1st October 2009

Преглед на хоминидите и алатките кои ги користеле во палеолитот

За подобро да ги разбереме периодите низ кои поминало човечкото раздобје, треба да имаме на ум дека во текот на долгото траење на Палеолитскиот период, се менувале различни култури и индустрии. Се работи за материјални култури кои ние ги препознаваме на база на типичните камени ракотворби.

Палеолитот кој го опфаќа целиот плеистоцен, до почеток на холоценот или нашата геолошка сегашност, е поделен на три периода – Ран, Среден и Доцен Палеолит.

Во Раниот Палеолит припаѓаат културите Олдован и Ашелен. Една од најстарите култури означена како Олдован (Oldowan) ја опфаќа индустријата на наједноставните алатки во форма на камени облутоци со оштри рабови кои човекот познат како Homo habilis ги изработил пред околу 2,5 милиона години во Африка. Истовремено со него живеле и Australepithicus-ите, но се уште со сигурност не се знае дали и тие изработувале алатки.

Следната по Олдован е Ашеленската (Acheulean) култура. Таа своите претставници ги нашла прво кај Homo erectus, а подоцна и кај архаичниот Homo sapiens. Ашеленот започнал пред отприлика 1,7 мил. год., траел приближно до 250 000 п.н.е. на просторот на Африка, Европа и западна Азија, а типична алатка од овој период  е клинот (hand-axe).

Средниот палеолит наголемо означен со Мустериенската (Mousterian) култура, започнува отприлика околу 200 000 и трае до 30 000 година п.н.е. Тоа бил период на доминација на Homo sapiens neanderthalensis кој бил раширен во регионите на Европа, Блискиот Исток и дел од Азија. Тука најчесто се појавувале различни типови на стругала (end-scrapers), као и јамичести (1) и назабени орудија.

Преодот помеѓу средниот и доцниот палеолит на територијата на Европа е означен со културата Шателперониен (Chatelperronian). И покрај тоа што има доста карактеристики на доцно палеолитските индустрии, востановено е дека сепак му припаѓа на Неандерталецот.

Доцниот Палеолит се сместува во периодот помеѓу 40 000 и 10 000 год. п.н.е. и тоа е хронолошки момент каде што во историскот развиток на Земјата се појавил Homo sapien sapiens или модерниот човек кој ги опфатил териториите на просторот на Европа, Блискиот Исток и Северна Африка. Започнува со културата Орињасиен (Aurignacien) и тоа е период каде што за прв пат се сретнуваат примероци на фигуративната уметност, иако мора да се нагласи дека во некои наслаги до сега се пронајдени фосилни остатоци на Неандерталецот (погребувањето во Младеч), па не може да се каже дека само теоретски припаѓа на Неандерталците, или дека тоа е исклучиво доцен палеолит. Делумно со Орињасиенот траела и културата на Граветиен (Gravettian). Асортиманот на алатките помеѓу овие две култури е очигледен. Додека во Орињасиенот преовладувале стругала (end-scrapers) во Граветиенот тоа биле граветиенските шилци и граветите.

На територијата на Франција, Шпанија и Португалија околу 20 000 п.н.е се појавила т.н. Солитреенска (Solutrean) култура каде што изработката на поединечни алатки го достигнала својот врв. По Солитреенот дошла Магдалениенската (Magdalenian) култура која била најинтензивна во Франко-Кантабрискиот регион каде се достигнал исклучителен степен во изработката на коскени предмети. Крајот на палеолитот е означен со почетокот на мезолитот или средното камено време кое се поклопува со почетокот на холоценот, и отприлика е земена граница од 10 000 год. п.н.е.

Референци:

Andrefski W. 1998, Lithics – macroscopic approaches to analysis, Cambridge University Press, Cambridge.
Bordes F. 1961, Typologie du Paleolitique Ancien et Moyen, Publications de l’Institut de Préhistoire de l’Université de Bordeaux, Mémoire n° 1, Imprimeries Delmas.
Gamble C. 1996, The Paleolithic Settlement of Europe, Cambridge University Press, Cambridge.
Gamble C. 1999, The Palaeolithic Societies of Europe, Cambridge University Press, Cambridge.
Tixier J., Inizian M.L., Roche H. 1980, Préhistoire de la pierre taillée 1 – terminologie et technologie, CREP, Valbonne.
Whittaker J. 1994, Flintknapping: Making and Understanding Stone Tools, University of Texas Press, Austin – Texas.
Шаламанов-Коробар Љ. 2005, Палеолитска терминологија во македонскиот јазик, Зборник бр. 2, Археологија, 15-23, Скопје.

Овој пост беше дел од огромниот есеј со кој го полагав испитот Социологија на религијата од моите постдипломски студии. Почетните периоди од развитокот на човекот во своето име го носат суфиксот литос (камен) според материјалот кој најчесто се пронаоѓа на археолошките локалитети. Периодите од праисторијата во светот и кај нас, како што ни покажуваат нивните имиња, претежно се темелат на камените ракотворби. Во Република Македонија по методолошки пат е утврден еден археолошки локалитет од периодот на Мустериенот. Поради недостаток на истражувања на терен, не се потврдени мезолитски локации со што се исклучува за сега  еволутивниот континуитет во развитокот на камените индустрии, па следниот период присутен во археолошката литература е средниот неолит.

Текстот е наменет за сите колеги кои до сега на терен се сретнале со некои од овие култури, но пoради застарениот начин на методологија кој се уште се практикува во Македонија, можеби ги пропуштиле. Камените алатки и палеолитот насекаде во светот се проучуваат во првите четири семестра од студиите по археологија. Само кај нас се уште се прескокнуваат, па студентите на терен не успеваат  да препознаат ниту една камена алатка, бидејќи немале ни од кого да го научат тоа на факултет.

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Мезолит, Неолит, Палеоантропологија, Палеолит | 0 Comments

4th August 2009

Водената Вила од Лепенски Вир

Една од најдоброто сочуваните мезолитско-неолитски населби на која популацијата живеела со седелечки начин на живот е Лепенски Вир на Дунав во Србија. Со изградбата на браната кај Ѓердапската клисура, во 1965 година започнува едно од најголемите ископувања во тогашна Југославија. Во тој момент никој од истражувачите, на чело со академикот Драгослав Срејовиќ, воопшто и не помислувал дека недојдија како што е Ѓердапската клисура во минатото била една од најсложените и најблескавите култури во светската праисторија.

Оваа плански изградена населба вклучува импозантни остатоци на архитектура и монументални скулптури од камен. Куќите во внатрешноста на населбата се трапезоидни, со големина од 5 до 30 м2, со ѕидови од плитар кои веројатно бидле прекриени со кожа. Внатре во населбата било конструирано огниште, т.е. издолжена јама оградена со блокови од песочник. Во некои од куќите биле закопани умрените, а карактеристични склуптури направени од облутоци од песочник, претставуваат човек-риба. Во продолжение го пренесувам оригиналниот напис за склуптурата именувана како Водена Вила преку кој Политикин забавник се обидува да ги открие тајните на склуптурите кои се наоѓаат во збирката на Народниот музеј во Белград.

Лепота каменог доба – Водена вила из Лепенског вираНастала је одавно, у време старијег неолита, а још је неописиво љупка. Живела је на Дунаву, на месту названом Лепенски вир, у Ђердапској клисури, а сад је у Збирци одељења за археологију.

Лепенски вир је најстарији траг данашњих европских метропола и уметничко средиште каменог доба. То је детаљно уређена насеобина, зашто не рећи – град, са средишњим тргом од кога су се улице пружале ка Дунаву, и купастим кућама истог облика а различитих величина, с највећом у средишту. Око њихових огњишта, кућних светилишта, нађене су велике скулптуре од камена, од џиновских облутака из Дунава. Приказивале су божанства, камене идоле становника Лепенског вира, њихово виђење „смисла живота и устројства света”, како је протумачио професор Драгослав Срејовић који је открио Лепенски вир. Наиме, облутак који је налик великом прајајету из кога су рођена сва жива бића, тадашњи вајар претварао је у риболика бића – од којих је, знамо, настао човек – затим у човека и у животиње које је ловио, у рибу и јелена.

Водена вила једна је од 330 скулптура чије је откриће изненадило свет и променило дотадашња знања о историји човека. Мала је, нема ни 40 центиметара. Нађена је ван кућног огњишта, ван светилишта. Да ли случајно или намерно није била тамо где су смештане остале, не вреди ни претпостављати. Лепа је и женствена, права вила. Дуж лица и риболиког тела спушта се густа коса у плетеницама прошараним низовима украса у облику рибље кости. Та таласаста фризура чини је посебном и прелепом, правом правцатом вилом.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Мезолит, Неолит, Уметност | 0 Comments

16th October 2008

Ѓердани ли се ѓердани – Ѓерданите како дел од историјата на човештвото

Ѓерданот или како што го нарекуваат нашите баби – огрлица, претставува накит за врат. Во употреба бил уште од најстарите времиња, а се состои од перфорирани монистри или привезоци од најразличен материјал, кои по некаков случаен, спонатан или намерен редослед се нанижани и врзани околу вратот.

Ако некој некогаш се обидел да направи ѓердан, или бразлетна, тогаш знае дека му се потребни илјадници школки за да го стори тоа. Ама ете потребни се само неколку школки да ги протресат добро темелите за теориите за човековата еволуција.

Од мојот пост Школките од Пештерата на гулабите

Во најстарото доба ѓерданите биле од школки, полжави, животински заби, парчиња на темен јаглен, делови од рогови, правилно обликувани парчиња на коски и песок, и најчесто биле сложувани без никаков ред. Во неолитот за изработка на ѓердани веќе биле користени монистри од ист материјал, и биле редени по правилно така да понекогаш сочинувале сложени и естетски изведени композиции. Во бронзеното и железното време се употребувале монистри од бакар, бронза, сребро и злато, обично со геометриски облици, како и монистри од ќилибар, стакло и стаклена паста.

Накитот на Големите
Мајки богинки

Ѓердан – Неолит
Велушина

Во Грција ѓерданите биле од тешки парчиња на злато, за што сведочат наодите на повеќето археолошки локалитети од тоа време. Биле составени од мноштво на златни конуси, лопатести, биконични или цилиндрични привезоци изработени во техниките на филигран и гранулација. Нешто поедноставни се ѓерданите од златни шупливи цевчести или биконични привезоци. Подоцна ѓерданите станале полесни, составени од златни ланчиња, со низа на мали и лесни привезоци, медаљони и амулети, или само со еден златен украс од предната страна како: чворот на Херакле, женска глава или гранат врамен со злато и со врежана фигурална претстава.

Ѓерданите (monilia) биле вообичаен дел од накитот и во римското време. Биле изработувани од бронза, злато и богато украсени со скапоцени камења, а понекогаш и комбинирани со врамени камеи, медаљони и златни парички.


Ѓердан од
римско време

Ѓердан од хеленистички
период

Посебна форма на ѓердани од едно парче на метал – било тоа да е бакар, бронза, железо, злато или сребро, се нарекува торквес. Првите познати биле со кружна форма, со свиткани отворени краеви, мазни, понекогаш орнаментирани со врежување, или тордирани. Потоа ќе се прошират низ цела Европа и ќе се задржат во употреба се до крајот на доцното железно време. Кај Келтите на пример, торквесот станал знак на воинот, племенскиот шаман, и херојот. Oвој тип на накит бил исто така познат во стариот Рим. Прикаската вели дека познатиот Titus Manlius Torquatus некаде околу 361 год. пред н.е го добил надимакот Торкватус, затоа што во дуел го победил галскиот главатар и го земал неговиот торквес. Подоцна римските војници ќе ги носат торквесите како вообичаен дел од својот накит.

Бронзен галски торквес Торквес – Св. Еразмо

Како изгледал накитот во средниот век, поточно во византискиот период најмногу можеме да дознаеме од фескоживописот и од иконите. Но тоа важи за Источното римско царство, зошто во Западното кое подоцна ќе се распадне на многу моќни држави каде владетелите биле поклоници на убавината, накитот го откриваме по еден сосема поинаков пат. А тоа се уметничките слики на славните сликари.

Царица Теодора Сан Витале – мозаик La Bella Simonetta Sandro Botticelli

И додека поголем период од средниот век кај нас се уште се поклопува со владеењето на Византија, остатокот на Западна Европа ќе биде зафатен од вибрантните уметнички правци, од кои секако најголем печат ќе остават ренесансата, барокот и раскошноста на рококото.

Овие уметнички правци кои своето место ќе го најдат и во дизајнирањето на накитот, ќе бидат наследени од Викторијанската епоха. Со доаѓањето на кралицата Викторија во 1837 на престолот, ќе се внесе една доза на романтика и национализам во креацијата на ѓерданите. По 1760 година во Лондон и во Бирминген се појавува правењето на лажна бижутерија. Новата филозофија која ќе внесе револуција во Уметноста и занаетите ќе се прошири по 1870-та година како реакција на масовната машинска индустрија.

Типични Викторијански ѓердани

Во XX век креацијата на ѓерданите ќе претрпи големи влијанија од Арт Нуво правецот, Коко Шанел во 30-ите години, Холивудскиот гламур во 40-ите, и нивно повторно оживувањето во блескавите сцени од сериските сапуници Далас и Династија.

Joan Collins со накит од Династија

Во XXI век со напредокот на технологијата и изумот на голем број вештачки создадени материјали (кои меѓу другото можат и да ги заменат вистинските драгоцени или полудрагоцени камења) практично е возможно сета фантазија за ѓерданите да се преточи во стварност. А, постои ли жена која не би сакала таа фантазија да ја носи околу вратот?

* * *

Текстот беше нарачан за августовскиот број на списанието Комплетна во 2006 година. Се обидов зададената тема накит кај жената да ја спојам со археолгијата. За издавачката куќа Нампрес пишувам веќе со години. Ја користам можноста да се заблагодарам на неколку силни жени кои ми овозможија дел од моите текстови да се овековечат на (каква таква) хартија и археологијата и уметноста да стигне до секој дом, во времињата кога немав сопствен блог. Инаку фор д рекорд, се уште пишувам за нив.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Бронзено време, Византија, Железно време, Историја, Мезолит, Неолит, Палеолит, Рана антика, Ренесанса, Римско време, Рококо, Среден век, Уметност | 0 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes