Проекти
Портал за археологија на Македонската Википедија
Во последните години доста работев на зголемување на обемот на содржини на Македонската Википедија од областа на археологијата. Поставив веројатно повеќе од стотици статии и никулци кои се однесуваат конкретно на оваа наука или на дисциплини и термини поврзани со неа (Археологија, Камено доба, некропола, Археометрија, Радиокарбонско датирање, Археолошко ископување итн). На овој начин се создаде една почетна база која понатаму може да се надоградува, да се развива па дури и самостојно да заживее. Сето ова на крајот резултираше со Портал за археологија кој се најде на насловната страна на Википедија како Избран портал за септември 2007.
Кога почнав знаев дека ова ќе биде напорна работа. Требаше многу од статиите кои се веќе поставени да се прегледаат, преработат, променат, одново напишат, вики форматираат и да се постават во соодветни категории. Упатувам благодарност до сите википедијанци (посебно brest) за несебичната помош во вид на техничка подршка која ја добив од нив. Успеавме на една слободна енциклопедија како што е Википедија да креираме база за археологијата на македонски јазик и со тоа се надевам да споделиме знаење за еден подобар свет.
Проблемот со кој се соочува Македонската Википедија (и воопшто кириличните содржини) не лежи во малиот број на корисници, ами во недостатокот на стручни кирилични содржини со кои тие можат да ги поткрепат своите статии и кои би претставувале валидна референца за цитирање. Како активен корисник кој веќе неколку години придонесувам за содржините на Македонската Википедија во областа на археологијата и културното наследство, (вклучувајќи го и проектот Археомак 2.0) изнајдов начин да ги спојам овие две работи со тоа што делумно некои мои постови ги пишувам во духот на Википедија за да можат подоцна да бидат искористени и да се се постават како статија на оваа отворена енциклопедија.
Ги повикувам сите заинтересирани за оваа наука доколку сакаат би можеле да дадат свој придонес, при тоа почитувајќи ги основните начела на овој проект.
Добредојдовте на Порталот за Археологија
Добредојдовте на сајтот на слободната енциклопедија на македонски јазик.
Добредојдовте на Википедија!


















