Како дел од приказната по повод 20 години од постоењето на Интернетот, македонскиот сервис на BBC почна да пишува одредени статии во кои се вклучија и некои македонските блогери со свои изјави. Интернетот го смени животот на современата цивилизација во приказна со непознат крај и секој од нас има лична причини како дел од колективната шема поради кои ја користи можеби една од најдобите цивилизациски придобивки. Темата ја иницираше Развигор, ја започна Мите, ја отворија Дарко и Марјан со свои постови, а јас продолжувам во сличен стил:
Да не постоеше интернетот:
1. Немаше никогаш да научам да блогирам а со тоа да ги споделувам јавно моите ставови и размисли за културното наследство и археологијата.
2. Немаше да издадам книга со текстови исклучиво напишани онлајн.
3. Немаше никогаш да ги откријам алатките на новите медиуми како уште едно поле во процесот на детектирање, презентирање и заштита на културното наследство, и со тоа и да имам ефект врз јавното мислење на граѓаните.
4. Немаше никогаш да се појавам на телевизија.
5. Немаше да комуницирам со толкав обем и брзина и да запознаам прекрасни луѓе од кои некои ми станаа лични пријатели или професионални соработници.
Да не постоеше интернетот ќе останев само уште еден обичен археолог во морето на непознати и анемични археолози во Македонија чиј глас воопшто не се слуша, а уште помалку се почитува. Во 2.0 светот, посебно во блогосферата едно од непишаните но најважните правила е интерлинкањето. Па ако веќе го правам ова по сите тертипи, тогаш ги повикувам Окиморон, Гершанина, Џаман, Волан и Букарски да кажат што тие би правеле да го немаше интернетот и како тој им го смени животот.
“…ЕЗНИЧКА СТАНИЦА”
Бул. Кузман Јосифовски Питу, наспроти Народна Банка на РМ, Скопје.
Улицата која води накај Министерство за култура, Скопје.
Пред влезот на Универзитетот ”Св. Кирил и Методиј’, од страната на Бит пазар, Скопје.
Го сакам мојот роден град со сите негови слоевити предности и мани. Но поговорката вели дека може да се побегне од се’, ама не и од сопствената кожа. Па и покрај тоа што Скопје може да биде “разубавен” во иднина со одреден предложен архитектонски план, сепак нема да може да ги скрие последиците од својот “раскошен” космополитизам. Но дупките во овој космполитски настроен град убаво ”запакувани”, може да се искористат и како мамка во алтернативниот туризам?!
Знаеме дека секој град има бизнис центри, населби, предградија… Само разликата помеѓу другите градови и Скопје е што тука може сите набројани компоненти можат да се најдат околу строгиот центар на градот во многу мал дијапазон. Во Скопје ”нијансите” како географски одредници се поблису една до друга, отколку кај другите ”метрополи”. Тоа пак ни говори за една сосема друга димензија на нашата култура. Предградие во центарот на еден град … веќе звучи како примамлива туристичка одредница.
Денеска по тертипите на нашето славење е Стара Нова Година. Денеска е исто така и Василица, мојот именден. Но јас немам ниту една желба за себе. Во мојата душа гори кандилце. Сите мои желби и молитви ги упатувам на оние на кои им се најмногу потребни во моментов, луѓето кои го преживејаа трагичниот катастрофален земјотрес на Хаити.
Message:IT’S NOT A GAME PEOPLE….#HAITI NEEDS US!!!!
Како не им е срам, се претргнавме колку помош ќе испратиме. Можеме да скратиме некое милионче од археолошките ископувања и онака ги има да ги “ринеш со лопата”. Уште ли ќе копаме, кога и ова што е ископано ништо не е публикувано.
Факт е дека некои болки ќе останат бесконечни. Веројатно најтешки се оние кои човештвото ги носи инкорпорорано во својата колективна свест, за да послужат како пример на идните генерации.
Изминатава 2009 година ќе ја запомнам како исклучително успешна на професионален план. Многу конференции, појавување во медиумите и публикувани текстови придонесоа за прв пат кај македонските телевизии да биде цитиран еден блогер со својот став без извртување или плагирање на информациите.
Литература
Публикувани текстови за Културен живот, словенечкото списание “ARHEO”, pending on request за печатење уште два текста, еден за МАНД, еден за BAR на Archaeopress и не е така лошо за краток временски инттервал од пола година.
Ја направив научната реценија на обемната книга “Принципи во археологијата” од Даглас Прајс на македонски јазик, и покрај тоа што се уште не сум видела како ова печатено издание изгледа. Се работи за еден од проектите на Владата за збогатување на книжниот фонд во областа на повеќе науки, а терминолошките археолошки проблеми со кои се соочив ќе бидат изнесени во некој од идните постови.
Во меѓувреме весникот Дневник се дрзна да плагира еден мој текст кој е неколку пати објавуван и преобјавуван. Но во оваа држава работите можат да се решат само ако се направи скандал или не дај боже несреќа, па се решив за сега да не предизвикувам непотребни “потопувања”, иако понекогаш е неопходно.
Ан-(тикви)зација
За прв пат во македонската археологија се појави терминот антиквизација, кој го следев од самиот почеток. Наметнат од една интелектуална елита кој не ја познава етимологијата на овој збор, а наголемо употребуван од мејнстрим – но пред се кај новите медиуми, во преголема желба за докажување на нашиот идентитет согоревме во сториите со духот и гробот на Александар Македонски кои предизвикаа вистински збрки. Сето тоа беше надополнето со несоодветните изјави на некои мои колеги за светските археолошки списанија, па луѓето можеа да донесат заклучок дека Македонија е некоја недоџија, таму богу иза трегера со фејкерско третирање на археологијата како наука, кое е застарено дури и за некои минати системи. Поглавјето за антиквизацијата го затворив како досие, бидејќи реално не постои, па да видиме која ќе биде новата играчка на “стручњаците” кои најмалку се разбираат во археологијата како наука ама многу сакаат за неа да зборуваат.
Конференции/дебати
Годинава се појавив вкупно на пет конференции и дебати: Употреба на кирилицата на интернет, Жените во технологијата – Дигитални граници (Фемфест), BlogOpen09 (Ниш), Glocal 2009 (Inside Social Media) и E-society 2009 (Jас Медиум). Ако на другите бев активен партиципант, тогаш на последната сигурно без една од ѕвездите на конференцијата, зошто топикот кој го презентирав најмногу влијаеше на медиумите бидејќи имаше и најголемо ангажирање од нивна страна за заштитата на нашите археолошки локалитети. Освен на Blogopen, регионалната блогерска конференција, каде бев гостин, на останатите бев говорник и/или учесник на дебати. Машала, оваа година нека бидат уште повеќе, да ја калиме дигиталната ера на археологијата.
Размисли/Мислења
Проектот Via Egnatia го следев, но за жал не се вклучив директно на терен поради кревкоста на здравјето. Информацијата ја проследив до една од националните телевизии кои направија прилог. Од веб сајтовите кои беа пуштени во оптек на интернет ги споменав страниците за археолошкиот локалитет Таор и Македонскиот Археолошки Весник. Кампањата за промоција на туризмот со малку вулгарно вметнување и надмоќност на археолошки елементи во спотовите, ја коментирав во повеќе наврати (1, 2, 3).
Во 2009 година заврши процесот во кој со уште неколку активни членови на Македонската Википедија ја создадовме Викимедија Македонија, организација која е официјален локален огранок на фондацијата Викимедија. Со тоа го озаконивме нашиот повеќегодишен придонес кон македонската верија на Википедија, која ја подигнавме од ништо и ја доведовме до стадиум на моментални 37 000 статии. Признавам, порано бев поактивна во ажурирањето на написите, но затоа сега работам на промоција на оваа енциклопедија.
Како за крај
Многу патувања, посети на терени, изводени домашни и странски туристички групи, публикувани популарни текстови за археологијата и културното наследство во домашните списанија, научна работа, пракса и колаборативни истражувања со одделите за Археологија при БАН во Софија и САНУ во Белград, само ја заокружија 2009 година.
Не ми смета товарот на социјално ангажиран археолог. Посебно со предностите кои ги нудат Новите медиуми. Денеска и без ископување може многу да се стори да се заштити и презентира културното наследство на една земја. А јас токму тоа и го правам со својата активност на интернет, а во последната година и вон него. Сепак:
“Да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог“