеви зраци за прв пат паднале на она што денеска го познаваме како Скопското Кале, ги осветлиле моментите на енеолитската цивилизација. Тоа се случило некаде околу 3 000 година п.н.е. Потоа прастарите цивилизации од некои мистериозни причини го одбегнувале ова место за повторно да го населат во годините некаде помеѓу 7 и 6 век п.н.е. кој одговара на железното време и преминот кон раната антика.

Скопското Кале – изгубениот град Јустинијана Прима?

Необично но многу интересно, животот се одвивал континуирано се до преодот од 4 во 5-ти век кога населбата била напуштена. Потоа доаѓаат неколку векови на хијатус, што археолошки се огледува во недостаток на материјална култура од тие периоди. Нема населување, нема населби, нема предмети. Нема дури ни записи. Само нем сведок за присуството на еден голем император е дел од фортификациониот систем кој е монументален и се разликува од преостанатите средновековни делови на обѕидието. Изграден од големи правоаголни камени блокови многу потсетува на градбите кои во тој стил кој ги подигнувал величенствениот предводник на Источното Римско Царство, најсветлото сонце на Византиската Империја – императорот Јустинијан Први.


По катастрофалниот земјотрес кој во 518 година го погодил подрачјето на древниот антички град Скупи и неговата колината, животот во градот замрел и не продолжил никогаш повеќе. Голем дел од градежниот материјал на римските градби од Скупи бил изваден и однесен на некое друго место. Се претпоставува дека во тој период, што се поклопува и со мислењето на еден голем англискиот патеписец Артур Еванс (Arthur Evans), тврдината Кале била акрополата, т.е. Горниот град на еден се уште фамозно изгубените градови во бескрајниот временски простор на археологијата. Така во челниот ѕид на Калето може да се видат стотици вградени делкани блокови, делови од римски градежни елементи, столбови, плочи со римски натписи и друго. Се претпоставува дека овој дел од ѕидот потекнува од 6 век и дека тоа се остатоците од акрополата на највеличенствениот град што некогаш го изградил императорот Јустинијан Први – Јустинијана Прима. Но, дали е така?

Калето престолнина на царевите

Во византиско-словенскиот период (X-XIV век) Скопје представувал значајна крстосница на големите трговски патишта, значајно стратегиско, но и погранично упориште. Градот бил поделен на Горен Град и Долен Град. Во Горниот град била издвоена военоуправната елита, а во Долниот град живеело цивилното население.


Кога историчарите пробале да го реконструираат периодот на средниот век, сите настани кои биле поврзани со постоењето на градот, укажувале исто така на уште еден голем владетел. Така историјата на тврдината од словенскиот период се поклопува со владеењето на царот Самоил, кога Скопје доминира како важно стратешко место. Но за жал од историски записи за Самоил во врска со Скопското Кале не можеме да дознаеме ништо повеќе и единствен материјален доказ од ова време е дел од бедемот, како најстара зачувана фортификација од X век.


Од XI век имаме исто така монументални ,,киклопски ѕидови”, обложени со големи травертински квадрати чија внатрешност е исполнета со кршен камен залиен со малтер и граден во техника позната како opus quadratum.


Периодот на XII век се совпаѓа со владеењето на моќната византиска фамилија Комнени, кои не оставиле само печат на ѕидините од Скопското Кале, туки и во религиозно-уметничкиот живот на овој дел од империјата градејќи го и живописувајќи го манастирот Св. Пантелејмон, крај Нерези, во близината на Скопје, ремек дело на византиската уметност.


Од крајот на XII до крајот на XIII век во низа воени акции, Византија ги губела и ги враќала балканските територии кои ги имала дотогш. Историските, политичките и економските услови ги искористиле словенските соседи, Србите и Бугарите, со цел да ја прошират својата власт над Македонија. Српскиот цар Душан отишол до таму што своето крунисување ни повеќе ни помалку, го направил токму во Скопје.

Доаѓањето на османлиите

Но, сето тоа траело се до 1392 година кога градот и власта ја превземале османлиите и тука останале петстотини години. Во турскиот период и подоцна, Горниот град послужил за стационирање на градскиот гарнизон. Подетален опис за тогашната тврдината – Горен град ни дава познатиот патеписец Евлија Челебија велејќи: ,,Тоа е утврден град, со цврста и јака утврда, со двојни бедеми. Градската порта и бедемите се изградени од делкан камен кој свети како да е полиран. Опкружен е со седумдесет бастиони и три железни порти на југоисточната страна, а во предворјето на секоја висока порта се наоѓаат многу стражари. Вратата и ѕидовите на тоа предворје се накитени со со разно оружје и алати потребни за оружјето ”.


На источната, југоисточната и северната страна се наоѓале длабоки ровови. Пред влезната врата, над ровот, минувал дрвен мост кој може да се види и денеска. Стражарите понекогаш го кревале тој мост со помош на чекрк и така создавале непрооден јаз пред портата. На неа пак имало натпис во кој стоело дека таа е преправана.


Во ваква состојба 1689 година тврдината ја затекнал и австрискиот војсководец Пиколомини. Во неговото писмо упатено до царот Леополд вели: ,, … тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, нема простор за коњица…”. Но сепак тоа не го спречило Скопје да го запали до темел.


Во XIX век патеписците велат дека на тврдината биле сместени само магацини, барутани, воена болница и затвор.

Новиот живот на Калето

Во 1963 година кога Скопје доживува катастрофален земјотрес тврдината претрпува големи оштетувања. Поради тоа се превземени мерки за конзервација и реставрација на неговите ѕидишта и кули и денеска е реставриран 121 метар од надворешниот бедем, некогашната округла кула, а четвртестата и триаголната се само делумно реставрирани.


Голем дел од конструкцијата на одбранбените ѕидови од византиско време содржела градежен материјал каде биле употребени поголем број на фрагментирани и цели надгробни епиграфски споменици кои потекнувале од античкиот град Скупи. При изведување на конзерваторските работи на тврдината, извесен број од овие споменици е изваден и денес може да се види во Музејот на Македонија, во Скопје. Просторот на некогашниот Горен град, денеска археолошки локалитет и дел од националното културно богатство, уреден е како парк од каде граѓаните и туристите можат да доживеат прекрасен видик кој се простита од десната страна на реката Вардар кон сега веќе новиот град.


Текстот е репринт. Тоа е еден од почитаните постови на мојот претходен блог. Го ,,репризирав” по повод ископувањата што започнаа на Скопското Кале

1 COMMENT

  1. […] Метаморфозите на Скопското Кале Почнаа ископувањата на Скопското кале (или турбо фолк национализам) Пуштена web страницата за ископувањата на Скопско Кале Скопско кале – галерија на наоди – И предметите зборуваат зар не? Зошто да појдеш до Музеј на град Скопје и да ја видиш поставката за Скопско Кале […]

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here