По кој знае кој пат медиумите ги бранува веста за поставување на споменици низ Скопје или низ Македонија! Последната информација пристигна од општината Гази Баба, која се спрема на постамент на плоштадот во Автокоманда да постави статуа на коњаник.
Каде треба да ја бараме есенцијата за оваа дискусија која во последно време го засегна јавното мислење на македонците. Во манипулацијата со жителите на оваа населба која оди дотаму што тие очекуваат да го видат македонскиот крал Филип II химселф! – бидејќи така им било кажано. Проблемот за ова дискутабилно прашање и покрај тенденциите научниците да го реконструираат и идентификуваат ликот на Филип II лежи во тоа што до сега всушност никој не знае како тој изгледал.
Портрет на Филип II во Глиптотеката во Њу Карлсберг
Може со сигурност да се каже дека античките извори (Демостен, Страбон, Аристофан …) во голема мера се занимавале со делата на Филип II и раскажувале за неговите поврди и рани, но никогаш не го коментирале неговиот изглед. Според Наде Проева, проф. д-р по античка историја ”Што се однесува до изгледот на Филип, досега не е најден ни еден портрет во класична смисла на зборот, а од сите скулптури кои му биле поставувани не е ништо зачувано”. Па така јавната претстава за претпоставениот изглед на Филип II се базира на елементи кои вклучуваат неколу пронајдени артефакти:
1. Мермерната глава во Глиптотеката во Њу Карлсберг
2. Минијатурна глава од слонова коска од Гробницата II во Вергина
3. Железен оклоп со златни украсни ленти од Гробницата II во Вергина
Секако освен склуптурите, тука спаѓаат монетите, медаљоните, претставите на мозаиците (посебно за доцно античките кои во поглед на датирањето се неподобни) за кои постои несогласување во поглед на идентификувањето на македонскиот крал околу автентичноста на неговиот лик.
На сите информации кои постојат денеска, луѓето за блиското минато (18/19 век) едвај може да реконструираат извесни настани или луѓе, а не пак за далечното минатото за кој постои еден, или понекогаш ниту еден запис. Затоа, да се шпекулира со вакви информации е непоштено кон публиката се додека не се интерпретира научно процесот низ кој поминува еден запис или артефакт од неговото пронаоѓање па се до конечната контекстуализација во форма на текст. Ама каде ќе беа до сега квази-државите ако не постоеше квази-наука?!
Византиската архитектура е архитектонски стил која настанал на територијата на Источното Римско царство (во подоцнежните текстови познато како Византија). Територијата на Република Македонија како дел од оваа империја наследила огромно културно богатство, најмногу во форма на цркви и манастири. Ова се неколку мои фотографии на кои се наоѓаат некои од поважните средновековни зданија во околината на Скопје.
Еден проект кој се случил во 1566 година во Венеција е од исклучителна важност за македонската писмена култура. Покрај издавањето на Часословот од страна на Јаков од Камена Река, дознаваме и за врските со печатницата на црногорецот Божидар Буковиќ во Венеција, како и за скопјанецот Кара Трифун кој ја отворил веројатно една од првите книжарници во Скопје каде можела да се купи книгата.
Јаков од Софија на својот ”Псалтир” кој го испечатил во 16 век, напишал за себе: „Аз Јаков от пределех македонских, од места зовом Софија, Крајков син… И аште кому која потреба, всхоштет от светих книг, то вса сија сут принесена в места Скопје, у Кара Трифуна.
(Радмила Угриновска – Скаловска,
Записи и летописи. Скопје 1975. 87-88)
Архивите на МРТВ (Македонска Радио и Телевизија) се невидено богата ризница за нашето културно, духовно и природно богатство. Заедно со архивите на весникот Нова Македонија или Фондот на Бранислав Русиќ во Архивот на МАНУ, стојат заробени со години, спротивно од тенденцијата да се дигитализираат и да се направат јавно добро.
Кога веќе се започнува тој долго зборуван и фамозен проект за Дигитализација на културното наследство (што кај нас трае со години) тука треба да се вклучат сите сегменти кој и те како ни се потребни, а кој би помогнале да се осветли дел од идентитетот граден и негуван на овие простори со столетија.
И не е се до парите. Има нешто и во интернетот и блоговите.
“…ЕЗНИЧКА СТАНИЦА”
Бул. Кузман Јосифовски Питу, наспроти Народна Банка на РМ, Скопје.
Улицата која води накај Министерство за култура, Скопје.
Пред влезот на Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј’, од страната на Бит пазар, Скопје.
Го сакам мојот роден град со сите негови слоевити предности и мани. Но поговорката вели дека може да се побегне од се’, ама не и од сопствената кожа. Па и покрај тоа што Скопје може да биде “разубавен” во иднина со одреден предложен архитектонски план, сепак нема да може да ги скрие последиците од својот “раскошен” космополитизам. Но дупките во овој космполитски настроен град убаво ”запакувани”, може да се искористат и како мамка во алтернативниот туризам?!
Знаеме дека секој град има бизнис центри, населби, предградија… Само разликата помеѓу другите градови и Скопје е што тука може сите набројани компоненти можат да се најдат околу строгиот центар на градот во многу мал дијапазон. Во Скопје ”нијансите” како географски одредници се поблису една до друга, отколку кај другите ”метрополи”. Тоа пак ни говори за една сосема друга димензија на нашата култура. Предградие во центарот на еден град … веќе звучи како примамлива туристичка одредница.