Archive for the ‘Хералдика’ Category
Предавања по хералдика
Ме замолија колегите од Македонското хералдичко здружение да ги промовирам активностите кои деновиве ги организираат во рамите на нивните заложби за популаризација и промоција на хералдиката во Република Македонија.
Предавање прво

Предавање второ

Грбот на Република Македонија
Визната либерализација која за македонските граѓани би требала да се случи по 01. Јануари 2010 година, повторно на дневен ред го донесе менувањето на пасошите, сега во биометриски. На интернет можете да пронајдете дури и мапа на светот каде се патува моментално со македонски пасош без виза.
Во овој контекст не знам колку ви е познат фактот, но независна Република Македонија на своите пасоши втиснува грб кој е всушност грбот на “Народна Република Македонија”. Од својата независност па се до 2006 година насловната страница на пасошите е празна, а потоа се воведуваат новите пасоши на кои е втиснат стариот грб на НР Македонија.
Грбот на Н.Р. Македонија е усвоен на Второто вонредно заседание на народното собрание одржано во Скопје на 26 јули 1946 година, каде што е донесен законот за Грб на Н.Р. Македонија, а членот 1 од овој закон го дава описот (блазонот) на овој грб:
Грбот на Народна Република Македонија е поле опкружено со житно класје испреплетено со плодови афион и листови тутун кои на долната страна се поврзани со лента исшарана со народни мотиви. На лентата е напишано „Н. Р. Македонија“. Меѓу врвовите на класјето се наоѓа ѕвезда петокрака. Во средина на полето се оцртува планина во чие подножје тече река. Зад планината изгрева сонце.
Весникот „Нова Македонија“, два дена подоцна, го објавува овој закон заедно со прикажан грб и објаснување:
Грбот на Народна Република Македонија е симбол на слободата и братството на Македонскиот народ и богатството на Македонската земја. Житното класје, плодовите на афионот и листовите тутун го претставуваат богатството на Македонија и разновидноста на нејзината економија. Петокраката ѕвезда ја симболизира народно ослободителната војна со која Македонскиот народ ја доби слободата. Народниот мотив на лентата го изразува богатството и убавината на народниот бит. Во средината на полето се наоѓа планината Пирин, најголемата македонска планина која била центар на народноосободителните војни во минатото, а реката која тече е реката Вардар, најпознатата Македонска река во Републиката. Пирин и Вардар истовремено ги преставуваат единството на сите делови на Македонија и идеалот на нашиот народ за национално обединување. Сонцето го претставува слободниот и творечки живот во Македонија.
Превземено од © Блогот Хералдика
Една дебата со десетици коментари на мојот профил на фејсбук, ме испровоцира да го поставам овој напис на мојот сајт. Грбот на Република Македонија воопшто не е ревидиран, иако бил направен обид тоа да се стори. Дали сметате дека треба да го задржиме стариот грб, или да го ревидираме во духот на новите теченија? Во тој контекст еве и две размислувања на таа тема:
Јован Јоновски (Форум) – Грбот – полу орел, полу лав?!
Квадратура на кругот – ЕДНО МИСЛЕЊЕ ЗА ПРЕДЛОГОТ ЗА ПРОМЕНА НА ГРБОТ
Научен симпозиум за “Деновите на Јустинијан I”
Четврти пат по ред во Скопје помеѓу 11-24.05.2009 ќе се одржи веќе традиционалната културно-историска манифестација “Денови на Јустинијан I“. Во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), а во соработка со Институтот Евро-Балкан, на 11-12.05.2009 во рамките на овој настан ќе се случи научниот симпозиум под наслов “Византиското-културно историско наследство и Македонија“. За жал Институтот Евро-Балкан кој стои зад овој собир има разочарувачки непрегледен и неапдејтуван сајт, на кој воопшто не можете да ја пронајдете годинешната програма.
Од она кое јас го добив како агенда за овој дводневен симпозиум, можам да кажам дека ќе биде мошне интересно бидејќи има два момента. Теми кои на необичен начин го третираат византиското наследство во Македонија и групација на текстови кои хронолошки опфаќаат скоро се‘, освен секако византискиот период. Па ќе сретнете презентации на тема: “Јазични и образовни споредби”; “Стереотипи за Балканот како хронотоп во современата народна политика”; “Науката во служба на политиката – Одредување на линијата на грчки интереси во османската Македонија” итн … Навистина не знам што бараат наведениве реферати во склопот на византиското наследство во Македонија, меѓутоа знам дека хајлајт на целата конференција ќе биде презентацијата “За зборовите антиквизација и букефализација“, додека во меѓувреме Јустинијан I во чија чест се одржува целата манифестација, ќе се превртува во гробот.
Во секој случај ги поканувам сите заинтересирани кои сакаат да присуствуваат. Ако не друго, барем ќе научат што не треба да направат кога самите ќе се пријават на некој симпозиум со зададена тематика.


















