Archive for the ‘Изложба’ Category
Музејот на град Кратово и Саат кулата

Како град и локална самоуправа, Кратово има неколку културни установи: музеј на град Кратово, домот на културата и градска библотека. И покрај тоа што самиот град е музеј под отворено небо со сите оние стари мостови, кули, традиционална архитектура и богато природно и културно-духовно наследство, сепак Кратово до 1993 година немаше сопствен музеј.

Музејот на град Кратово е сместен во стара турска куќа заштитена со закон, под која веднаш се наоѓа стариот турски затвор. Во него изложбата е составена од неколку збирки: археолошка, историска и етнолошка, секоја со мала поставка, а постои и одделение за конзервација на наодите. За жал во музејот се уште нема вработено археолог и оваа наука допрва треба да се развива во регионот на Македонија кој впрочем е и најмалку истражуван од таа гледна точка.

Од 2008 година на Музејот на град Кратово му е доделена и Саат кулата како простор за кој треба да се грижи и да менаџира со него. Саат кулата е една од шесте кули кои опстанале од средновековниот и турскиот период на градот. Во 2004 година со пари од Министерството за култура е делумно санирана, реконструирана и преуредена со мали поставки кои се наоѓаат на првиот и вториот спрат, додека на третиот спрат посетителите може да се одморат во удобната атмосфера гледајќи низ некои од прозорите или балконот кон средновековното Кратово.

Часовникот на Саат кулата престанал одамна да работи. Моцо, единствениот саатџија кој има занаетски дуќан во близината и кој својот занает негуван со столетија го наследил по фамилијарна линија, смета дека секоја кула налик на оваа требаа да има саат. ‘Можам да поправам било каков саат, ама Саат кула без саат не бива. Нека ми донесат механизам за да го поправам или најсетне, нека стават некаков саат на кулата па макар бил електронски’ – вели тој.


Во последно време неколку пати бев до Кратово по работа и експедиции во околината на Кулице и Цоцев Камен. За оние кои не биле со години или можеби никогаш во овој град-музеј, ќе ве дочека едно пријатно доживување низ просторот и времето. Тргнав со предрасудите дека е ова Ѕинголенд, но бев позитивно изненадена од се’ она што може да понуди Кратово и околината. Со споменатиот бизнисмен се сретнав само еднашка. Имено, во Кратово ако нарачате ‘Добра’ или ‘Ладна’ вода, ќе ви ја донесат, но секако – флаширана.

Unearthed (the exhibition) – Откопани, заземјени и поврзани
Unearthed: Prehistoric Figurines from the Balkans and Japan (June 22 – August 29, 2010) е изложба која го предизвика вниманието на светските медиуми. Таа се фокусира на праисториските фигурини кои потекнуваат од Јапонија, Романија, Албанија, Македонија и Велика Британија, носејќи притоа еден свеж и иновативен пристап преку компаративниот модел. Изложбата е поставена во Sainsbury Centre for Visual Arts, прикажувајќи ни ги заедничките карактеристики (тука пред се’ се мисли на орнаментика, декорација, шара, дизајн, украс) присутни кај Неолитските култури ширум светот.

Jōmon figurines and fragments from Sannai Maruyama
Japan, Middle Jōmon Period © Aomori Prefectural Board of Education
Ова е еден постер кој го направив како гостин на 14от Неолитски семинар одржан во Љубљана во 2007, во склоп на симпозиумот кој ја публикува Documenta Praehistorica. Главната тема на овој постер со работен наслов ‘Interwaving cultures or just Neolithic patterns‘ се фрагментите на керамика со богата орнаментика кои потекнуваат од еден сад ископан на неолитскиот локалитет во с. Мршевци, Скопско. Ваквите дизајни честопати потсетуваат на преубавите шари од македонските народни носии, но се сретнуваат и во другите култури ширум светот, временски и географски многу далечни на Македонија, како што е примерот со праисториската култура Џомон (Jomon) во Јапонија.
Орнаменти од неолиски сад – с. Мршевци, Скопско
Самото име на темaта покажува колку значајно влијание имале овие неолитски култури во Македонија, кои како дел од поголемите Балкански културни копмлекси со себе понеле и сегмент од својата материјална и духовна традиција обликувана преку орнаментиката на керамиката. Присуството на праисториските фигурини ископани на територијата на нашата држава на изложбата во Британија, е начинот на кој артефактите од Македонија ќе стигнат до пошироката светска публика и несомнено ќе го предизвикаат вниманието, притоа поставувајќи го прашањето за територијалните и временските ограничувања на светските праисториски општества.
Изложбата ”Праисториските дами од Македонија” своевремено поставена во Музеј на Македонија во Скопје, но и во неколку други градови низ Македонија, го привлече вниманието на посетителите. Дел од овие фигурини се најдоа во склоп на изложбата во Велика Британија, па во оваа прилика го препостирам текстот кој своевремено одеше како нивна рецензија.
Праисториските дами од Македонија
Од жената – мајка произлегло се’ – од човекот до светот. Под нејзина моќ се сите космички елементи и категории. Од неа се се создава и во неа се завршува, за повторно од неа се да се препороди. Мајката – земја повторно го оживува и го пораѓа покојникот. Таа е самата куќа. Садот е нејзината утроба, земјата (теракотата) е нејзината карактеристика. Во дамнешните времиња жената била заштитничка на биолошката репродукција и како таква била љубена, обожувана и почитувана. Така е денес, а така било и во далечното минато.
Доказ за тоа ни претставуваат праисториски антропоморфни фигурини кои се обично пониски од 10 см., обликувани во вид на стилизирана човечка фигура, која (со ретки исклучоци) прикажува – жена. Правени од керамика можеби се наоѓале во светиот дел од куќата и во нивна чест се вршеле религиозни обреди. Персонификацијата во претставата на жена не е нималку случајна. Овие фигурини се обидуваат да ни претстават концепција на еден се уште недоволно објаснет сегмент од спиритуалниот живот на праисторискиот човек.

Впечатливите и убави Неолитските дами (6500 – 4800 год. пред. н.е.) се во стоечка или седечка положба, претставени столбовидно, но и како цилиндрични фигурини поставени на модел од куќа. Честопати имаат препотенцирани колкови, стомак, бедра и гради, за сметка на рацете, подколениците и главата кои можат (но не мораат) да бидат упростени или изоставени. Рацете често им стојат во пределот на стомакот и гениталиите акцентирајќи го нивното значење, а главата и лицето се упростени, при што најдоминантен е носот. На археолошките локалитети, откривани секогаш во просторот на куќата ни рефлектираат духовна димензија поврзана со нивните верувања која поминала низ разни видови на метаморфози, и посебно кај неолитскиот човек како ненадминат мајстор на своето време, успеала да создаде и олицетвори еден можеби наизглед симпатичен модел на своите верувања.
Минијатурните женски фигурини од Енеолитот (4800-2500 год. пред н.е.) исто така се изработувале од керамика и претставуваат продолжение на неолитските традиции. Нивното тело (во исправена или во седечка положба) е надополнето со орнаменти изведени во техниката на врежување во свежа глина. Не е исклучена можноста дека овие врежани декорации го одразуваат тогашниот обичај на орнаментирање т.е. боење или тетовирање на телото.

Претставувајќи ги главите на праисториските дами, анонимните мајстори понекогаш им давале иконографски и пелеоетнографски белези, притоа обликувајќи ги тродимензионално. Освен акцентираните женски атрибути, внимание привлекуваат накитот во форма на белезици и ѓердани како и фризурите и деловите од облеката кои на себе ги носат овие прекрасни дами. Иако не постојат суштествени разлики во претставувањето, сепак е забележлво дека неолитските фигурини се без облека или се делумно облечени, додека енеолитските се воглавном со назначена облека.
Претставите на бремени жени како носители на животот на идните поклоенија се исто така неодминливи, но најмистериозниот дел се должи на честата фрагментираност на овие статуетки. Некои од археолозите сметаат дека тие биле ритуално кршени поради обавување на некои специфични обреди, носејќи желба и порака за плодност, успешен и лесен пород, како за мајката – родилка, така и за мајката – земја.
‘Праисториските дами од Македонија’ можеа да се видиат на истоимената изложба која скоро цела 2005 траеше во Музејот на Македонија. Деведесет и пет праисториски дами од периодот помеѓу шестиот и средината на третиот милениум пред н.е. ги поврзува една меѓусебна идеја – жената како сегмент од богатиот духовен живот на нашите предци.

Авторот, воедно и организатор на изложбата, археологот Ирена Колиштркоска Настева за изложбата ќе напише: ,,Сите фигурини се направени рачно, од добро прочистена глина, а по обликувањето се добро испечени, на температура од 900˚ С – 1000˚С. Изведени со силен творечки дух, секоја од нив е уникатна, иако по стилско-типолошките анализи честопати наликуват една на друга. Речиси не постои истражена куќа од неолитот и енеолитот во која не е откриен идол на жена. Жената преточена во симбол, обликувана во фигурина, мултиплицирана во разни варијанти, укажува на тоа дека таа била многу почитувана во сферата на тогашниот општествен поредок, а нејзиниот придонес во заедницата бил особено почитуван”.
Почнувајќи од праисторијата ни се отвора еден период каде креативното разбирање на луѓето за материјалниот свет се преточило во естетски сфаќања за духовната димензија. Лишено од историски записи, развило необичен дескриптивен принцип, а на вас останува да откриете дали можеби тоа била само имагинација на две популации кој тајните на минатото засекогаш ги понеле со себе?
Текстот беше напишан по повод изложбата ‘Праисториските дами од Македонија’ која беше поставена во Музејот на Македонија во 2005 година. Рецензијата беше нарачана и публикувана во списанието ,,Мој Дом”.
Клучни зборови: exhibition, prehistoric, macedonian, figurines, neolithic, eneolithic, Arheoblog, изложба, праисториски, дами, неолит, енеолит,Македонија, Праисториските дами од Македонија, Археоблог
Акцијата Фаланга – Едуцирај се себе, па научиме и мене
На територијата на нашата држава (како што e пoвеќепати изјавено) досега се откриени повеќе од 5000 археолошки локалитети на кои постои изобилство на археолошки материјал значаен како за културното наследство на Република Македонија, така и за светот. Со оглед на актуелната состојба во Република Македонија во овој транзиционен адолесцентен период кој трае нешто повеќе отколку кај просечен тинејџер, стана очигледно дека државата ниту има доволно средства за заштита на сите овие археолошки локалитети, ниту пак се создадоа човечки ресурси (пред се научни), кои сето тоа ќе го валоризираат, презентираат и публикуваат. Поради ваквата лоша економска состојба и незаштитените локалитети, во последните две децении се разви масовна појава на диви ископувања на истите со што неповратно се уништија предмети со непроценлива културна и историска вредност. И покрај тоа што се знаеше за овие појави, тие не беа вистински правно санкционирани, па во 2010 година ескалираа со акцијата на МВР именувана како Фаланга (1,2).
Со оваа акција се отворија многу поглавја кои ќе напишат нови страници во трулата македонска археологија, почнувајќи од заштитата на локалитетите, нивната публикација, односот кон луѓето кои работат со културното наследство вклучително со нивното омаловажување и деградирање како во теренски така и во институционални рамки, прашањето за дивите ископувачи, за нелегалната трговија со антиквитети, за колекционерите … итн. И најсетне, прашањето за едукација на граѓаните во однос на сопственото културно-историско богатство.
Ова прашање последно го покрена написот Римска статуа 14 години стои во дворот на жител до Дулица- полициската Фаланга му затропа на врата, на Канал 5 телевизија, но и претходно јавноста беше запознавана со ситуациите во кои граѓаните не пријавувале артефакти кои ги пронаоѓаат на сопствените имоти или на државно земјиште.
Откопал селанец во својата нива статуа од големо значење за Културното наследство на Македонија (вредна како и секој друг археолошки премет), си ја чувал дома мислејќи дека добро ќе ја продаде и на крајот наместо надокнада добил кривична пријава и условна затворска казна, како олеснителна околност дека ова му се случува првпат.
Извор: Вест
Од сите овие настани, веројатно највпечатлив беше случајот со Херкуланката од археолошкиот локалитет Стибера. Имено, се работеше за тоа дека еден човек по 20 години копање на земјиште кое се наоѓа на познат локалитет до сега не пронашол и не пријавил ниту еден наод, но ете одеднаш откопал цела статуа на нива која се ора пола век. И тоа на само 30 см од површината на земјата, кога знаеме дека оралото од плугот може да зафати и до пола метро ако е орањето длабоко. (Јас инаку се бунев кога на магистерските студии во Белград за еден испит ми ја бараа оваа информација)
Весникот Дневник прилично добро го пратеше и го елаборираше целиот настан, па во нивните написи тој може и хронолошки да се следи.
Како уште еден пример за неедуцираност на граѓаните ќе го наведам случајот со откриени и уништени доцноантички питоси во близина на селото Опила, општина Ранковце.
Питоси (глинени ќупови) од доцноантичко време се ископани, а еден, поради незнаење, е целосно уништен при градежни работи за поставување интернационален далновод во близина на црквата „Свети Никола“ во селото Опила, општина Ранковце.
Извор: Време
Исто така многу е важно прашањето за непријавување и оштетување на археолошки локалитети од страна на инвеститорите со нивните теренски работи. Сумирано, постојат три варијанти на оваа ситуација:
1. Инвеститорот да не пронајде воопшто културни и археолошки ресурси
2. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да ги пријави
3. Инвеститорот да пронајде културни и археолошки ресурси и да не ги пријави
Одговорни во оваа ситуација се локалните самоуправи на чија територија се одвиваат градежните активности. Според новиот закон, за културно-историските споменици на својата територија освен локалните музеи и заводи, задолжена е и самата локална самоуправа. Факт е дека локалните самоуправи во Македонија тешко се справуваат и менаџираат со своите културни ресурси, бидејќи е тоа обврска која им припадна по менувањето на цел еден закоравен систем на вредности понесени од минатото. Тие треба да ги попишат, опишат и евидентираат сите културни ресурси кои се во нивната јурисдикција пред тие да бидат оштетени или загубени засекогаш во трката со технологијата и модернизацијата. И не само да ги валоризираат, туку и да ги публикуваат најмувајќи компетентни лица, зошто тоа е единствениот видлив доказ дека нешто сработиле.
Заклучок:
Би забележала дека досега на полето ‘Подигнување јавна свест кај населението за културното наследство‘ нема никаква заинтересираност ниту кај владиниот, ниту кај невладиниот сектор, иако постојат и делуваат голем број на НВО-а од областа на културата. Искрено, ме интересира како тоа тие работат со години на проекти кои ‘тежат’ во вистинска смисла на зборот, а локалното население кое живее во близина на археолошките локалитети ниту е информирано, а уште помалку едуцирано за вредноста во нивната околина. Не сакам ни да го отворам прашањето за пристапување кон подигнување на нивната т.е. целокупната јавна свест за културното наследство. Одамна многу работи се јасни со луѓето кои работат во ‘полето на културата’. Оти прво треба да се едуцираат самите тие, за да може потоа да ги едуцираат и другите.
Најголемиот дел од археолошките локалитети се наоѓаат во близина на рурални населби каде што населението е со низок степен на образование и претежно се занимава со земјоделие. Населението во овие населби не е доволно информирано и не е свесно какви вредности од културно и историско значење има во својата непосредна околина.
Наместо толку пари фрлени по бесмислени проекти, работилници и семинари, книжулчиња преку кои се испрале пари и лигави налицкани брошурки кои не даваат ниту една пристојна информација, потребно е да се отиде кај сите овие луѓе и да им се објасни ‘Како да се грижат за своето културно-историско наследство и да се гордеат со него, бидејки тоа треба да остане и на генерациите кои доаѓаат“. Тие сигурно немаат време како тебе да седнат да го читаат мојот блог за да да го апдејтуваат своето знаење, туку на процесот треба да му се пристапи во обратна насока. Или што би рекле нашите северрни соседи, да ги цитирам ‘Уби нас незнање’!


















