ВИКИМЕДИЈА МАКЕДОНИЈА

Го потпишувам статутот на Викимедија Македонија

Кон крајот на 2009 година заврши процесот во кој со уште неколку активни членови на Википедија на македонски јазик ја создадовме Викимедија Македонија, организација која е официјален локален огранок на фондацијата Викимедија. Со тоа го озаконивме нашиот повеќегодишен придонес кон македонската верзија на Википедија, која ја подигнавме од ништо и ја доведовме до стадиум на моментални скоро 43 000 статии. Викимедија Македонија е огранок на фондацијата Викимедија за Република Македонија и функционира како граѓанско здружение кое работи во согласност со законот за граѓански здруженија и фондации. Викимедија Македонија е основана на 13 март 2009 во Скопје, а огранокот е одобрен од фондацијата Викимедија на 21 септември 2009. Во меѓувреме, во името на Викимедија Македонија јас имав свој настап на E-society 2009 со темата ‘Јас Медиум‘, додека некои од другите членови исто така имаа активности и локално, но и глобално како учесници на неколку светски конференции од оваа сфера.

Основачите и создавачите на Википедија на македонски јазик
и на Викимедија Македонија (15.01.2011, клуб Ла Кања)

Мојот прв напис на Македонската википедија беше во далечната 2006 година, додека проектот Википедија на македонски јазик постои од крајот на 2004 година. Во рамките на Википедија напишав, поставив, ажурирав или променив стотици текстови, а го започнав и проектотАрхеоМак 2.0 кој резултираше со Портал за археологија. Како активен корисник кој веќе неколку години придонесува за содржините на Википедија на македонски јазик во областа на археологијата и културното наследство, (вклучувајќи го и проектот Археомак 2.0) изнајдов начин да ги спојам овие две работи, со тоа што делумно некои мои постови ги пишувам во духот на Википедија за да можат подоцна да бидат искористени и да се се постават како статија на оваа отворена енциклопедија. Создадов една огромна онлајн архива за македонската археологија која можам да ја повлечам кога сакам и да ја одвојам на посебна вики платформа, со што би се создала веројатно најдобрата интернет архива за оваа наука. Признавам, порано бев поактивна во ажурирањето на написите, но затоа сега повеќе работам на промоција на оваа енциклопедија.

Портал за археологија на Википедија на македонски јазик

Во последните години доста работев на зголемување на обемот на содржини на Википедија на македонски јазик од областа на археологијата. Поставив веројатно повеќе од стотици статии и никулци кои се однесуваат конкретно на оваа наука или на дисциплини и термини поврзани со неа (Археологија, Камено доба, некропола, Археометрија, Радиокарбонско датирање, Археолошко ископување итн). На овој начин се создаде една почетна база која понатаму може да се надоградува, да се развива па дури и самостојно да заживее. Сето ова на крајот резултираше со Портал за археологија кој се најде на насловната страна на Википедија како Избран портал за септември 2007.

Кога почнав знаев дека ова ќе биде напорна работа. Требаше многу од статиите кои се веќе поставени да се прегледаат, преработат, променат, одново напишат, вики форматираат и да се постават во соодветни категории. Упатувам благодарност до сите википедијанци (посебно brest) за несебичната помош во вид на техничка подршка која ја добив од нив. Успеавме на една слободна енциклопедија како што е Википедија да креираме база за археологијата на македонски јазик и со тоа се надевам да споделиме знаење за еден подобар свет.

Ги повикувам сите заинтересирани за оваа наука доколку сакаат би можеле да дадат свој придонес, при тоа почитувајќи ги основните начела на овој проект.

Добредојдовте на Порталот за Археологија

Добредојдовте на сајтот на слободната енциклопедија на македонски јазик.

Добредојдовте на Википедија!