Posts Tagged ‘уметност’
ONN/OFF мислења
Со извртени реченици на дискутантите извадени од контекст и непотполно цитирање, весникот Време се обиде сосема несериозно да даде осврт на дебатата која во рамките на ONN/OFFLINE Фестивалот се одржа во Точка во четвртокот.
Темата која е доста ранлива и повлече многу прашања во однос на Порталите за Култура во Македонија, пред се беше фокусирана на нивната мала посетеност. Eдно од најважните прашањата според мене “Како мислат порталите за култура да ги заинтересираат корисниците да ги посетуваат, ако не ги вклучат, поточно инкорпорираат во интерактивни дебати на својот сајт (како што тоа го прават најдобите весници во светот)”, воопшто не се обработи до крај. И покрај тоа што во дебатата учествувавме повеќе блогери со свое мислење, заклучокот на крајот се наметна самиот:
1. Во Р. Македонија постојат неколку портали на кои се дистибуираат информации од културата.
2. Единствениот од нив кој оди двојазично (на македонски и на англиски) culture.in.mk не произведува, туку пренесува/преведува вести.
3. Потребно е поголемо интерактивно вклучување на луѓето кои создаваат културни вредности во вид на сопствени мислења, анализи, критички ставови, па дури и само фотогалерии. Под оваа ставка пред фестивалот беа отворени 2 пропратни блога (1, 2) за кои не сум сигурна дека се решение на проблемот, но за почеток се добра основа за надградување.
4. Слабата запознаеност и недоволната информираност на уметниците и на сите оние профили од стручњаци кои работат во културата, со предностите кои ги нуди интернетот. Вклучително со достапните алатки кои на многу брз начин ја произведуваат, но и ја шират информацијата. За ова секако најзаслужна беше презентацијата на Дебора на почетокот од дебатата.
Под бесплатни алатки на интернет се позразбираат сите платформи со отворен код (пр. wordpress или joomla) на кои може да се изгради веб сајт или блог, платформи за микроблогирање (twitter), социјалните мрежи (ning, facebook, myspace и др), складишта на фотографии, видеа и презентации (youtube, flickr, photobucket, slideshare) итн. Можностите кои се отвораат на корисниците со сајтовите од генерацијата Web 2.0, лиценците на Криејтив Комонс и бесплатните алатки, овозможуваат да се создадат и споделат информациите за културата, уметноста и културно наследство кои долготрајно гледано можат да бидат мошне значајни. Секако доколку не бидат повлечени од интернет архивите поради одредени причини.
Неоспорен факт е дека на Р. Македонија и фалат портали за култура. Непостоењето на Портал за Културно наследство, отсуството на веб страници на музеите (имено само 2 музеја имаат свои веб сајтови 1, 2) и дистибуција на информациите само на македонски јазик преку дневни весници, некои специјализирани портали и блогови не е решение за проблемот кој Македонија го има во 21 век со претставувањето на својата култура на интернет. Во секој случај culture.in.mk потегнаа една добра идеја, се надевам дека ќе ја туркаат и понатаму.
Дополнување:
10 Веб сајтови кои ќе извршат влијание во 2009
Веб сајтовите мора да се зачуваат заради историчноста на настаните
Клучни зборови: online, offline, фестивал, интернет, култура, блог, веб, дебата, Точка, Скопје, Македонија, festival, internet, culture, blog, web, debate, Tocka, Skopje, Macedonia
Адам од Македонија
На почетокот беше земјата. Таа се престори во глина. Потоа од неа стана фигурина. Рацете која ја направија – ја возвишија. И Адам ја нарекоа. Една мала керамичка фигура на машко торзо во седечка положба веќе неколку години ја бранува научната јавност. Откриен во 2000 год. при археолошките истражувања на локалитетот Говрлево (крај Скопје), на пошироката публика за прв пат и беше презентиран на 30 Септември, во рамките на манифестацијата ,,Бела ноќ”.Фигурината стара 6000 години представува една од десетте уникатни археолошки наоди во светот и веднаш по самото пронаоѓање го доби епитетот – милениумско откритие. На почетокот храбро наречен ,,Адам од Говрлево”, за потребите на правење македонски бренд, беше преименуван во ,,Адам од Македонија”. Според зборовите на неговиот пронаоѓач, археологот Милош Билбија, во него: ,,вајарската инвентивност е толку силно сугестивна да гледачот од денешнината лесно препознава порака стара шест милениуми. Со самото тоа, на склуптурата и припаѓа антологиско место во светската ризница на уметноста.”
Иако на моменти подсетува на познатата статуа на Роден – ,,Мислителот”, Адам има необична уметничка обработка со која ова машко тело поставено во седната позиција има нагласена анатомија, длабоко вовлечен стомак, истакнат папок, добро дефинирани мускули, видлив `рбет, па дури и скршен пенис. Кога ќе ја погледнете оваа фигурина, едноставно не можете да останете индиферентни на неа. Нецелосно сочуваниот обид за представа на маж фатен во момент на физичка или духовна активност, никого не остава рамнодушен.
Дали е можно во времето кога била почитувана Големата Мајка Богинка, да се создаде ваков уникатен наод со начин на представување нетипичен за периодот од човековата историја означен како матријархат? Во непосредна близина на Големата Божица која ги знаела одговорите на молитвените молби, се појавува еден прецизно изработен Адам како опонент на репрезентите на цела една култура. На само чекор до нас, од другата страна на Водно, во светот на тишината каде само симболите зборуваат, Адам од Говрлево се обидува да ни пренесе некоја порака стара илјадници години.

Во историјата на уметноста скоро сите фигурини од праисторијата се симболични и пренесуваат некое филозофско размислување на културата која ги направила. Тоа е време на симболика, каде зборовите го губат своето значење. Сите се согласуваат дека се надофат за толкувањето на Адам, но се чини дека останува енигмата која тој ја носи со себе. За сега се судруваат повеќе мислења и толкувањата на археолозите се најразлични. Ако се предпостави дека со нагласувањето на анатомијата древните жители сакале да пренесат некоја поинаква порака, тогаш можеби треба да се земе во обзир внесувањето на духовна димензија во човековото битисување.
Доколку некогаш сте се обиделе да направите фугурина која би ви го отсликала комплетно светогледот околу вас и личното доживување на истиот, би забележале дека ви се потребни многу љубов, внимание и умешност. Но понекогаш ете потребна е само една мала фигура да ни ги промени реперите за уметноста и создавањето на светот.
Овој наод од непроценлива вредност веќе означен како монументално ремек-дело со експилицитно реалистична уметничка форма, може да се погледне во поставката на Музеј на Град Скопје. Со огромна естетска вредност, совршен во својот израз, отворен кон светот, да се надеваме дека Адам набрзо ќе си го пронајде своето место во антологијата на историјата на уметноста.
Текстот беше публикуван во едно од македонските списанија, а неговата скратена и преработена верзија e поставена на Макeдонската Википедија.
archaeology, prehistory, art, figurine, clay, Adam, Govrlevo, Macedonia, Museum of city Skopje, Wikipedia, археологија, праисторија, уметност, фигурина, глина, Адам, Говрлево, Македонија, Музеј на град Скопје, Википедија.

















