Текстот е публикуван во книгата – В. Димитровска, 2008, Археолошки дневник, Аквариус, Скопје, 9-14.
Кон крајот на 15 век Македонија, Србија и Босна и Херцеговина веќе биле потпаднати под владеењето на Турците. На овој балкански простор, паралелно со турската власт и исламизацијата, се развила уметност која суштествено се разликувала од традицијата на христијанската култура. Завземајќи значајно место во културата на Македонија, оваа исламска уметност своите корени ги влече со векови наназад.
Во 7 век од нашата ера во Арабија се родила една нова религија. Тоа бил исламот. Исламските војници секаде каде што проаѓале по освоените територии, зад себе подигнувале и оставале архитектурални дела во вид на џамии или мошеи. Честопати се случувало во недостаток на локација или прикладна архитектура, да ги адаптираат веќе постоечките христијански градби. Внатре во џамијата се наоѓала некој вид на апсида за молитва што тие ја нарекувале михраб и проповедалница – минбар. Пред џамијата постоело двориште опкружено со тремови, а во неговата средина била чешма. Покрај џамијата се градел четвороаголен, повеќеаголен или кружен висок минарет.
Првите џамии имале облик на византиските дела. Всушност тие биле имитација на источно римските централните градби со голема купола, која во почетокот била кружна, а потоа добила изглед на лак. Биле изградени на Блискиот Исток, во Сирија и во Палестина.
Надворешноста на една џамија е честопати едноставна, но во внатрешноста на градбите доминираат делови и мебел кои се богати со украси. Меѓу нив најглавни се арабеските. Тоа се орнаменти каде што фантастично се испреплетуваат растителните со геометриските мотиви, пропратени со испишани реченици од Куранот. Орнаментите можат да бидат сликани или клесани, т.е. делкани од камен, дрво и тула, а честопати обоени и позлатени.
Според муслиманската вера во нивните верски објекти не смее да се претставува човечкиот лик. Така никако не можала да се развие фигуралната и на место неа во прв план избила декоративната уметност.
Едно од ремек делата на исламското градителство претставува дворот-тврдина на маварските владетели, во Алхамбра, кај Гранада во Шпанија. Има двор опкружен со отворени тремови носени од витки столбови. Лаковите имаат облик на потковици, а главиците од столбовите и сите ѕидни површини се прекриени со арабески. Во средина на дворот е поставена фонтана во облик на голема чинија со водоскок, а ја носат дванаесет лавови од црн мермер.
Подоцна, кога Турците – азиски народ кој го попримил исламот, го освоиле Цариград, престолнината на Византија, повеќето од христијанските цркви ги преуредиле во џамии. Благодарение на тоа сочувани се некои од најзначајните дела во византиската уметност во периодот помеѓу 6 – 15 век. Меѓу нив спаѓаат Света Софија, подигната од царот Јустинијан Први во средината на 6 век, и Кахрие Џамија, оригинално посветена на Богородица и Христос од Хора (Хора – област од Истамбул), каде и ден денес може да се видат фреските кои тука се изведени во техниката на мозаик.
За време на владеењето на могулот, во Индија продрела исламската уметност. Во годините помеѓу 1630-1648, шахот Џехан во близината на градот Агра подигнал мавзолеј во чест на својата љубена жена. По богатството на облиците, фантазијата на украсите и локацијата во парк со езерца, оваа градба од бел мермер претставува бисер на персиско индиската архиректура. Оваа гробница-мавзолеј е позната под името Таџ – Махал.
Со доаѓањето на Турците на Балканскиот полуостров, поточно во земјите на југоисточна Европа каде спаѓа и Македонија, до израз дошла уметноста на исламот во овие краеви. Тогаш се создале значајни споменици, различни видови на јавни и трговски згради, џамии и други видови на објекти.
На територијата на Македонија најстарите џамии се подигнати во 15 век, честопати од турските управувачи – паши и бегови. Изградени во брусински стил инкорпорираат примеси од византискиот начин на градење – сменување на камен и печена глина, додека декорацијата во внатрешноста е редуцирана. Во овој стил се направени Исак-беговата – наречена Алаџа Џамија, и Џамијата на Султанот Мурат Втори, обете во Скопје. Мустафа-пашината џамија (1492) исто така лоцирана во Скопје е градена во раноцариградски стил, со кој се воведува полукупола, со издолжен молитвен простор и две еднакви куполи. На овој начин е изградена и Шарената Џамија во Тетово, која се вбројува помеѓу најбогато декорираните џамии кај нас.
Подигнувани се и други сакрални објекти како Арат баба теќе во Тетово, кој бил активен до 1912 год. а сега е музеј, потоа гробиштата на ридот Гази Баба во Скопје и др. Профаната или градската архитектура се карактеризира разновидност, функционалност, високи конструктивни и естетски квалитети. Помеѓу нив се издвојуваат Куршумли-ан, Сули-ан и Капан-ан, во Старата скопска чаршија, а Даут Пашиниот Амам денес е Национална галерија.
Се разбира дека ова е само мал сегмент кој исламската уметност го оставила на територијата од денешна Република Македонија и не е возможно се да биде опфатено на едно место. Како дел од нашиот секојдневен живот, потребно е на овие споменици да им се даде можност самите да почнат да ја раскажуваат историјата, а не да останат игнорирани и неми пред неа. Пред нашите очи имаме изобилство на облици, и како и секое друго културно богатсво не смееме да го оставиме да тоне во вечноста.
[…] скопска чаршија – пази, пази да те кола не прегази – Уметноста на исламот во Македонија var addthis_pub = 'addthis'; var addthis_language = 'en';var addthis_options = 'email, favorites, […]