29th October 2009

Кокино, мегалитските глупости и непостоечките култури – Дел 4

Појаснување ЧЕТВРTО

Зошто науката има потреба од Геоархеологија

Daily it is forced home on the mind of the geologist that nothing,
not even the wind that blows,
is so unstable as the level of the crust of this earth.
—Charles Darwin, naturalist

Геологијата е важен аспект во човечкото минато. Археолошките истражувања кои се однесуваат на геологијата и географијата како науки за земјата се нарекува геоархеологија. Геоархеолозите работат со археолозите за да ги истражат геолошките аспекти на археолошките записи. Бидејќи археологијата е на и во земјата, геолошкиот контекст на археолошките наоди е од големо значење. Како дополнение, многу од суровините кои се користеле во минатото се од геолошки депозити на камен, глина, метални руди и овие извори може да бидат проучувани од перспектива на геоархеологијата.

Заедничкото тло во полето на геоархеологијата се пронаоѓа во апликација на геолошките методи во решавањето на археолошките прашања. Разбирањето на пејсажот и седиментите во кој се најдени археолошките материјали е есеснцијалниот дел за објаснување на човечкото однесување во минатото. Геологијата има спектар на методи и теории за формацијата на земјата кои се корисни во археологијата. Геоморфологијата е гранка на геологијата која конкретно се занимава со карактеристиките пронајдени на површината на земјата и процесите кои ги создаваат нив. Промените во пејсажот со текот на времето имаат значителни ефекти на човечкиот живот и мора да бидат документирани

Геоархеологијата се занимава со регионалните (пејсаж) и/или локални (место) степени на анализи. Многу гранки на геологијата се вклучени во геоархеологијата, на пример геоморфологијата (облици на земјата), глациологија (глацијација), хидрологија (водени површини), педологија (почви), петрологија (минерали), и седиментологија (седименти).

Драматичниот аспект на геоархеологијата го вклучува и проучувањето на природните катастрофи во минатото и нивното влијание на човечките животи. Бројни настани, како вулкански ерупции, полави и земјотреси ги уништувале човековите живеалишта во минатото, како и денес. Некои од овие настани биле од големи размери, погодиле големи заедници и доста големи региони. Во добро познатите примери се вклучуваат и ерупциите на Везув и Тера, кои избришале огромни градови и убиле илјадници луѓе. Некогаш вулканите уништуваат локалитети, но некогаш и ги создаваат како што е тоа случај со археолошкиот локалитет Кокино.

Кокино – природна геолошка формација

Тезата на астрономот Ценев дека луѓето се тие кои го направиле Кокино е сосема недоржлива од аспект на „степенот на вистинитоста на една постапка” која е темел на науката. Зошто нешто да направите, претходно не бе требало да постои во природата, а според геолошките истражувања на Недељко Ѓорѓевиќ – м-р и дилп. инж на геолошки науки, Кокино како локација се наоѓа на истото местото уште од доцниот плиоцен, додека карпите и престолите не се ништо друго туку зацврсната лава во каналот на еден помал вулкан.

Со сигурност може да се претпостави дека се работи за најмладата фаза на вулканската активност, со доцноплиоценска старост. Околу основниот отвор со овален, елиптично-хоризонтален пресек и размери 200х80 метри, во непосредна близина се регистрирани уште два мали (североисточно и југоисточно), послабо изразени, секундарни кратери, како резултат на паразитското излевање на лавата.

Во оваа фаза од вулканската активност излиената лава е со андензитски карактер, со јасно изразенo столбесто (призматично) лачење, предодреденo со сингенетски контракциони пукнатини и прслини, со вертикални и субвертикални агли.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, 275.

Геоморфологија на Кокино е прилично добро елаборирана во вториот број на списанието Пирајхме, издание на Кумановскио музеј, од страна на геологот Ѓорѓевиќ кој објасува за вулканското потекло на овој локалитет. Со едноставни зборови, Татиќев камен е кратер од дамнешна вулканска купа и таму е се природно, вклучително со престолите и платформата на кои не се забележуваат траги од допoлнителни активности (делкање, полирање и сл..).

Во рамките на разгледувањето на овој проблем треба да се потенцира дека и самиот “престол” и платформата пред него се со природна предиспозиција на системски пукнатини и прслини со елементи на пад од 240/88, 165/90 и 105/5. Со овие пукнатини се ограничени скоро идеалните коцкаски блокови, кои луѓето релативно лесно можеле да ти тргнат и да оформат четири седишта со наслони, во низ еден покрај друг, свртени кон исток. Пред нив на идентичен начин е оформена платформата во две до три скоро хоризонтални нивоа, наменети за слушатели и гледачи.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, 277.

Заклучок

Пукнатинските предиспозиции на “престолите”, на платформата, како и столбестото излачување на андензит не остваат простор да се направи претпоставка дека вулканската структура на археолошкиот локалитет Кокино е вештачка и дополнително обликувана од човекот. На овој начин се отфрла и веќе установената и прифатена терминологија за мегалитскиот карактер на ова наоѓалиште, бидејќи ниту на него, ниту во околината има траги од претпоставената мегалитска архитектура.

Што се однесува до реперите кои се предочени како база за археоастрономскиот карактер на оваа локација, треба дополнително да се утврди од страна на најмалку барем две светски научни независни институции дали се овие тврдења основани и со научна методологија да се прифатат или отфрлат како такви.

Почвата под нас може да ни даде многу информации. Затоа треба да бидеме крајно внимателни, зошто ние всушност постојано газиме врз нашите археолошки докази. Според Леонардо да Винчи

We know more about the movement of celestial bodies
than about the soil underfoot.
—Leonardo da Vinci,

Продолжува

Литература:

D. Srejović (ed.), Arheologija i prirodne nauke, SANU 1992. (поглавјето од D. Nikolić i V. Dimitrijević)

G. Coles, Principles, methods and techniques of Environmental archaeology; The Environmental Archaeology

K. W. Butzer, Archaeology as Human Ecology, Cambridge University Press, Cambridge 1987.

Price T. Douglas, Principles Of Archaeology / With Powerweb, Mcgraw-Hill Education – Europe (United States), 2006, 245-267.

P. Stevanović, M. Marović,V. Dimitrijević, Geologija kvartara, Naučna knjiga, Beograd. 1992, 1-133, 138-147.

Ѓорѓевиќ Н., 2003, Геолошко рекогносцирање терена на археолошком локалитетима у околини Куманова током 2002 године, Пирајхме 2, Народен Музеј – Куманово, Куманово 2003, 263-280.

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Бронзено време, Етно-археологија, Медиуми | 6 Comments

26th October 2009

Кокино, мегалитските глупости и непостоечките култури – Дел 3

Појаснување TРETО – Праисториска религија

Кон крајот на V милениум п.н.е започнуваат процеси кои во тeкот на IV милениум во целата западна и северозападна Европа ќе се искристализираат како култури со карактеристични мегалитски гробници за колективно погребување (долмени, гробови со ходник) и мегалитска сакрална архитектура од големи исправени камења (мeнхири), кои може да се осамени, но честопати се поставени во паралелни редови (alignements) или во круг (кромлиња). Покрај овој тип на широко распространета мегалистка архитектура, во некои региони се подигнуваат и поинакви сакрални камени конструкции, како на пр. светилишта со потковичеста основа во Данска или храмови со централни дворови и ниши на Малта. Скоро сите малтешки храмови од овој период имааат основа во вид на матка или силуета на телото од Големата Мајка Богинка. Додека пак хенџовите во Британија и Бретања се исто така пропратени со некрополи во нивната близина.

Треба да се има во предвид дека сите заедници од бронзеното доба на Европа, Медитеранот, Левант, Египет … имале сопствен развиток кој почнал или завршил во сосема различен период и милениум. Без оглед на специфичностите кои се изразени во регионалните култури, заедничка карактеристика на овој период е вреднувањето на камениот блок како единствено средство кое “можеби” за овие праисториски заедници обезбедувало бесмртност, комуникација со предците и боговите, со подземниот свет и небото, како неисцрпен извор на сила и како основен ориентир во овој живот и после смртта.

Сепак, да се зборува за праисториска религија (еден неблагодарен термин со кој не се сложувам) на културата Кокино, принесување на жртви на богови, церемонии и мистериозни ритуали е крајно шпекулативно.

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=776E576C26EA3C4DBB1565505B66D984

Utrinski Vesnik via kwout

,,Праисториската религија” е можно да се реконструира само врз база на археолошки наоди. За да се докаже континуитет во постоењето на животот на еден археолошки локалитет, потребни се тони на артефакти, одлично водена стратиграфија и совршена документација, како и толкувања кои се пропратени со примери од етнографијата. Само мал дел од духовниот живот на овие заедници се рефлектирал во начинот на кои тие ја украсувале керамиката со разни отисоци, гребења и втиснувања на орнаменти. Ваквите мотиви би можеле да ги означуваат елементите со кои е ис(у)кажувано некое почитување. Оваа орнаментика сочинува своевидна митологија, но треба да се биде крајно претпазлив во однос на нејзиното толкување и интерпретација, пред се поради отсуството на историски извори.

Ние не знаеме на праисторискиот човек колку тешко му било визуелно да ги опредмети своите верувања, и секогаш постои можност за погрешна интерпретација на истите бидејки се соочуваме со отсуство на пишани докази. Се додека не се докаже дека во еден ист слој со артефактите има траги од органска материја, претпоставката за принесување на храна и полагање на предмети во име на некој бог е прилично непоштено. До нас допираат само предметите, но не и верувањата (употребна или сакрална вредност) кои тие предмети ја носат со себе и честопати во неможност да бидат конкретно интерпретирани, некои научници (посебно квази науката) се служат со изразот … дека се тоа предмети кои биле употребувани во култна намена.

Свастика – еден од симболите кои се употребувале
во Бронзеното доба

Според изнесените заклучоци на астрономот Ценев дека Кокино е “мегалитска” обсерваторија со уникатна културна група означена како Кокино и на него се вршеле сакрални ритуали, и овозможува на македонската археологија место во некои од следните скечеви на Монти Пајтон. Прво Кокино воопшто нема мегалитска архитектура, за култура со овој обем на ископувања не може да стане збор, а од друга страна религиските верувања, обичаи и култови на една поединечна група или заедница се докажуваат всушност со откриените артефакти. Понекогаш во археологијата е доволен само еден пронајден артефакт кој ќе ја промени праисториската мапа и ќе ги протресе темелите на човековата “религија”. Токму тие артефакти ги принудуваат археолозите и историчарите и социолозите на религијата да ги преформулираат своите погледи за природата и потеклото на симболите, т.е. “духовноста” кај праисторискиот човек.

Ќе бидат потребни години додека се дефинира заедницата од локалитетот Татиќев камен познат во јавноста како Кокино, а уште повеќе децении да се најдат истовремени локалитети со слични или исти артефакти кои ќе дефинираат една култура.

Затоа драги мои љубители на археологијата, сите ние сакаме да бидеме најстари, најдобри, најуникатни. Навистина сме нај, ама во лупање на глупост од самопрозвани стручњаци кои воопшто не ги знаат основните термини за археологијата како наука и религијата како еден од нејзините социјални аспекти.

Продолжува


Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Бронзено време, Етно-археологија, Медиуми | 0 Comments

20th October 2009

Кокино, мегалитските глупости и непостоечките култури – Дел 2

Појаснување ВТОРО – Зошто НЕ! за Културата Кокино

За терминот “култура” може да се прочитаат најразлични толкувања во зависнот од разгледуваниот проблем и дискурсот кој го има истражувачот. Кога се зборува за култура во археолошки смисол на зборот, овој термин се поистоветува со територијален, хронолошки, економски, технолошки и стилски хомогени материјални остатоци од една заедница. За да се дешифрира и дефинира една култура во простор и во време, треба да се исполнат многу услови (меѓусебни врски, социјален, идеолошки поредок, односот со други култури) а тоа најмногу зависи колку и во која мера се сочувале материјалните ракотворби, т.е. артефактите. Квантитетот на предмети од еден археолошки локалитет, или од еден негов дел (зависи од обемот на ископувањата) претставува само една збирка и воопшто не го дефинира терминот култура ниту во најелементарната формулација.

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=776E576C26EA3C4DBB1565505B66D984

Utrinski Vesnik via kwout

Кога се зборува за праисторијата, со терминот цивилизација се изначуваат периоди во кои се случиле позначајни економски, технолошки и социјални промени, често од глобален карактер (египетска цивилизација, меспопотамска, минојска цивилизација). Понекогаш овој термин се поиствоветува со значењето на поимот култура, кој всушност претставува прецизно дефиниран културен идентитет на одредена друштвена заедница пресликан во материјалните предмети кои тие ги употребувале и ги оставиле зад себе како доказ за едно време.

За култура може да се зборува само доколку се согледаат сите аспекти на материјалните остатоци кои се препознатливи и единствени за некоја заедница, а внатре во неа се униформни (со горе-долу непроменлива форма) и можат да се пратат во текот на долг временски период. Понекогаш предметите кои ја дефинираат културата се тешко воочливи, што секако зависи од тоа колку временски, територијално и пред се материјално, се зачувале. Изгледот на предметите може да варира во време и во простор, а нивната трансформација или варијација практично го одбележува изчезнувањето на една култура.

Кога сите овие карактеристики ќе се применат во просторните варијации, може да се зборува за културна група, или можеби регионална варијанта која се создала во рамките на истата културна група. Но пред се, за да дефинирате една култура морате да имате доволно добро зачувани, дефинирани типолошко-технолошки карактеристики на предметите кои опстанале долг временски период. Сето тоа да биде потврдено со испитувања од неколку независни научни институции или истражувачи, повеќе пати преиспитано и дефинирано, за да биде конечно како предлог потврдено во науката. Некогаш за тоа се потребни години, а честопати и децении.

Како што знаеме археологијата е (наука за мртвите работи). Но покрај тоа постојат и голем број на пропратни елементи кои на изглед се чинат дека не се дел од ,,вистинската археологија”. Понекогаш тие демонстрираат значаен придонес да разбереме каков бил животот на луѓето во минатото. Еден археолог не треба само да се бави со проучување на артефактите, туку и со комплетниот локалитет, неселба и средствата кои го одржуваат во живот тој локалитет (заедница), т.е. таа населба. Оваа студија вклучува неколку компоненти како: гео-археологија, археоботаника, археозоологија и археометрија.

Доста често, за да се добијат порелевантни резултати, овој тип на анализа бара многу труд и тимска работа на повеќе профили на истражувачи. Затоа пак податоците кои се добиваат при тоа, ни покажуваат различни асоцијации и можат да истакнат некои значајни резултати. За жал во македонската археологија ова прашање засега е запоставено и не му е посветено потребното внимание.

Споредувањето на една археолошка култура (на пример Минојската) со друга за која треба да бидат дополнително откриени материјални докази за да се дефинира (како предложената Кокино), не спаѓа во доменот на науката. Навистина е доволна тезата дека Кокино можеби бил праисториска (не мегалитска) обсерваторија, но да се каже дека бил направен од се уште недефинирана култура е навистина шпекулативно и крајно непоштено. За да нешто направите, претходно не бе требало да постои во природата, а според геолошките истражувања Кокино како локација се наоѓа на истото местото уште од доцниот плиоцен, додека карпите и престолите не се ништо друго туку зацврсната лава во каналот на еден помал вулкан.

Продолжува

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Бронзено време, Медиуми | 0 Comments

19th October 2009

Кокино, мегалитските глупости и непостоечките култури – Дел 1

Во последно време јавноста повторно се разбранува со Кокино и препукувањата помеѓу неколку ентитета за неговата веродостојност како културно наследство, наше и на светот. Изјавата на прес конференцијата од страна на Ѓоре Ценев, астроном, дека околу Кокино се откриени нови светилишта како и доказите за постоење на автохтона култура, ги натера археолозите јавно да реагираат.

Првите реакции беа од МАНД и од Јовица Станковски, археологот кој го ископува локалитетот Татиќев Камен, познат во јавноста како Кокино.  Медиумите ја подгрејаа атмосферата со своите написи Кокино во оган меѓу астрономите и археолозите и Кавга за Кокино, до ниво за повторно да возврати астрономот Ценев дека за овој локалитет ги применува методите на археоастрономијата.

Целата оваа лакрдија со Кокино ги премина сите лимити кои археологијата како науката може да си го дозволи, а притоа да не се дискредитира. Првата моја реакција е упатена до МАНД (Македонско археолошко научно друштво) во однос на нивното писмо каде се оградуваат од изјавите на Ценев за културата Кокино. Во голема мера се сложувам со ставот на моите колеги, но како дел од МАНД и негов постојан член, пред да се прати во медиумите, требало писмото да се испрати циркуларно до сите археолози членови на оваа друштво. Повеќе пати до сега сум искажала јавно мислење за одредени работи или појави во општеството поврзани со археологијата и не би сакала во иднина некој без прашање да го кажува мојот став, а јас за тоа да не бидам консултирана. Едноставно – не дозволувам никој во мое име да дава изјави во јавноста!

Појаснување ПРВО – Архитектонска структура тип хенџ

Според дефиницијата Хенџ e:

кружна или овална конструкција од култен карактер, со преку 20 м во дијаметар и ров околу него. Пристапот им е ограничен само од неколку страни, но најчесто од онаа која гледа кон Сонцето кога излегува на денот на летната долгодневица или зимската краткодневица. Можат да бидат составени од компоненти кои вклучуваат – камени седишта, камени кругови, менхири, трилити, кромлиња, некрополи итн.

Кога ќе се помисли на хенџ (како што е Стоунехенџ – најславниот егземплар од овој тип), асоцијацијата која ни доаѓа се остатоци од камења или камени блокови поставени во кружна форма за чиишто карактер можеме само да претпоставуваме дека бил култен, со оглед на тоа што тие припаѓаат на оној дел од културниот развиток на човекот за кој нема пишани докази. Како што може да се забележи, кружната отворена форма е основа една структура да биде прогласена за хенџ, и со оглед на нивното простирање во одреден дел од Медитеранот, Бретања и Британија (ги има и на други места), треба претпазливо да се одбираат зборовите од страна на медиумите кој објект или локалитет (со посебно внимание на временскиот период), ќе го добие епитетот – личи на Стоунхенџ.

Престанете да го нарекувате Кокино мегалитска обсерваторија!

Исто така многу важна ставка една структура да се прогласи за хенџ (макар не била и мегалитска) е нејзината поврзаност со календарот и астрономијата. Се додека не се најдат цврсти докази се останува во полето на имагинацијата и шпекулацијата. Археоастрономијата ја интересираат сите појави кои се поврзани со набљудувањето на небото, вклучително и тоа на кој начин луѓето од минатото ги разбирале феномените на небото, како ги употребувале и пред се какво значење играле тие во нивните култури.

The archaeological artefacts from the eastern side of the highest part of the site also speak of one of the mountain rites related with the fertility cult. Namely, fragments of vessels were discovered in several natural cracks on the rocks, sometimes remodelled in almost circular form in the upper part. The small pits formed this way were closed with earth and small stones upon the introducing of the vessels filled with offerings. The essence of the cult is in the belief that the rocky mountain top is the body of the Great Goddess Mother and the cracks in the rocks – the openings in her womb.

Пасусот е извадок од апликацијата со која УЗКН при Министерството за култура го пријавило Кокино како “мегалитска” обсерваторија на привремената листа на UNESCO. Мислам дека е редно време сите (тука спаѓаат и медиумите) да престанат да го нарекуваат Кокино мегалитска обсерваторија. Треба повторно да се ревидира дали локацијата е воопшто праисториска обсерваторија, а никако мегалитска. Дотогаш останува само ставката дека Кокино е археолошки локалитет од бронзеното доба за кој треба да се направи долготраен план како да се заштити од временските и од материјалните уништувачи. Бидејќи Кокино е археолошки локалитет за кој знаеме дека нема да се повтори во историјата на човештвото, оти факт е дека секој локалитет било каде во светот сам по себе е уникатен и оригинален.

Како археолог, се оградувам да давам изјави и толкувања во областа на археоастрономијата. Истото тоа им го советувам на сите останати профили на истражувачи кои не се занимаваат со археологијата како основна дисциплина. Додека не се проверат сите опции, вклучувајќи ги и геоморфолошките испитувања, не се отстрани било каква можност за грешка при ископувањето и документирањето, научната јавност треба да биде лишена од турбулентни емоционални субјективни влијанија и опсервирања.

Продолжува

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Бронзено време, Медиуми | 5 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes