7th March 2010

Kако изгледал Филип Втори

По кој знае кој пат медиумите ги бранува веста за поставување на споменици низ Скопје или низ Македонија! Последната информација пристигна од општината Гази Баба, која се спрема на постамент на плоштадот во Автокоманда да постави статуа на коњаник.

Каде треба да ја бараме есенцијата за оваа дискусија која во последно време го засегна јавното мислење на македонците. Во манипулацијата со жителите на оваа населба која оди дотаму што тие очекуваат да го видат македонскиот крал Филип II химселф! – бидејќи така им било кажано. Проблемот за ова дискутабилно прашање и покрај тенденциите научниците да го реконструираат и идентификуваат ликот на Филип II лежи во тоа што до сега всушност никој не знае како тој изгледал.

Портрет на Филип II во Глиптотеката во Њу Карлсберг

Може со сигурност да се каже дека античките извори (Демостен, Страбон, Аристофан …) во голема мера се занимавале со делата на Филип II и раскажувале за неговите поврди и рани, но никогаш не го коментирале неговиот изглед. Според Наде Проева, проф. д-р по античка историја ”Што се однесува до изгледот на Филип, досега не е најден ни еден портрет во класична смисла на зборот, а од сите скулптури кои му биле поставувани не е ништо зачувано”. Па така јавната претстава за претпоставениот изглед на Филип II се базира на елементи кои вклучуваат неколу пронајдени артефакти:

1. Мермерната глава во Глиптотеката во Њу Карлсберг
2. Минијатурна глава од слонова коска од Гробницата II во Вергина
3. Железен оклоп со златни украсни ленти од Гробницата II во Вергина

Секако освен склуптурите, тука спаѓаат монетите, медаљоните, претставите на мозаиците (посебно за доцно античките кои во поглед на датирањето се неподобни) за кои постои несогласување во поглед на идентификувањето на македонскиот крал околу автентичноста на неговиот лик.

На сите информации кои постојат денеска, луѓето за блиското минато (18/19 век) едвај може да реконструираат извесни настани или луѓе, а не пак за далечното минатото за кој постои еден, или понекогаш ниту еден запис. Затоа, да се шпекулира со вакви информации е непоштено кон публиката се додека не се интерпретира научно процесот низ кој поминува еден запис или артефакт од неговото пронаоѓање па се до конечната контекстуализација во форма на текст. Ама каде ќе беа до сега квази-државите ако не постоеше квази-наука?! ;)

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Рана антика, Скопје, Уметност | 2 Comments

16th February 2010

Ренесансата почнала од Македонија

Ренесанса – препород на уметноста и науката. Сите знаеме од каде почнал во раниот 15 век еден од најбогатите периоди во историјата на уметноста, кога земја како Италија се ослободила од феудалните опкови, а збогатувањето на градовите Фиренца, Сиена, Венеција и Џенова овозможило брз развој на сите облици на културата која за разлика од порано почнала да станува сопственост на се пошироките кругови. Во историјата на уметноста како предвесник на ренесансата се смета Ѓото (Giotto 1266-1337), уметникот кој успеал да ги надминевлијанијата на вкочанетата византиска иконографија толку присутна кај сликарите од 13 век и на човечкиот лик да му внесе живост и продуховеност.

Поглед на живописната Фиренца од Piazzale Michelangelo. Во позадината се гледаат катедралата Santa Maria del Fiore чија купола ја направил Брунолески, како и камбанаријата веднаш до неа дизајнирана и изградена од Ѓото.

Доста често во книгите кои го покриваат овој период кој кај нас се поклопува со византиската уметност, се споменува и фреската “Оплакување на Христос” од црквата Св. Пантелејмон во Нерези (1164) како концепциско решение кое претходи на ренесансата, пред се заради внесувањето на емоции кај личностите во сцената, нешто што се коси со каноните на византиската иконографија. Споредбата на генијалните но непознати нерешки мајстори со Ѓото, само по себе го наметнува прашањето на ренесансните елементи во оваа сликарство.

Пред извесно време едни мои пријатели кои имаат можност малку повеќе да престојуваат во Франција, ми ја покажаа “L’art de la Méditerranée – Renaissances en Orient et en Occident, 1250-1490“, книгата на Тања Велманс (Tania Velmans) специјалист по византиска уметност и директор на истоимениот оддел во рамките на CNRS (Centre National de la Recherche Scientifique). Оваа книга е прилично популарна и се продава во сите музеи и книжарници низ Франција, вклучувајќи го и Лувр. И немаше никогаш да го напишам овој пост доколку листајќи ја, на самиот почеток не ја забележав на цела страна фотографијата на “Успение на Богородица” од црквата “Св. Богородица Перивлептос” (1295). Под неа го пишуваше следниот текст – “Ренесансата во Европа започнува со фреската на Богородица во црквата Перивлепта, Охрид“.

Би било пренагласено доколку кажам дека сум изненадена како до сега овој факт не сум го сретнала кај византиските историчари на уметноста, посебно домашните, во пишана форма, ниту пак сум слушнала или прочитала било каква релација на фреските од оваа наша позната црква со правец каков што е ренесансата јасно и гласно во јавноста. Според зборовите на мојот професор кој ми предаваше Византиска уметност на факултет и кој е одличен познавач на византиската уметност, академикот Цветан Грозданов, она што е карактеристично за фреско сликарство во Перивлептос е динамиката во композицијата, драматиката и реализмот. Фрескоживописот го извеле познатите зографи Михаил и Ефтихиј кои напуштајќи ги нормите на фреско сликарството дотогаш присутно во Византија почнале да творат на начин кој на фреските им оставил свој карактеристичен печат. Но дали е тоа така?

Неверојатно е колку малку се познаваме. Tреба да вложиме напор и да почнеме да го вреднуваме она што го имаме како аманет од генерациите кои живееле и твореле на ова тло, бидејќи во меѓувреме поради спороста во конзервацијата и заштитата на иконите, дозволивме на Первивлепта да и се закани трајно уништување. За среќа, светот знае да го почитува и популаризира заедничкото културно наследство, а тоа вели дека: фреската “Успение на Пресвета Богородица” од црквата Пресвета Богородица Перивлептос (Охрид) е зачеток на еден правец кој во Европа ќе се вообличи дури после 2 века. Патувањето од истокот кон западот било споро. Да не дозволиме со исто темпо да се движи и нашата перцепција кон минатото!

Bookmark and Share

posted in Архитектура, Ренесанса, Уметност | 4 Comments

5th February 2010

Коментари – Hash tag #skopje2014

Вчера некаде околу 13 ч беше промовиран проектот за архитектонското (пре)уредување на урбаното градско јадро на Скопје. За разлика од другите медиуми (тука мислам на печатените кои имаат свои веб сајтови), најбрзо реагираа од Утрински весник и први го искористија својот простор на интернет да известат за визијата како се замислува дека ќе изгледа Скопје во 2014 година.

Додека единствениот блогерај во Македонија беше паднат/недостапен, всушност вистинската реакција за Визуелизација на центарот на Скопје во 2014 се разви на твитер. Доколку се следи hash tagot #skopje2014, ќе најдете многу духовите и ведри коментари на моментално жешкава тема која го преокупираше скоро секој граѓанин на Македонија.

Веројатно двата твита кои ќе одат во историјата се :

@mgalevski: Најбољa заебанција у 2014 ќе биде се чекаме кај споменикот.#Skopje2014

@flebur#skopje2014 добро е што ќе има коњ пред собрание – да не ја згреши некој шталата :D

Некои луѓе го користат твитер за маркетинг, некои за споделување, трети за дружење, а има и такви кои само сакаат да бидат “тука” помеѓу за да го означат своето постоење. Twitter е дел од (р)еволуцијата на интернетот, до толку што ако google не го вклучеше во своите пребарувања, имаше голема можност да го уништи. Одговорот е едноставен. На Веб 2.0 правилото е sharing is carying. Посебно кога е во real time, како на твитер.

Ова се некои мои постови на таа тема:

Твитер и археологијата
Не живеј пасивно, сподели активно
Твитај во реално време за да знае светот дека постоиш
Како револуцијата ќе биде твитувана
Некои мои размисли …

Во секој случај, за сите оние кои имаат отпор во еден свој текст веќе напишав:

Доколку не оставите траен запис на интернет, во иднината никој нема да знае ниту дека сте постоеле, ниту дека сте создале нешто зад себе. Ако мислите дека друштвените мрежи и твитер треба да одат по ѓаволите и сето тоа е губење на време, немојте да се грижите. Ако вие не ги пронајдете нив, верувајте во најскоро време, тие ќе ве пронајдат вас.

*     *     *

Би сакала да нагласам. Причината поради која сум повеќе наклонета кон твитер, отколку кон блогерај(и) е побрзо (би рекла молњевито) споделување на информации, но пред се пресек на мислењето за една тема/настан/случка. За кратко време сондажното истражување (означено со хаш таг) ќе ви даде приближно реален увид на ситуацијата, посебно кога се има во предвид урбанистички планови што е моменталниов.

Па, среќно пребарување. :)

Клучни зборови: Скопје2014, архитектура, плоштад, Македонија, коментари, блог, видео, Археоблог, Василка Димитровска, Skopje2014, architecture, square, Macedonia, comment, blog, video, youtube, Arheoblog, Vasilka Dimitrovska

Bookmark and Share

posted in Антропологија, Археологија, Архитектура, Барок, Блогосфера, Документарни филмови, Интернет, Историја, Политика, Ренесанса, Римско време, Скопје, Туризам, Уметност | 3 Comments

3rd February 2010

Карневалот во Венеција (Дел 2)

Луѓето кои ги создаваат маските се mascherari, или изработувачи на маски. Најраното споменување за нив е од 10 Април 1436. Маските ги изработувале од гипс, а при сликањето им помагале уметници т.н. “targheri” кои ги сликале лицата на гипсената површина и внимавале дури и на најситните детали. Claudia Pandolfo, една нова фабрика за маски од Венеција, своите производи ги извезува во Јапонија и Германија. Тие се на мислење дека владата треба да ги забрани ефтините имитации од пластика и гипс, со што ќе ги заштитат производителите на маски во Венеција како занает кои тајните ги носи со себе веќе стотици години.

Меѓутоа, Карневалот во Венеција е само еден од илјадниците карневали кои се одржуваат на територијата на Европа секоја година, веќе со столетија. Нив ги има насекаде во светот, вклучувајќи го и Балканот каде најчесто се поврзуваат со култот на предците, на умрените, на инкарнацијата на нивните души кои според народното верување, еднаш годишно ги посетуваат живите потомци. Многумина проучувачи во обичајот на носење на маски во Македонија гледаат континуитет на античките баханалии и дионизии, подоцна византиските анастенарии и бурмалии, додека пак трети се на мислење дека обичајот со маска има тракиски и антички корени.

Покрај карневалите во Рио и во Мексико посветени на Денот на мртвите, веројатно еден од напознатите е оној во Венеција кога во времетраење од две недели улиците се преполни со костимирани и маскирани домашни и странски туристи, кои се забавуваат со разновидните програми организирани покрај брегот и каналите на градот.

Дали би сакале еден ден од животот да го поминете под маска? Да шетате така низ градот, неговите улички, да седнете на кафе на плоштадот, да се измешате со илјадниците луѓе и да флертувате без да бидете препознаени. Карневалот во Венеција може да ви ја пружи таа удобност. Ако се уште не сте ја посетиле Венеција за време на фиестата, оваа година имате совршена прилика да бидете дел од еуфоричната прослава која се одвива насекаде низ овој прекрасен град. Се претпоставува дека Карневалот во Венеција не е разуздан како што бил во старите времиња. Но ако ве поканат на настан кој го носи на пример мистриозното име “Опасни врски”, однапред знаете дека ви се ветува забавно попладне исполнето со многу музика, јадење, танцување и опасни игри од средниот век.

Текстот е додаток на турата која ТА Савана ја организира за претстојниот Карневал во Венеција 2010

*     *     *

Изменета и прилагодена популарна верзија на овој текст беше објавена во Јануарскиот број на списанието Травел Инфо, единствениот месечен информатор во Македонија за патувања, одмор и забава.

Bookmark and Share

posted in Cпонзорирано, Архитектура, Историја, Настани, Политика, Ренесанса, Туризам, Уметност | 0 Comments

Get Adobe Flash playerPlugin by wpburn.com wordpress themes