12th March 2010

Кастелот кај Пчиња и записите на еден јеромонах

Не постои патник кој на 26 километри јужно од Скопје, на автопатот кој води за Велес, не поминал а да не го забележи Кастелот кој се издигнува на едно специфично нагласен простор кој од другата страна стрмоглаво се спушта кон реката Пчиња. Овој археолошки локалитет познат и како Кожле со својата комплексност беше инспирација за романот „Кале“ на Јордан Јовановски, во издание на „Macedonia prima“, кој успеа да влезе во вториот круг за годинешниот избор на Роман на годината организиран од дневниот печатен весник – Утрински.

*     *     *

Пред да замине за својот манастир, да не гледа уште една несреќа, да се скрие зад топлите денови погодни за поправка на запалениот конак, остарениот архимандрит го повика.

- Време е, синко! На секое живо суштество, Оној горе севишниот му го покажува патот – благо и тивко му зборуваше. – Ти, млад си, остани, Господ нема да те заборави. Имам уште една молба, утре симни се долу во св. Спиридон. На брат Мердарие, тебе те одбрав го знаеш каков е, и ако некого послуша тоа можеш да бидеш само ти. Кажи му, знаеш подобро од мене, ако затреба пушти и некоја солза, да не го предизвикува Божјиот грев. Да не заборава каква сила, какви ѕверови наближуваат, да не се јуначи попусто. Ќе изгорат живи во таа нивна префалена кула спасителка! Не се тоа оние наши вошлосани разбојници, ќе ограбат што им дојде до рака, за ден-два ги снемало. Ова е поцрно и од црната чума. Така ти е кога подигаш манастир крај пат…

Без збор, се поднаведна да му бакне рака. Но остарениот архимандрит, и тој без збор, благо му ја исправа главата му ја става на своите гради и го прегрнува со двете раце. Потоа, кога се разделија и кога стариот свештеник тргна кон колата, се сети нешто, подзастана, се сврте и му рече.

- Ако брат Мердарие решил да си остане, оној дојденецот, рашанецот, треварот, живописецот нека го испрати кај мене, ќе има многу работа, штета е, и за него и за нас, да пропадне…

Утредента, Продан гласникот, уште рано, го одбива, понудениот коњ – не сум навикнат, подобро ми е вака, пеш – ќе им рече на слугите од господарската коњушница и за неполни два часа по оној пат, крај река, по удолницата, веќе тропаше на малата манастирска врата. Тоа се оние мали едвај видливи вратичиња кои секогаш се свртени кон ридовите, шумите, за не дај Боже!

Влегува слободно како во дворот на своја куќа, поминува крај казаницата, поминува подолу и покрај меѓарницата нигде никого, а од некаде допираат непрепознатливи гласови. Подзаслушува. Гласовите му се нејасни, неразбирливи, а се’ погласни, се приближуваа до него. Одзади разгранета црница, над средната чешма, се појавија двајцата глувонеми манастирски слуги, со бали сено на грб од кои не можеа да го видат. Ги знаеше, тоа се момчињата кои пред некоја година ги одмина онаа црвена грозница, но им го зеде говорот и им ги затвори ушите. Нивните пет-шест огништа, цело село, се запусти. Немаше каде, како и секогаш по таквите несреќи, последното засолниште за несреќниците е манастирот. Оној постариот, Тодор, сила од човек, можеше кош полн со грозје да изнесе на врв планина. Лете, кога паѓаше град и кога удираше по оловниот покрив на манастирот, со прст, до увото кој го креваше горе до покривот и потоа до увото, можеби сакаше да ни покаже дека нешто слуша. Не можеше да се разбереме ни тој што наумил да ни рече ниту да не слушне, што има ние да му кажеме. Оној, неколку години помладиот, негов братучед, целото време го минуваше со овците.

Превземено од @Утрински весник

Од изложбата во 2008/2009 г – Музеј на македонија

Археолошки истражувања на локалитетот Кастел кај Пчиња, познат и како Кожле, започнаа во 2008 година под раководство на археологот Кирил Трајковски од Музејот на Македонија. Една година подоцна по добиените првични резултати од теренот, беше отпечатена и илустрирана брошура/флаер на македонски и нa англиски а во некоја мера истите инфомации може да се сретнат и во написот од последниот број на МАВ. Во текстовите се дава преглед на хронолошкиот дијапзаон во кој бил населен овој локалитет, од праисторијата па се до 14 век, кога кастелионот престанува со својот живот.

Околу 3.500 година пред Христа, безимените жители на минорната населба биле принудени да подигаат палисади за да се заштитат од освојувачите кои доаѓале од север. Малкуте собрани и откриени парчиња од керамички садови постари од илјада години, упатуваат на Пајонците. Период од IV -II век пред Христа, како и римскиот период се до IV век по Христа е се уште прекриен со ”тајни”. Како Кастелион, населбата имала стратегиско значење од VI до VII век заради контролата на средновековниот пат од Тесалоник (Солун) до Скупи (Скопје). Христијанското население изградило црковен објект кој функционирал до првите децении на VII век, кога тврдината ја освоиле варварски племиња од север. Aктивниот живот на Кастелионот продолжил во XI и според наодите се смета дека без прекини течел се до османлиските освојувања во XIV век. Во крајниот западен дел од просторот, утврдени се остатоци од црква со фрагменти од живопис од XII до XIII век, а во блиската пештерата – монашка ќелија.

Наодите од ископувањата на Кастелот кај Пчиња кои ќе продолжат и годинава, влегоа во рамките на Годинешните археолошки изложби 2008/2009 и 2009/2010 и се’ уште можат да се видат во привремената поставка на Музејот на Македонија во Скопје.

photos courtesy @volan

Bookmark and Share

posted in Археологија, Архитектура, Византија, Доцна антика, Енеолит, Книги и литература, Рана антика, Религија, Среден век | 0 Comments

5th March 2010

Теренски белешки

Ова е еден серијал на мојот сајт Креативна археолошка работилница, кој имав намера да го започнам одамна. Тоа се дел од моите теренски белешки кои никогаш нема да бидат публикувани. Не си земајте за зло да помислите и дека е вистина, иако може да е се’ само фикција …

Теренски белешки (3)

Замокот беше стар и запуштен. Се чудевме како преживеал во оваа недојдија. Имало многу замоци во средниот век, ама биле градени од трошна материја, па скоро ниту еден не опстанал. Во шанецот некогаш исполнет со вода, сега се капеа искршените камени натписи од гробиштата, носејќи ги со себе тајните на нивните сопственици. Одненадаш, од никаде и непоканет изникна еприграфичарот. Носеше од оние мали убаво обликувани длета и едно чудно четкиче. Велеше буквите од плочите го искривиле накосо оти биле пишувани во курзив. Искуството низ кое поминувавме одвреме навреме на терен ми велеше да ја послушам неговата интуиција. Таа вечер беше како магловита зима во сон, сонувана, многу пати отсонувана кога го погледнав натписот. А всушност го барав записот кој доцнеше со столетија. Морав да земам лупа и двојно огледало за да го прочитам. Теренските белешките ги задолжив кај клисарот. Во малата црква до тврдината. Послана со слана и заспана засекогаш по овие беспаќа. Но тајната преведена на сите човечи јазици – веќе ја имаа разбрано мудреците од целиот свет.

Реконструкција на средновековната тврдина во Велес

*     *    *

Се случи ете тука, а би можело да биде било каде …

Bookmark and Share

posted in Археологија, Историја, Книги и литература | 0 Comments

3rd March 2010

Јаков од Камена Река и неговиот “Часослов” (Венеција 1566)

Еден проект кој се случил во 1566 година во Венеција е од исклучителна важност за македонската писмена култура. Покрај издавањето на Часословот од страна на Јаков од Камена Река, дознаваме и за врските со печатницата на црногорецот Божидар Буковиќ во Венеција, како и за скопјанецот Кара Трифун кој ја отворил веројатно една од првите книжарници во Скопје каде можела да се купи книгата.

Јаков од Софија на својот ”Псалтир” кој го испечатил во 16 век, напишал за себе: „Аз Јаков от пределех македонских, од места зовом Софија, Крајков син… И аште кому која потреба, всхоштет от светих книг, то вса сија сут принесена в места Скопје, у Кара Трифуна.

(Радмила Угриновска – Скаловска,
Записи и летописи. Скопје 1975. 87-88)

Архивите на МРТВ (Македонска Радио и Телевизија)  се невидено богата ризница за нашето културно, духовно и природно богатство. Заедно со архивите на весникот Нова Македонија или Фондот на Бранислав Русиќ во Архивот на МАНУ, стојат заробени со години, спротивно од тенденцијата да се дигитализираат и да се направат јавно добро.

Кога веќе се започнува тој долго зборуван и фамозен проект за Дигитализација на културното наследство (што кај нас трае со години) тука треба да се вклучат сите сегменти кој и те како ни се потребни, а кој би помогнале да се осветли дел од идентитетот граден и негуван на овие простори со столетија.

И не е се до парите. Има нешто и во интернетот и блоговите. ;)


Bookmark and Share

posted in Историја, Книги и литература, Културно наследство, Религија, Скопје | 0 Comments

9th February 2010

Miss Potter – или како незванично се банира литература за деца

Miss Potter е филм од 2006 година кој претставува биографија на англиската писателка за деца Беатрикс Потер (Beatrix Potter) комбиниран со анимирани секвенци од најпознатиот лик во нејзините книги, зајакот Петар (Peter Rabbit). Незнаејќи ја позадината на приказната, она што своевремено ме привлече да го погледнам филмот нормално беа имињата на светските глумици Рене Зелвегер (Renée Zellweger) во улогата на писателката Потер и Јуан МекГрегор (Ewan McGregor), кој го игра нејзиниот издавач и љубовник. Плотот на приказната го прати животот на Потер која потекнува од многу богата фамилија, но наспроти тоа ќе остане осамена се до својата зрела возраст кога ќе ја издаде првата книга со сопствени илустрации. Нејзините дела се инспирирани од европската традиција за раскажување на басни, налик на оние од Езоп, во кои животните се главни личности. Животот на Потер пак е фасцинантна мешавина од успех во професијата, но и личната тага кога ќе почине нејзиниот издавач со кој треба да се омажи.

Од моментот кога ќе стане економски независна, бидејќи книгите ќе се продаваат во огромни тиражи, таа ќе се одвои од своите родители населувајќи се на фарма во близината на Lake District. Тоа е огромна област со езера во еверо-источна Англија, позната уште како The Lakes or Lakeland, еден од 14те официјални национални паркови во оваа држава.

Куќата Hill Top, објект од 17 век во кој ќе живее и ќе ги пишува продолженијата со зајакот Петар (Peter Rabbit), денеска е културно наследство на Англија и се наоѓа во истата состојба од времето кога Потер живеела во неа. За да не пропадне целиот предел, своевремено таа почнува да им помага на мештаните со тоа што купува куќа по куќа, имање по имање. По својата смрт, целото наследство го остава на држава. Денеска Lake District е национален парк кој воодушевува со природата и исклучителната грижа кон неа и е особено популарна дестинација кај англичаните за празниците. Поради огромниот интерес кој го предизвика филмот, можат да се сретнат многу странци.

Авторката на блогот My Little Treasures, дипломиран англист и преведувач по англиски јазик за делата на Беатрикс Потер вели:

“Морам да признам дека јас како англист, но пред се како вљубеник и почитувач на детската литература најискрено жалам што ние (децата од ‘70 и ‘80) сме немале можност да го откриеме волшебниот свет на оваа брилијантна писателка. Да не се запознае Зајачето Петар е исто како никогаш да не се запознае Малиот Принц.

Причината за нејзината отсутност, т.е. недостапност за земјите од источниот блок можам да ја толкувам само како политика на тогашните издавачи/преведувачи, односно преферирање на руските, француските и германските писатели. Зошто Peter Rabbit не е на иста полица со Хајди од Јохана Шпири или со прекрасниот серијал за Марика (оригинално Мартина) од Жилбер Делај и Марсел Марие е прашање на кое е очигледно тешко да се даде одговор.

Сепак срекна сум зашто моите деца ке имаат можност да се запознаат со ликот на зајачето, верверичката и другите ”дечиња” на Beatrix Potter. “

Расправа:

До 1990ите години во Македонија како дел од обавезна литература во одредено одделение, во основното училиште беше пракса да се читаат странски книги од типот на Приказни по телефон, Алиса во земјата на чудата, Малиот Принц или Хајди. Иако сметам дека Малиот Принц и Хајди воопшто не се за деца до 10 годишна возраст бидејќи тешко се разбирливи за нив. Во однос на сегашноста оваа перцепција е поместена со тоа што се вклучени и книги како Пајажината на Клементина и Пипи долгиот чорап кои генерации на македонци немале шанса да ги прочитаат. Се додека Македонија беше дел од поранешна Југославија, до осмо одделение имаше книги за разно разни дружини кои го поттикнуваа братството и единството (Тајното друштво, ПеГеЦе Дружина, Синиот галеб, Улицата на Липите, Црни браќа, Орлите рано летаат, Малиот пират, Децата од Павловата улица) секако со одреден примеси и на домашни автори (Зоки Поки, Волшебното самарче, Големи и мали …)

Првото издание на книгата од 1902

Поминав многу време на интернет читајќи ги коментарите на Youtube под видео клиповите каде е поставена музика или сцени од филмот ”Miss Potter”. Сфатив дека луѓето ги обожаваат зајакот Петар и книгите на Потер кои се генерално наменети за деца од претшколска возраст (најмногу до осумгодишна возраст). Ако Miss Potter е светски најпознатата писателка за деца со чии приказни израснале многу генерации, зошто нејзините дела биле непознати во Ex-Yugoslavia, поточно во Комунистичкиот Блок, а со тоа и во Македонија? Не можам да разберам каква е тој избор на издавачите да се банира најчитаниот автор за деца на сите времиња? Очигледно праксата продолжува дури и денес кога имаме наводна демократија во издаваштвото? Ја прочитал ли воопшто некој од вас Мис Потер?

photo property of Lake District National Park

Дополнување: Патем, филмот е прекрасен и инспиративен. Одличната глума, фотографија и костимографија со лиричната музика во позадина се надополнети со пределите на Lake District, каде се одвивало всушност и оригиналното дејствие во минатото.

Додаток: Како реакција на овој текст на големо задоволство ви ја презентирам бесплатната книга на Беатрикс Потер “Приказната за зајачето Питер” во електронски формат, во превод на издавачката куќа Вермилион од Скопје.

Зајчето Питер од Беатрикс Потер

Bookmark and Share

posted in Историја, Книги и литература, Културно наследство, Политика | 6 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes