Уметност » Археолошки дневник vol.2.1/2 ©
Сајтот е во изработка. Препорачливо е да се гледа со Mozilla Firefox

16th October 2008

Ѓердани ли се ѓердани - Ѓерданите како дел од историјата на човештвото

 

Ѓерданот или како што го нарекуваат нашите баби - огрлица, претставува накит за врат. Во употреба бил уште од најстарите времиња, а се состои од перфорирани монистри или привезоци од најразличен материјал, кои по некаков случаен, спонатан или намерен редослед се нанижани и врзани околу вратот.

Ако некој некогаш се обидел да направи ѓердан, или бразлетна, тогаш знае дека му се потребни илјадници школки за да го стори тоа. Ама ете потребни се само неколку школки да ги протресат добро темелите за теориите за човековата еволуција.

Од мојот пост Школките од Пештерата на гулабите

Во најстарото доба ѓерданите биле од школки, полжави, животински заби, парчиња на темен јаглен, делови од рогови, правилно обликувани парчиња на коски и песок, и најчесто биле сложувани без никаков ред. Во неолитот за изработка на ѓердани веќе биле користени монистри од ист материјал, и биле редени по правилно така да понекогаш сочинувале сложени и естетски изведени композиции. Во бронзеното и железното време се употребувале монистри од бакар, бронза, сребро и злато, обично со геометриски облици, како и монистри од ќилибар, стакло и стаклена паста.

Накитот на Големите
Мајки богинки

Ѓердан - Неолит
Велушина

Во Грција ѓерданите биле од тешки парчиња на злато, за што сведочат наодите на повеќето археолошки локалитети од тоа време. Биле составени од мноштво на златни конуси, лопатести, биконични или цилиндрични привезоци изработени во техниките на филигран и гранулација. Нешто поедноставни се ѓерданите од златни шупливи цевчести или биконични привезоци. Подоцна ѓерданите станале полесни, составени од златни ланчиња, со низа на мали и лесни привезоци, медаљони и амулети, или само со еден златен украс од предната страна како: чворот на Херакле, женска глава или гранат врамен со злато и со врежана фигурална претстава.

Ѓерданите (monilia) биле вообичаен дел од накитот и во римското време. Биле изработувани од бронза, злато и богато украсени со скапоцени камења, а понекогаш и комбинирани со врамени камеи, медаљони и златни парички.


Ѓердан од
римско време

Ѓердан од хеленистички
период

Посебна форма на ѓердани од едно парче на метал - било тоа да е бакар, бронза, железо, злато или сребро, се нарекува торквес. Првите познати биле со кружна форма, со свиткани отворени краеви, мазни, понекогаш орнаментирани со врежување, или тордирани. Потоа ќе се прошират низ цела Европа и ќе се задржат во употреба се до крајот на доцното железно време. Кај Келтите на пример, торквесот станал знак на воинот, племенскиот шаман, и херојот. Oвој тип на накит бил исто така познат во стариот Рим. Прикаската вели дека познатиот Titus Manlius Torquatus некаде околу 361 год. пред н.е го добил надимакот Торкватус, затоа што во дуел го победил галскиот главатар и го земал неговиот торквес. Подоцна римските војници ќе ги носат торквесите како вообичаен дел од својот накит.

Бронзен галски торквес Торквес - Св. Еразмо

Како изгледал накитот во средниот век, поточно во византискиот период најмногу можеме да дознаеме од фескоживописот и од иконите. Но тоа важи за Источното римско царство, зошто во Западното кое подоцна ќе се распадне на многу моќни држави каде владетелите биле поклоници на убавината, накитот го откриваме по еден сосема поинаков пат. А тоа се уметничките слики на славните сликари.

Царица Теодора Сан Витале - мозаик La Bella Simonetta Sandro Botticelli

И додека поголем период од средниот век кај нас се уште се поклопува со владеењето на Византија, остатокот на Западна Европа ќе биде зафатен од вибрантните уметнички правци, од кои секако најголем печат ќе остават ренесансата, барокот и раскошноста на рококото.

Овие уметнички правци кои своето место ќе го најдат и во дизајнирањето на накитот, ќе бидат наследени од Викторијанската епоха. Со доаѓањето на кралицата Викторија во 1837 на престолот, ќе се внесе една доза на романтика и национализам во креацијата на ѓерданите. По 1760 година во Лондон и во Бирминген се појавува правењето на лажна бижутерија. Новата филозофија која ќе внесе револуција во Уметноста и занаетите ќе се прошири по 1870-та година како реакција на масовната машинска индустрија.

Типични Викторијански ѓердани

Во XX век креацијата на ѓерданите ќе претрпи големи влијанија од Арт Нуво правецот, Коко Шанел во 30-ите години, Холивудскиот гламур во 40-ите, и нивно повторно оживувањето во блескавите сцени од сериските сапуници Далас и Династија.

Joan Collins со накит од Династија

Во XXI век со напредокот на технологијата и изумот на голем број вештачки создадени материјали (кои меѓу другото можат и да ги заменат вистинските драгоцени или полудрагоцени камења) практично е возможно сета фантазија за ѓерданите да се преточи во стварност. А, постои ли жена која не би сакала таа фантазија да ја носи околу вратот?

* * *

Текстот беше нарачан за августовскиот број на списанието Комплетна во 2006 година. Се обидов зададената тема накит кај жената да ја спојам со археолгијата. За издавачката куќа Нампрес пишувам веќе со години. Ја користам можноста да се заблагодарам на неколку силни жени кои ми овозможија дел од моите текстови да се овековечат на (каква таква) хартија и археологијата и уметноста да стигне до секој дом, во времињата кога немав сопствен блог. Инаку фор д рекорд, се уште пишувам за нив.

напишано во Археологија, Историја, Уметност | 0 Коментари

14th October 2008

Пикасо е плагијатор

 

Срам да му е на Пикасо :)))

На барање од повеќе блогери го препостирам клипчево.
А двене копчиња за “ундо” се закон :D

напишано во Уметност | 0 Коментари

25th September 2008

Слепи патници за културна Европа

 

Од вчера во Македонија се случува традиционалната манифестација “Европски денови на културно наследство” (1,2) која беше отворена во Музејот на Македонија со изложба на фотографии. Притоа треба да се спомене дека влезот во сите музеи додека траат овие денови, за сите заинтересирани ќе биде бесплатен.

Секоја година од август до ноември во Европа се оддржуваат Денови на културата. Се работи за годишна манифестација пропратена со голем број на културни настани кои на посетителите освен перформанси, изложби, претстави и сл., им овозможува и посета на згради, споменици и локалитети, кои во нормални услови не се достапни за публиката.

European Heritage Days започната во 1994 год. е само надоврзување на Англиските Heritage Open Days. Во себе има инкорпорирано 48 членки, од кои последната е (сега ex) Србија и Црна Гора. Имав шанса токму во ова време пред две години да бидам во Белград, и можам да кажам дека Србите сериозно си ја сватија работата околу својата ,,Културна баштина“.

Секој би рекол дека треба да се искористат овие Европски денови на културата за сопствена самопромоција, бидејќи тоа е начин да го споделиме и да му покажеме на светот она што го имаме. Но зошто тоа мора секогаш да бидам јас која ќе каже дека не може да постои оваков тип на манифестација која е ,,традиционална”, a нема свој идентитет на интернет во форма на URL, нема мејл, ниту личност на која можете да и се обратите барем за програмата.

Дали некој во оваа држава мисли можеби дека сме ние ,,слепи” патници за Европа, недостојни да се ставиме на дигиталната културна мапа на светот? Дека сме дрво без корења? Немаме свој сон, свој дом?

Вистинскиот клуч за старите култури го носиме во себе. Треба да го дадеме како сведоштво, за да остави печат на времето. Нашето културно богатство е како прекрасна приказна која треба да биде раскажана секому. И на сите тие стории треба веќе еднашка да се навикнеме како на своја облека. Да бидат присутни секаде, а најмногу во виртуелниот свет, пред вистински да не сомеле машинeријата за реименување на индентитети.

напишано во Антропологија, Архитектура, Етно-археологија, Медиуми, Уметност | 0 Коментари

1st August 2008

Final frontier - Ѕидот на Хадријан

 

Моментално во Brithish Museum е поставена изложба за имераторот Хадријан. Оваа поставка го подигна културниот напон на британците до ниво достојно за да биде испочитуван еден римски имепратор, кој сам посебе бил прилично контроверзен. Императорот, кој се оженил со жена само за да стане владетел, а цел живот сакал помлад маж. Кога неговиот љубовник се удавил несреќно во Нил, тој заповедал да се почитува насекаде издигнувајќи го на ниво на бог. Неговата оставштина е огромна до онаму до каде се простирала древната Римската Империја. Страста за архитектурата му овозможила да создаде некои од најславните градби во стариот свет (Вилата d’Este, Пантеонот, Вилата крај Тиволи и др.). Но тоа не ги спречило неговите сексуални перверзији и двијаштвото потрепено со одмаздољубивост на некогашниот имератор означен како мирољубив и со право детерминиран како човек кој бил многу пред своето време.

Во Велика Британија постојат огромен број на археолошки локалитети кои датираат од времето на Хадријан. Еден од нив е и монументалниот Хадријанов ѕид, локациија ставена под заштита на UNESCO.

Не верувам дека Хадријан го изградил ѕидот на северниот дел од Велика Британија зошто му било намера со време да ги подели Англичаните и Шкотите. :) Иако морам да признаам дека мошне умешно го сторил тоа. Сепак главната цел на овој ѕид кој се протега во должина од 120 км била да се одбрани најсеверниот римски лимес кој константно бил загрозуван од нападите на локалните племиња. Кои рака на срце, сепак биле претци на денешните жители на Шкотска.

 

Во прилог го вгнездувам видеото за Ѕидот на Хардијан кој е дел од огромното ДВД насловено како Frontiers of the Roman Empire. Сите видеа на ова ДВД се courtesy of English Heritage, со чија помош ги добив и им благодарам на моите колеги од Британија за срдечноста. Соодветно видео со текст од нарацијата може да се погледне на сајтот на UNESCO.  Исто така неколку видеа (кои можат да се даунлодуваат) се поместени на интернет страниците од Brithish Museum, со напомена дека тие своите статии за спорадичните изложби ги повлекуваат истовремено кога тие се повлекуваат и од јавноста.

Дополнителни линкови:

Официјален веб сајт
World Heritage Site - UNESCO
Мапа на ѕидот
Биографија на Хадријан со библиографија


п.с. се смета дека од времето на Хадријан во Македонија е изграден античкиот театар на археолошкиот локалитет Скупи. Иако бил најголем од сите други театри, сепак од него е останато многу малку и скоро е неможно да се реконструира. Ова здание според археолозите е датирано во 2 век од н.е., најмногу според стилот на остатоците од мермерните украси.

напишано во Археологија, Архитектура, Документарни филмови, Историја, Уметност | 0 Коментари