Дома Проекти Haemus journal

Haemus journal

Драги колеги, соработници и научници,

Би сакала да го објавам формирањето на HAEMUS, нов академски електронски часопис посветен на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кој исто така, опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања. Овој часопис базиран на принципот на отворените образовни ресурси, го покренав/ме заедно со колегата Војислав Саракински. Целта е да се соберат и на едно место да бидат објавени најновите достигнувања во областа на балканската историја и археологија, како во однос на методологијата, така и од аспект на содржината. Се надеваме дека различни профили на соработници, како и членовите на Бордовите (Рецензенти и Едитори) кои се занимаваат со различни теми и аспекти, ќе им помогнат HAEMUS да се акредитира како стабилно списание кое може да послужи како извор на знаење на Балканскиот Полуостров низ вековите.

Името HAEMUS е избрано со цел да се покрие територијата на Балканскиот Полуостров низ различни предисториски и историски периоди, со непристрасен концепт и без оптоварување со политика и други неакадемски агенди. Содржината на списанието се темели на чисто академски истражувања и во согласност со највисоките стандарди на истражувањето и професионалното издаваштво.

HAEMUS Journal – Call for Papers 2012

Во почетокот, списанието ќе објавува еднаш годишно, со можност за зголемување на обемот на броеви, во зависност од квантитетот на поднесени текстови. Истражувачките трудови се однесуваат на сите аспекти од историјата и археологијата на Балканскиот полуостров, од предисторијата и антиката до нашето совремие, вклучувајќи ги и студиите на класичната и модерната наука. Списанието ќе ги содржи стандардните рубрики за овие видови на публикации: статии и трудови, дискусии, есеи, биографии, библиографии, рецензии, резимеа, итн.

Статиите се објавуваат исклучиво на англиски јазик, со што ќе бидат достапни на увид на пошироката академска заедница, како и до љубителите на историјата и археологијата, кои ќе имаат можност да ги читаат во електронска верзија.

Добредојдовте на Haemus journal
Официјалниот грб на Хаемус
изработка: Јован Јоноски, хералд 
 

Политиката на слободен и отворен пристап на информации ќе придонесе научните статии да стигнат до поширокиот круг на публика, особено меѓу младите научници, кои честопати имаат потешкотии во добивањето на најновите значајни откритија и истражувања поради екстрмните цените на светските часописи и нивната недостапност.

Уредувачкиот одбор искрено се надева дека квалитетот на статиите, како и сериозниот и темелен пристап на соработниците, ќе предизвика интерес во академската заедница која се занимаваат со историографија, со што ќе помогне да се воспостави долготрајна и ефикасна научна соработка. Сите информации може да се најдат на официјалната веб страна, а достапни сме за консултација и за соработка на мејлот contact@haemus.org.mk.

Основач на HAEMUS Journal
Василка Димитровска