25th February 2010

Како се менуваат улиците на Скопје или како булеварот Гоце Делчев преку ноќ стана булевар ВМРО

Постојано ги користам програмите на Google – Google Earth и Google Maps, а доста често пишувам за нивните доусовршувања и надградување на функциите кои веќе ги имаат. Пред некој ден обидувајќи се да лоцирам одредени културно-историски споменици кои ми се потребни заради обликување итинерари за турите со странци кои често ги водам, приметив една нерегуларност на мапата на Скопје. Се работи за случајна или намерна грешка со именувањето на некои булевари кои прават вистинска збрка доколку се обидувате да му објасните на некој странец како да се ориентира околу центарот на Скопје.

За градот Скопје постојат многу мапи, а меѓудругото некои од нив можат да се најдат и на интернет. Најчесто ја користам GPS Skopje, бидејќи можам да пребарувам азбучно и со кирилична поддршка. Имено, целата оваа недоумица ми ја предизвика т.н. булевар ВМРО кој на оваа мапа не постои, но подоцна се појавува во проектите Google Earth и Google Maps.

Еден пасос од архивата на Дневник од 18 март 2006, кој во буквално смисла е пренесен од весникот Вечер на 02.09.2008 (можеби се работи за своевремена изјава од некој одговорен) ни открива дека:

Според надлежните во Градот, последната измена била извршена 1996 година кога биле преименувани 34 улици, 7 булевари и 4 плоштади. Нови имиња добиле повеќе булевари, а булеварот “Маркс и Енгелс” стана ВМРО.

via @Дневник/@Вечер

Не знам каде бил претходно бул. Маркс и Енгелс пред да се преименува, ако некој знае т.е. живее/л, нека ме надополни. За да бидам сигурна каде се наоѓа точно бул. ВМРО во нашата сегашност, првото нешто што ми падна на памет е да се јавам во 2-3 такси комании. Тие го лоцираа и ми потврдија дека тоа е топоним кој го користат веќе 5-6 години што ме збуни дополнително.

За да не се прави уште поголема збрка, сегашниот бул ВМРО е всушност дел, една мала етапа од поранешниот бул Даме Груев, т.е. улицата која од Агромеханика во Центар, минува покрај Главната Пошта и завршува до мостот Гоце Делчев. Ако се направи споредба со мапите на Гугл, тогаш постои уште една нерегуларност. Според овие мапи булеварот Гоце Делчев почнува од Партизанска (а не од мостот), па го опфаќа и сегашниот бул. ВМРО, потоа оди преку истоимениот мост и завршува слепо кај Сајмиште. Може да се забележи дека тој одвреме на време на мапите фантомски се менува, па ту е булевар Гоце Делчев, ту булевар ВМРО. Исто така кај Сајмиштето на раскрсницата (тука постои бензинска пумпа) бул. ВМРО повторно се преклопува со бул. Гоце Делчев.

Правната процедура за преименување на улиците не ми е детаљно позната и не знам колку временски може долго да трае, но знам дека една улица или еден булевар не може да носат две имиња. Тоа до сега не се случило никаде во светот, зошто би настанал хаос во сообраќајот. Програмите на Гугл се проекти кои тие ги работат самостојно, во соработка со некоја домашна компанија која им ги дистрибуира информациите. Се прашувам кој е тој што така преку ноќ бул. Гоце Делчев го преименувал во бул. ВМРО и со тоа почнал да ја менува вистинската мапа на Скопје? Постои ли начин да се заштитиме од менување на идентитети, па макар тие биле и на улици?

Bookmark and Share

posted in Интернет, Медиуми, Политика | 1 Comment

26th January 2010

Мојот текст е само мој – реакција на соопштението од претставниците на медиумите

Откако постои македонската блогосфера, многупати сме биле сведоци како мејнстрим медиумите или веб порталите краделе содржини (понекогаш и оригинални) од блогерите. Секако имало и обратни ситуации, но се поретки. Која е причината што денеска беше објавено соопштение кое е потпишано од неколку македонски медиуми кои имаат раличен начин на публикување на своите информации? И што е тоа кое толку многу ги допре медиумите, за да се дрзнат посебно кон интернет заедницата да се обратат на таков начин со “закана”?

На средбата одржана на 24.12.2009, присутните претставници од долупотпишаните медиуми ја утврдија штетата која произлегува од неавторизираното и неконтролираното преземање на информации од овие медиуми во целост или делумно од дел на веб порталите и радио станиците во Република Македонија, со што директно се крши законот за авторски права, но и се нанесува реална штета со намалување на бројот на посети на порталите на медиумите кои ги продуцирале овие вести (информации). Од средбата произлегоа следниве заклучоци:

1.Заради заштита на нашите интереси и почитување на законот, Ве повикуваме како сопственик или одговорно лице на вашиот портал, најдоцна до 01.02.2010 на своите портали, преземените вести да ги објавувате само со наслов (поднаслов), директен линк (URL) до изворната вест, и тоа само оние вести и други информации кои соодветниот медиум би ги публикувал во наменски RSS (Really Simple Syndication) формат и во количина (наслов, датум, линк, фотографија итн.) која е публикувана со истиот RSS формат.

***

3. Ве повикуваме до горенаведениот датум да постигнете договор со сите медиуми од кои ги преземате вестите и другите информации кои потпаѓаат под Законот за заштита на авторски права.

@makfax

Ова јавно писмо, заеднички потпишано од неколку мејнстрим медиуми и веб портали се дрзнува да ги опомене луѓето кои работат со интернет за заштита на авторски права, кои некои од долупотпишаните ниту самите не ги почитуваат.

Еве само мала архива на интернет злосторствата направени од страна на медиумите кон блогерите:

- Блог “Тепај Време“: Вечер ги украде парите!
- Волан: Вечер ем здиплил напис од блогер – ем ке заслужи пријава за клевета и тоа во изборна кампања …
- Археоблог: Како весникот Дневник “позајмува” од мојот блог – Каде е гробот на Богородица
- IT.com.mk: Авторскиот труд не е бесплатен!

* * *

Мeдиумите имаа шанса да дебатираат со блогерите и со луѓето кои создаваат креативни и оригинални содржини на интернет, во рамките на конференцијата Е-општество која на почетокот од декември се одржа во Холидеј ин. Поточно, вториот ден од конференцијата беше замислен како округла маса за споделување на идеи и размисли на која беа поканети претставници од повеќе, пред се мејнстрим медиумите. И никој од нив не се појави.

Текстот на порталот It.com.mk се надоврза само како реакција на ова писмо и коментарите на твитер заедницата. Но да го поставиме етичкото прашање и во обратен правец. Колку од медиумите потпишани во ова соопштение ја почитуваат заштита на интелектуални и авторски права, кога ниту самите не ги цитираат странските извори од нивните колеги? А што станува тогаш со блогерите и лиценците на Криејтив Комонс? Дали и нив ќе ги испочитуваат како што сакаат да бидат и самите почитувани? Една стара поговорка вели: Не му прави на другиот нешто, што не би сакал да ти биде и на тебе направено.

Своевремено дадов една изјава за весникот Шпиц во однос на правната регулатива “Некои права задржани“ на Криејтив Комонс која најчесто ја користат блогерите, наспроти аксиомата на медиумите “Сите права задржани“. Поентата на моите бесплатни текстови за археологијата и културното наследство сите овие години откако сум присутна на интернет е споделување на знаењето и стигнување до научни содржини преку создавање извори со отворен пристап до корисниците, со едноставно цитирање (линкање) на изворот.

После долго патешествие, македонските медиуми имаат шанса повторно да седнат на иста маса со луѓето кои создават нови и креативни содржини и ги користат Новите медиуми како алатка.

* * *

Немојте никогаш да заборавите дека:

За некои генерации, Новите медиуми се единствениот извор на инфомации.

* * *

Bookmark and Share

posted in Блогосфера, Интернет, Медиуми | 1 Comment

11th November 2009

Glocal, транзицијата, антиквизацијата и презентацијата

Да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог

Три години по ред ја следам Glocal конференцијата организирана од страна на Њујорк Универзитетот Скопје, а две години по ред имам чест да бидам директен учесник. Од мој аспект морам да кажам дека постоењето на Glocal е од голема важност, зошто секој пат ме тера да направам еден исчекор нанапред и да ги впрегнам сите сили како би го извлекла најдоброто од спојот помеѓу археологијата, новите медиуми и комуникацијата.

Поради професионалната природа на својата одговорна работа, археолозите се должни и имаат обврска да излезат во медиумите со јасен став во однос на некое случување. Како археолог чија професија е од социјална важност, сметам дека во нашето денешно 2.0 општество нужно е, а и потребно да се познаваат алатките на новите медиуми, зошто со секој изречен, а посебно напишан збор се обликува јавното мислење на граѓаните, како што тоа го правам и самата секој ден на интернет со своите размисли на блогот.

Транзицијата

Периодот на транзицијата по осамосталувањето на Република Македонија како држава, не донесе ништо ново на полето на археологијата. Македонското културно наследство уште на самиот почеток ја изгуби војната со појавата на интернетот, а ги загуби до сега и сите битки со новите медиуми кои поразително делуваат на културната мапа на светот каде нас се разбира се уште не нема.

На територијата на Mакедонија има преку 5000 евидентирани археолошки локалитети од кои во моментов само пет имаат своја официјална веб страница (Вардарски Рид, Кокино, Скопско Кале, Тумба Маџари и Таор ). На интернет не постои специјализирано списание за македонската археологија, а во отсуство на официјални веб страници на академски институции кои се занимаваат со археологијата, читателите заинтересирани за оваа наука сублимираните информации можат ги пронајдат само на неколку места.

Република Македонија по својата независност, а посебно по експанзијата на интернетот, се уште нема практика на создавање архива од археолошки материјал со академски научен бекграунд. Тоа би ја пополнило огромната научна/јазична празнина (а со тоа и бариера) која во непостоење на трудови од оваа област, се состои исклучиво од информации кои во најголем дел се само на македонски јазик. И после толку години јас сум единствениот археолог кој пишува за македонската археологија и културното наследство на интернет. Како тргнала работата со фелерични генерации на факултетот по археологија и наклонетоста на некои мои колеги по сензационализми а не наука, уште долго ќе останам сама да создавам археолошки содржини на македонскиот веб со помош на алатките од новите медиуми.

Антиквизацијата

Еден од начините на кој политиката од секојдневниот живот се рефлектираше низ социјалните медиуми преку призмата на археологијата, во 2009 година во Република Македонија беше означена како “антиквизација”. Овој термин со нејасно етимолошко потекло воопшто не и е познат на македонската археолошка наука, никогаш не бил употребен говорно или во напишана форма, ниту пак се дискутирало за неговото значење.

Погрешно интерпретиран од интелектуалната елита која воопшто не го разбира, антиквизација е всушност процес кој трае доста долг временски период. Тоа не подразбира реименување на објекти, правење на пет или десет згради во (нео)класичен стил и неколку склуптури на два-три карактера од антиката како предмет на обожување, туку состојба на општествено социјално ниво која подоцна се рефлектира во урбаниот ентитет на една заедница, како архитектонски отпечаток на едно време. И да, според мене антиквизација воопшто не постои, ниту било кога постоела во Република Македонија. И доста со тупењето, измислете нешто ново и поинтересно да се забавувате! Оставете ја археологијата да дише зошто од минатото направивте депонија на токсични мисли. Ќе ни треба многу долг временски период да го исчистиме отпадот кој ги контаминираше националните традиции со политички проблеми.

Презентацијата за Антиквизацијата

За мојот настап на овогодинешниот Glocal имаше најразлични мислења, најмногу од аспект на презентирањето. Добив различни коментари по блогови и твитови од тоа дека настапот е Short, dynamic and up to the point, премногу политички, до замерката дека сум зборувала брзо англиски и сум го читала текстот со презентација која е однапред спремна до секунда да го прати она што го говорам.

Што се однесува до зборувањето, зборувам брзо и течно на сите странски јазици кои ги владеам, а не се малку на број. И не е мој проблем дали некој може да ме следи или не! Што се однесува пак до динамиката на презентацијата, многу е тешко кога имате само 15 минути да елаборирате проблем кој ги има зафатено сите општествени слоеви, а се пресликал на интернет.

Можеби некои од слушателите не ја сфатија поентата со политизирањето на македонската археологијата, а со тоа и на науката, па ќе мора да причекаат да се публикува текстот. Искуството од светските симпозиуми ми вели дека презентарот секогаш треба да се држи до зададената тема во временскиот рок кој му е доделен за нејзина презентација. Ако на некого му се допаднала темата, ќе се потруди подоцна да го најде публикуваниот текст.

Како за крај

Со ова го затварам поглавјето за антиквизацијата и ако евентуално продолжам да се бавам со проучување на политизирањето на македонската археологија, веројатно тоа ќе го направам вобличено во научен труд под закрилата на докторатот, зошто каде и да е до крајот на годината ќе ја одбранам мојата магистерска теза на катедрата по археологија во Белград. И фала му на бога што си заминав од тука и ги прескокнав сите опструкции, а воедно го задржав својот критички став по однос на многу работи. Како што би рекол еден колега од Белград чие мислење го почитувам: “да не постоеше мојот здрав разум и неспремноста на компромиси само поради сензации, немаше да постои толку години ни овој блог”.

Bookmark and Share

posted in Археологија, Блогосфера, Интернет, Конференција, симпозиум, Медиуми | 1 Comment

29th October 2009

Кокино, мегалитските глупости и непостоечките култури – Дел 4

Појаснување ЧЕТВРTО

Зошто науката има потреба од Геоархеологија

Daily it is forced home on the mind of the geologist that nothing,
not even the wind that blows,
is so unstable as the level of the crust of this earth.
—Charles Darwin, naturalist

Геологијата е важен аспект во човечкото минато. Археолошките истражувања кои се однесуваат на геологијата и географијата како науки за земјата се нарекува геоархеологија. Геоархеолозите работат со археолозите за да ги истражат геолошките аспекти на археолошките записи. Бидејќи археологијата е на и во земјата, геолошкиот контекст на археолошките наоди е од големо значење. Како дополнение, многу од суровините кои се користеле во минатото се од геолошки депозити на камен, глина, метални руди и овие извори може да бидат проучувани од перспектива на геоархеологијата.

Заедничкото тло во полето на геоархеологијата се пронаоѓа во апликација на геолошките методи во решавањето на археолошките прашања. Разбирањето на пејсажот и седиментите во кој се најдени археолошките материјали е есеснцијалниот дел за објаснување на човечкото однесување во минатото. Геологијата има спектар на методи и теории за формацијата на земјата кои се корисни во археологијата. Геоморфологијата е гранка на геологијата која конкретно се занимава со карактеристиките пронајдени на површината на земјата и процесите кои ги создаваат нив. Промените во пејсажот со текот на времето имаат значителни ефекти на човечкиот живот и мора да бидат документирани

Геоархеологијата се занимава со регионалните (пејсаж) и/или локални (место) степени на анализи. Многу гранки на геологијата се вклучени во геоархеологијата, на пример геоморфологијата (облици на земјата), глациологија (глацијација), хидрологија (водени површини), педологија (почви), петрологија (минерали), и седиментологија (седименти).

Драматичниот аспект на геоархеологијата го вклучува и проучувањето на природните катастрофи во минатото и нивното влијание на човечките животи. Бројни настани, како вулкански ерупции, полави и земјотреси ги уништувале човековите живеалишта во минатото, како и денес. Некои од овие настани биле од големи размери, погодиле големи заедници и доста големи региони. Во добро познатите примери се вклучуваат и ерупциите на Везув и Тера, кои избришале огромни градови и убиле илјадници луѓе. Некогаш вулканите уништуваат локалитети, но некогаш и ги создаваат како што е тоа случај со археолошкиот локалитет Кокино.

Кокино – природна геолошка формација

Тезата на астрономот Ценев дека луѓето се тие кои го направиле Кокино е сосема недоржлива од аспект на „степенот на вистинитоста на една постапка” која е темел на науката. Зошто нешто да направите, претходно не бе требало да постои во природата, а според геолошките истражувања на Недељко Ѓорѓевиќ – м-р и дилп. инж на геолошки науки, Кокино како локација се наоѓа на истото местото уште од доцниот плиоцен, додека карпите и престолите не се ништо друго туку зацврсната лава во каналот на еден помал вулкан.

Со сигурност може да се претпостави дека се работи за најмладата фаза на вулканската активност, со доцноплиоценска старост. Околу основниот отвор со овален, елиптично-хоризонтален пресек и размери 200х80 метри, во непосредна близина се регистрирани уште два мали (североисточно и југоисточно), послабо изразени, секундарни кратери, како резултат на паразитското излевање на лавата.

Во оваа фаза од вулканската активност излиената лава е со андензитски карактер, со јасно изразенo столбесто (призматично) лачење, предодреденo со сингенетски контракциони пукнатини и прслини, со вертикални и субвертикални агли.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, 275.

Геоморфологија на Кокино е прилично добро елаборирана во вториот број на списанието Пирајхме, издание на Кумановскио музеј, од страна на геологот Ѓорѓевиќ кој објасува за вулканското потекло на овој локалитет. Со едноставни зборови, Татиќев камен е кратер од дамнешна вулканска купа и таму е се природно, вклучително со престолите и платформата на кои не се забележуваат траги од допoлнителни активности (делкање, полирање и сл..).

Во рамките на разгледувањето на овој проблем треба да се потенцира дека и самиот “престол” и платформата пред него се со природна предиспозиција на системски пукнатини и прслини со елементи на пад од 240/88, 165/90 и 105/5. Со овие пукнатини се ограничени скоро идеалните коцкаски блокови, кои луѓето релативно лесно можеле да ти тргнат и да оформат четири седишта со наслони, во низ еден покрај друг, свртени кон исток. Пред нив на идентичен начин е оформена платформата во две до три скоро хоризонтални нивоа, наменети за слушатели и гледачи.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, 277.

Заклучок

Пукнатинските предиспозиции на “престолите”, на платформата, како и столбестото излачување на андензит не остваат простор да се направи претпоставка дека вулканската структура на археолошкиот локалитет Кокино е вештачка и дополнително обликувана од човекот. На овој начин се отфрла и веќе установената и прифатена терминологија за мегалитскиот карактер на ова наоѓалиште, бидејќи ниту на него, ниту во околината има траги од претпоставената мегалитска архитектура.

Што се однесува до реперите кои се предочени како база за археоастрономскиот карактер на оваа локација, треба дополнително да се утврди од страна на најмалку барем две светски научни независни институции дали се овие тврдења основани и со научна методологија да се прифатат или отфрлат како такви.

Почвата под нас може да ни даде многу информации. Затоа треба да бидеме крајно внимателни, зошто ние всушност постојано газиме врз нашите археолошки докази. Според Леонардо да Винчи

We know more about the movement of celestial bodies
than about the soil underfoot.
—Leonardo da Vinci,

Продолжува

Литература:

D. Srejović (ed.), Arheologija i prirodne nauke, SANU 1992. (поглавјето од D. Nikolić i V. Dimitrijević)

G. Coles, Principles, methods and techniques of Environmental archaeology; The Environmental Archaeology

K. W. Butzer, Archaeology as Human Ecology, Cambridge University Press, Cambridge 1987.

Price T. Douglas, Principles Of Archaeology / With Powerweb, Mcgraw-Hill Education – Europe (United States), 2006, 245-267.

P. Stevanović, M. Marović,V. Dimitrijević, Geologija kvartara, Naučna knjiga, Beograd. 1992, 1-133, 138-147.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, Геолошко рекогносцирање терена на археолошком локалитетима у околини Куманова током 2002 године, Пирајхме 2, Народен Музеј – Куманово, Куманово 2003, 263-280.

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Бронзено време, Етно-археологија, Медиуми | 6 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes