1st March 2010

Мартинки – Среќна Баба Марта

Во народниот календар на Шопско-Брегалничката етнографска целина, овој празник, речиси секогаш се поврзува со приказната со познатиот мотив за смрзнувањето на бабата, која ги истерала своите кози и јариња на планина да пасат, неплашејќи се од студот. Tаа дури и се подбивала со Сечко: ,,Тиц коза јарина, серам Сечко брадина”.

Пред две години во бројот 22 на весникот од општина Аеродром (стр.8,9) прочитав како градоначалникот на оваа општина за 1 март во училиштата делел мартинки. Од древнините до денеска овој обичај кај македонскиот народ се задржал делумно во одредени региони. Според сведоштвата на македонските блогери, како и коментарите кои ги добив на мојот блог и профилот на фејсбук, овој обичај бил запазен во Преспа, во Скопје, во Струмичко, како и кај македонците кои живеат во Егејскиот дел на Македонија, Солунско, Костурско и Воденско.

Поради одредени активности кои ги превземала владата додека Македонија вила во рамките на поранешна Југиославија, кај луѓето кои не го практикувале овој обичај во рамките на својата фамилија, постои верување дека мартинките се бугарски обичај, со кој не би се сложила. Мојата баба која дошла по Втората Светска Војна од Егејскиот дел на Македонија (Солун) овој обичај го донела со себе и мојот татко памети како им плетела мартинки за да ги носат на реверот од кошулите или евентуално околу раката. Обичај кој таа го наследила од својата мајка, а таа од својата баба … Мојата мајка која е од Скопје исто така како мала памети дека добивала на поклон мартинки од нејзината баба од Тетово или пак посебно носени од Бугарија.

Кога бев дете, мојата мајка ми врзуваше Мартинка, како симбол на доаѓањето на пролетта. Не сите во комунизмот се плашеа и бегаа од старите обичаи :) . Ова не е стар, туку древен македонски обичај а корените му се далечни, антички. Истото го правам, со моите синови денес. Впрочем и во македонската народна носија преовладуваат белата и црвената боја. Овие две бои се присутни во целиот македонски фолклор.

Коментар на блогерката Fortuna

Ме заинтригира еден коментар оставен на еден блог од извесен бугарски читател (за жал повеќе не постои поради менувањето на платформите) кој тврдеше дека мартинките се исклучиво уникатна бугарска традиција. Ова предубедување за бугарското потекло на мартинките пред се е поради фактот што овој стар обичај додека останал жив во Бугарија, бил сосема подзаборавен од граѓаните на Република Македонија и напуштен некаде кон крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години од 20-от век за времето на комунизот кога се забранувале или рестриктирале поголем број од духовните обичаи почитувани на оваа територија со столетија.

Kупувам мартинки  пред да појдам на изложбата на Пикасо
Софија, 14 Maj 2009

Но за среќа би рекла дека носењето на мартинките во Бугарија познати како Мартеница, Романците под името Mărţişor го сметаат пак за свој древен обичај кој бил почитуван на територијата на Трансилванија, Бихор, Банат и Добруџа, па се до Молдавија, вклучувајќи ја и неа.

Kога бев мала(крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите редовно имав маритинка (кај нас ги викаат мартенички), ама едно ми е мистериозно-никако не знам кој и од каде ги носеше. И во струмичко се подразбираше да имаш мартеничка во март. Мама исто така ја раскажуваше прикаската за Марта и Сечко, дека Марта е единствен женски месец и не знае каков чешит да се направи (во смисла на променливоста на времето). Таа велеше: трс коза планина, серам Сечко брадина! I Сечко пуштил голем студ и Марта се смрзнала со козите некаде (некако ми е во сеќавање како да има во струмичкиот регион предел каде има камење кои се Марта и козите).

Се си мислам дека мама ја врзуваше мартеничката на некое од дрвјата во дворот. И мартеничките ги носевме на школо, нема врска комунизмот дека ги забранувал. Јас не потекнувам од егејскиот дел, а мама ги знаеше тие приказни уште од дете. Сакам да кажам дека веројатно е регионален обичај. Инаку, од моите пријатели од Бугарија секој 1. Март добивам честитка со текстот: Честита прва пролет. и мартеничка, се разбира. Денес мислам дека децата не носат веќе мартенички.

Коментар на блогерката lepangelina

Според одредени верувања ова легенда своите корени ги влече уште од антиката (1,2) иако неоспорен е фактот дека таа била почитувана на целиот Балкан, најисточно вклучително со регионот на Охрид чии траги останеле во помнењето на луѓето за да бидат преточени во песна. Толкувањето на овој празник потекнува оттаму дека Ксантика бил празник на природата, пролетта и цвеќињата, светлината и љубовта, празник на духовноста и убавината, будење на енергијата и почетокот на новиот живот.

Во Благоевградско, Малешево, Пијанец, Осоговија и Lакавица, постои обичај на eден вид на правење амајлии, познати под името ,,мартинки”, a поретко и како ,марти”. Mартинките се прават на тој начин, што се усукуваат две нишки од црвен и бел конец или волнена преѓа и така усукани се ставаат, најчесто околу раката. Кога се носи мартинката, таа не треба да се гледа, односно не треба да ја види сонце – ,,за да не те изгоре сонцето преку лето”.

Постојат различни обичаи при традиционалното подарување на една мартинка. Генрално, таа секогаш е со конци од црвена и бела боја испреплетени или исплетени, од кои црвената ја симболизира боја на крвта, а белата на чистотата. Се подарува на 1-ви Март во чест на Баба Марта и се носи околу рака или закачена на облеката се додека расцвета првото дрво. Потоа се закачува на него со желби за сопственото и за добро здравје на своите блиски во тековната година. Секако дека постојат варијанти на тема, но ова е основата на обичајот.

Би сакала да го слушнам мислењето посебно на повозрасните луѓе кои ја паметат оваа традиција, бидејќи многу малку е останато во записите. Дури и на интернет кога ќе побарате, едвај ви дава по неколку линка за оваа тема, и тоа претежно од нашето совремие.

Мартинки

Мартинки од личната колекција на мојот брат


Останатите цитатите во текстот се превземени од статијата на Зоранчо Малинов, Традицискиот народен календар на Шопско-брегалничката етнографска целина (Скопје: Институт за фолклор “Марко Цепенков”, 2006). Фајлот може да се симне тука.

И за крај, како што велат адетите,

Среќен 1 Март

Среќна Баба Марта

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Артизани, Археологија, Етно-археологија, Политика | 4 Comments

20th November 2009

Римските чевли од Македонија

На археолошкиот локалитет Грајнов Дол, оддалечен два-три километри од селото Конче во истоимената општина, според изјавите на археолозите пронајдени се in situ чевли кои датираат од вториот век од нашата ера. Не знам на кој начин и по која методологија (можеби врз база на аналогија) е дојдено до датацијата на артефактите, но треба навистина внимателно да се постапува кон првичната проценка за староста на ваквите наоди.

Два чифта женски кожени чевли од римско време открија археолозите завчера истражувајќи гробница на археолошкиот локалитет Грајнов Дол, оддалечен два-три километри од селото Конче во истоимената општина. Археолозите од штипскиот Завод и музеј и нивните колеги од другите градови, што учествуваат во истражувањето, велат дека гробницата, според првичниот увид, најверојатно потекнува од 2 век.

photo @Dnevnik

Колку што е досега познато во македонската археологија, ваков тип на наоди се пронајдени само уште на археолошкиот локалитет Стоби. Се работи за еден чифт обувки и тоа сандали кои се откриени при ископувањето на западната некропола во 1992 година. За жал тогашните раководители на тоа ископување, Воислав Санев и Милан Ивановски во меѓувреме почина. Наодите од Заводот за заштита на спомениците на културата (сега ребрендиран во Национален конзерваторски центар) кој бил надлежен за тие ископувања, се преместени во депото на Музеј на Македонија, бидејќи заводот е пред се институција која се занимава со недвижно културно наследство. Според законот, би требало изваштаи од ископувањето да се испратени до Министерството за култура, тогашниот Завод и Музејот на Македонија.

Овие наоди на чифтот сандали од Стоби до сега не се публикувани. Исто така во меѓувреме многу малку луѓе ги виделе, а воопшто не процикркулирала нивна фотографија во јавноста.

Поврзани тесктови:

Теодосиј I и Македонија
Стоби
Упатство за употреба: Како да ги слушате Синтезис во Стоби
Погрешни археолошки впечатоци – Римскиот форум во Стоби
Римскиот форум во Стоби – каталог

Bookmark and Share

posted in Артизани, Археологија, Римско време | 0 Comments

20th August 2009

Како револуцијата ќе биде твитувана

Кога завчера напишав Твитај во реално време за да знае светот дека постоиш, сакав само да укажам на револуцијата која во моментот се случува а е поврзана со содржини кои корисниците ги постираат (линкаат) на некои од социјалните мрежи (под ова мислам конкретно на фејсбук) или на твитер. Три работи ме натераа да го напишам набрзина овој пост.

1. Откако беше постирано на твитер видеото „Social Media Revolution”, не помина многу време (во текот на денот) истото беше основа за текстот Револуцијата ќе биде твитувана на IT порталот, каде се објаснува “важноста на друштвените мрежи и напредокот на технологијата. Но, зборува и за тоа како се информираме преку друштвените мрежи”. Авторот на текстот Виктор Арсовски објаснува: “воопшто не барав некоја посебна информација, видеото само се појави бидејќи бев заинтересиран за што другите зборуваат. Подоцна видов дека линкот до истото видео е твитнат од повеќе корисници”.

2. Пред скоро една недела објавив пост со кратко инфо за Најстарата мапа на светот со претстава на пејсаж. Во денешен Дневник може да се прочита текстот Западноевропеецот пред 14.000 години изгравирал мапа во камен, кој е само  уште еден од стотиците написи до сега кои потврдуваат дека новинарите ме читаат што ќе напишам на мојот блог/сајт. За разлика од пред неколку години, повеќе не ме крадат ами сум инспирација и репер за новите откритија во светот, иако се уште не размислуваат со своја глава и наместо нешто да создадат, препишуваат или ја употребуваат најлесната варијанта веќе долго време применувана од македонските медиуми – преведуваат светски статии без да напоменат кој е изворот.

3. Репортажата за Крушево етно град на BBC News само еден ден откако беше поставена на youtube, вчера беше твитувана и линкана на фејсбук, а веќе денеска се појави текстот Репортажа за Крушево емитувана на Би-Би-Си во Утрински весник. Еден симпатичен и пред се реален приод на новинарката од BBC успеа да го долови настанот-проект во Крушево за кои луѓето имаа поделено мислење пред да почне да се реазлизира.

Зошто го пишувам сето ова? Затоа што револуцијата веќе се случува и ако не бидеш дел од неа, таа ќе те одмине како да не си постоел/а. Доколку не оставите траен запис на интернет, во иднината никој нема да знае ниту дека сте постоеле, ниту дека сте создале нешто зад себе. Ако мислите дека друштвените мрежи и твитер треба да одат по ѓаволите и сето тоа е губење на време, немојте да се грижите. Ако вие не ги пронајдете нив, верувајте во најскоро време, тие ќе ве пронајдат вас.

Bookmark and Share

posted in WWWести, Артизани, Археологија, Документарни филмови, Интернет, Медиуми, Настани, Туризам | 3 Comments

10th July 2009

Ноќта кога Старата скопска чаршија дишеше

Секое утро во 2007 год. додека одев на моето работно место, на ископувањето на Скопското кале, поминуваав низ Старата скопска чаршија. Ако поради некоја одредена причина се затекнете наутро низ стариот дел од градот, тој ќе ве пречека искапен во првите сончеви зраци очекувајќи ги сите занатчии и трговци да ги отворат своите дуќани.  Во видео клипот погоре може да се погледнат намонтирани црно бели снимки од чаршијата. Впечаток ми остави инсертот каде еден трговец во раните утрински часови подигнувајќи ја решетката на својот дуќан се прекрстува, се помолува … за добар ден, за арно за убаво, за бериќатвасан. Денеска дуќаните во чаршијата немаат решетки туку аларм, но многу е веројатно дека утринскиот ритуал на сите е еднаков исто како и во минатото.

За старото градско јадро на Скопје е пишувано многу низ вековите, а со својата монументалност и гордост, секако дека ќе биде инспирација и во иднина. Но за само неколку години, како резултат на превирања од различен карактер, Старата скопска чаршија го загуби својот шарм. Некогаш место каде се шопингуваше и излегуваше до утринските часови, се престори во локација каде последните гости и шетачи можат да се видат до 18-19 часот, додека не почне да се стемнува.

Веќе неколку години трае проектот за нејзината ревитализација и кога човек ќе прошета по улиците и сокачињата, навистина може да увиди дека таа се има променето во едно сосема ново руво. Повеќето од објектите се реставрирани и имаат превземено функција која е повеќекратна, како што на пример Чифте Амам и Даут Пашин Амам се делови од комплекот на Националната галерија на Македонија, Безистенот! и Капан ан се полни со гостилници и кафулиња, додека во компексот на Сули Ан се се` уште сместени Факултетот за ликовни уметности и Музејот на Старата Скопска Чаршија.

На 28.06.2009 година во рамките на Скопското лето, се случи еден културен настан кој го врати духот во стариот дел од градот. Манифестацијата насловена како “Реоткривање на патеката на културата“, натера повеќе од осум илјади посетители во една саботна вечер повторно да го откријат шармот на чаршијата, чекорејќи по означена патека во должина од еден километар, вдолж која можеа да се видат концерти ( на Чалгија саунд систем, Љубојна, Фолтин и Суперхикс) изложби и театарски претстави во кои учествуваа над 200 уметници. Настанот започна на плоштадот „Македонија“ во 20:30 часот, од каде што присутните гости и граѓани во придружба на костимирани жонглери, акробати и артисти беа насочувани кон повеќе културни локации. Како точки на одредени случувања беа опфатени повеќе културно-историски споменици почнувајќи од Камениот Мост, преку Даут Пашиниот Амам, црквата Свети Спас, Чифте Амам, Безистенот, Сули Ан, па се до платото на Куршумли Ан.

Скоро сите посетители се сложуваа со мислите кои беа испишани врз траекторијата по која луѓето се движеа – “Под нашите нозе лежи богатство“, “Тука времето тече побавно”, “Скопје со широко отворени очи”, “Фенерли Ан – најпознатиот скопски бордел”, “Најдобрите вестерн филмови беа во кино Напредок”, “Осум метри долга и еден метар широка – ова е најмалата улица на светот”, “Осумдесет проценти од македонските брачни парови се венчаа со бурми од оваа улица”, “Mногу скопски шмизли искршија штикли по овие калдрми”.

Убаво и смирено, а сепак воолшебно, во само неколку часа чаршијата живееше, пулсираше и доби сосема нов сјај. Толпата од луѓе која доби гратис по една пијачка и ќебапчиња во некоја од гостилниците по свој избор, го врати макар и на една ноќ духот на времињата од пред повеќе од деценија и пол кога секоја вечер врвулица луѓе ја посетуваше Старата Скопска Чаршија. И честопати остануваше до раните утрински часови во некое од кафулињата.

Објектите од Старата чаршија се архитектура која му дава карактеристичен белег на градот Скопје и останува да живее под наслагите на приказните кое времето ги рони и ситни како и нивните фасади. Оваа архитектура треба да ни создаде специфично препознатлива слика за едно место, за едно време. Старата чаршија која на истата локација постои повеќе од илјада години е спој од цркви, џамии, саат кула, тврдината над неа, анови, амами, чешми и др. кои претставуваат симболи на една сакрална и профана, пред се отоманска архитектура со типична слика од средновековието. Катадневно поминуваме покрај десетици архитектонски објекти низ чаршијата не знаејќи за нивното потекло, а користејќи ги како репери и ориентири.

Секој град има свои белези, а Старата чаршија е веројатно најмаркантното обележје на градот Скопје. Зданијата кои некогаш биле дел од нечие минато, денеска се културно-историски споменици ставени под заштита на државата. Тие се нашата сегашност, од кои треба да понесеме поука во иднината. Исто како што објектите од нашата сегашност ќе бидат нечие туѓо минато. Ако не заради друго, треба да ги познаваме поради нашата традиција. Зошто во нив додека минуваме, по мал дел од нас вткајуваме. Во нашите прекрасни семантички ,,урбани” артефакти кои се неотуѓив дел од Старата скопска чаршија.

И за крај – сторете сите по нешто, макар и минимално. Да не биде само “старата” чаршија, нека биде Нашата Стара Чаршија!!!

——————————————————————————————————-

Освен во е-верзија овој текст во малку модификувана форма  адаптирана за пошироката публика, може да се прочита и во  јулскиот број на женското списание “Комплетна“.

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Артизани, Археологија, Архитектура, Етно-археологија, Изложба, Историја, Лично, Настани, Скопје, Туризам, Уметност | 4 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes