9th March 2010

Да не постоеше интернет немаше никогаш да …

Како дел од приказната по повод 20 години од постоењето на Интернетот, македонскиот сервис на BBC почна да пишува одредени статии во кои се вклучија и некои македонските блогери со свои изјави. Интернетот го смени животот на современата цивилизација во приказна со непознат крај и секој од нас има лична причини како дел од колективната шема поради кои ја користи можеби една од најдобите цивилизациски придобивки. Темата ја иницираше Развигор, ја започна Мите, ја отворија Дарко и Марјан со свои постови, а јас продолжувам во сличен стил:

Да не постоеше интернетот:

1. Немаше никогаш да научам да блогирам а со тоа да ги споделувам јавно моите ставови и размисли за културното наследство и археологијата.
2. Немаше да издадам книга со текстови исклучиво напишани онлајн.
3. Немаше никогаш да ги откријам алатките на новите медиуми како уште едно поле во процесот на детектирање, презентирање и заштита на културното наследство, и со тоа и да имам ефект врз јавното мислење на граѓаните.
4. Немаше никогаш да се појавам на телевизија.
5. Немаше да комуницирам со толкав обем и брзина и да запознаам прекрасни луѓе од кои некои ми станаа лични пријатели или професионални соработници.

Да не постоеше интернетот ќе останев само уште еден обичен археолог во морето на непознати и анемични археолози во Македонија чиј глас воопшто не се слуша, а уште помалку се почитува. Во 2.0 светот, посебно во блогосферата едно од непишаните но најважните правила е интерлинкањето. Па ако веќе го правам ова по сите тертипи, тогаш ги повикувам Окиморон, Гершанина, Џаман, Волан и Букарски да кажат што тие би правеле да го немаше интернетот и како тој им го смени животот.

Апдејт: се приклучија и Рибаро, Киху Потру, КузманОв,

Bookmark and Share

posted in Блогосфера, Интернет, Историја, Лично, Општетсво | 10 Comments

5th March 2010

Теренски белешки

Ова е еден серијал на мојот сајт Креативна археолошка работилница, кој имав намера да го започнам одамна. Тоа се дел од моите теренски белешки кои никогаш нема да бидат публикувани. Не си земајте за зло да помислите и дека е вистина, иако може да е се’ само фикција …

Теренски белешки (3)

Замокот беше стар и запуштен. Се чудевме како преживеал во оваа недојдија. Имало многу замоци во средниот век, ама биле градени од трошна материја, па скоро ниту еден не опстанал. Во шанецот некогаш исполнет со вода, сега се капеа искршените камени натписи од гробиштата, носејќи ги со себе тајните на нивните сопственици. Одненадаш, од никаде и непоканет изникна еприграфичарот. Носеше од оние мали убаво обликувани длета и едно чудно четкиче. Велеше буквите од плочите го искривиле накосо оти биле пишувани во курзив. Искуството низ кое поминувавме одвреме навреме на терен ми велеше да ја послушам неговата интуиција. Таа вечер беше како магловита зима во сон, сонувана, многу пати отсонувана кога го погледнав натписот. А всушност го барав записот кој доцнеше со столетија. Морав да земам лупа и двојно огледало за да го прочитам. Теренските белешките ги задолжив кај клисарот. Во малата црква до тврдината. Послана со слана и заспана засекогаш по овие беспаќа. Но тајната преведена на сите човечи јазици – веќе ја имаа разбрано мудреците од целиот свет.

Реконструкција на средновековната тврдина во Велес

*     *    *

Се случи ете тука, а би можело да биде било каде …

Bookmark and Share

posted in Археологија, Историја, Книги и литература | 0 Comments

4th March 2010

Разгледници – Византиските манастири околу Скопје

Византиската архитектура е архитектонски стил која настанал на територијата на Источното Римско царство (во подоцнежните текстови познато како Византија). Територијата на Република Македонија како дел од оваа империја наследила огромно културно богатство, најмногу во форма на цркви и манастири. Ова се неколку мои фотографии на кои се наоѓаат некои од поважните средновековни зданија во околината на Скопје.

Bookmark and Share

posted in Архитектура, Византија, Историја, Културно наследство, Скопје, Туризам | 0 Comments

3rd March 2010

Јаков од Камена Река и неговиот “Часослов” (Венеција 1566)

Еден проект кој се случил во 1566 година во Венеција е од исклучителна важност за македонската писмена култура. Покрај издавањето на Часословот од страна на Јаков од Камена Река, дознаваме и за врските со печатницата на црногорецот Божидар Буковиќ во Венеција, како и за скопјанецот Кара Трифун кој ја отворил веројатно една од првите книжарници во Скопје каде можела да се купи книгата.

Јаков од Софија на својот ”Псалтир” кој го испечатил во 16 век, напишал за себе: „Аз Јаков от пределех македонских, од места зовом Софија, Крајков син… И аште кому која потреба, всхоштет от светих книг, то вса сија сут принесена в места Скопје, у Кара Трифуна.

(Радмила Угриновска – Скаловска,
Записи и летописи. Скопје 1975. 87-88)

Архивите на МРТВ (Македонска Радио и Телевизија)  се невидено богата ризница за нашето културно, духовно и природно богатство. Заедно со архивите на весникот Нова Македонија или Фондот на Бранислав Русиќ во Архивот на МАНУ, стојат заробени со години, спротивно од тенденцијата да се дигитализираат и да се направат јавно добро.

Кога веќе се започнува тој долго зборуван и фамозен проект за Дигитализација на културното наследство (што кај нас трае со години) тука треба да се вклучат сите сегменти кој и те како ни се потребни, а кој би помогнале да се осветли дел од идентитетот граден и негуван на овие простори со столетија.

И не е се до парите. Има нешто и во интернетот и блоговите. ;)


Bookmark and Share

posted in Историја, Книги и литература, Културно наследство, Религија, Скопје | 0 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes