Archive for the ‘Аквадуктот во Скопје (серијал)’ Category
Откриен Аквадуктот што го снабдувал стариот Рим со вода
Луѓето сакаат да дознаваат, да читаат или да трагаат по изгубените богатства од старите цивилизации. Пред неколку дена сосема случајно на двајца сниматели на документарци им се укажа можноста да го пронајдат влезот на еден од аквадуктите околу Рим, преку тајна врата од една руинирана црквичка.

Image property of Discovery News
One of Rome’s 11 aqueducts, the Aqua Traiana originated around Lake Bracciano, 25 miles from Rome. After collecting water from other springs on its way down to the capital, the channel finally reached Janiculum Hill in Rome, providing clean, drinkable water to the Trastevere district.
Стариот Рим бил снабдуван со вода преку 11 аквадукти. Тие секој ден го обезбедувале еден од наголемите градови во Римската империја со околу 1,127,220 кубни метри вода. Имињата на Аквадуктите кои се граделе во период од петстотини години се дадени по областите каде минувале или според владетелот кој го направил.
Аквадуктот е пронајден три метри под земјата под едно пасиште, на 25 километри северозападно од Рим, во близината на езерото Брачиано. Стар е 2000 години, поточно го изградил императорот Трајан во 109 год од н.е. За овој Аквадукт практично се знаело и порано, но се сметало дека е од средниот век.

Image property of Discovery News
Императорот Трајан е познат по своите чудни идеи. Повеќепати сум била во античкиот град Ефес, кој се наоѓа во близина на туристичкото место Кушадаси, во Турција. Таму има една фонтана посветена на цар Трајан со склуптура (сега веќе фрагментирана) на која и се зачувани стапалата кои газат/потпираат една топка што многу наликува на денешната поза на фудбалер. Секако склуптурата била направена во согласност со уверувањето на Трајан – дека земјата е округла.
Заклучок:
Кога сме веќе кај древните архитектонски монументални дела, треба да се напомене дека и ние во Македонија имаме Аквадукт. Но нашиот Аквадукт ја нема таа среќа како Трајановиот. Толку сме слепи што не си гледаме подалеку од носот, додека со години трае борбата на разни ентитети во превласта кој да се грижи за овој споменик.

Поткопуван од локалното население како извор за градежен материјал, Римскиот Аквадукт кој со децении тоне во заборав, уште малку ќе потоне и во мочуриштето кое се наоѓа до него и од кое се загрозени неколку столба. Полни со вода и со голем процент на влажност, огромна е можноста од нивно трајно оштетување и рушење. Покрај ова, на сета мака веројатно не е решен и проблемот со околното земјиште кое “наводно” општина Бутел сака да го уреди естетски, бидејќи не сум запознаена дали е почнат процесот на експропријација на нивата која се граничи со него.

И за жал додека барата му ги скапува столбовите, скопскиот Аквадукт тоне заборавен во времето и разјадуван од мочуриштето околу него. Овој Аквадукт е вистински пример за тоа како се чува културно-историското наследство во Република Македонија, без разлика што се наоѓа во срцето на самиот град Скопје.
Скопскиот аквадукт заробен во сајбер просторот поради долгови на општина Бутел
Неколку скопски општини воопшто немаат свој портал, а помеѓу нив спаѓа и општина Бутел. Оваа новоформирана општина која заедно со општина Аеродром се создаде во 2005 година, произлезе од општината Чаир, а територијално се наоѓа во крајниот северен дел на градот Скопје. На неа и беше доделен доменот opstinabutel.gov.mk кој веќе трета година е нефункционален. На сајтот на МАРНет може да се прочита дека веб страницата им е затворена поради долгувања, оти не платиле 3 пати по 310 денари. Навистина срамота за една општина, која јас како поединец можам сама да си платам хостинг и домен за една година. Ми доаѓа да им го платам долгот само за да можат граѓаните да се информираат на интернет за сите апдејтувања поврзани со Скопскиот Аквадукт.
Лично, оваа општина ме интересира само поради еден факт – а тоа е Аквадуктот кој се наоѓа на нивната територија. Аквадуктот се наоѓа исто така и на грбот и знамето на општина Бутел, а интересен факт е дека како лого го користи и јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

Аквадуктот има прилично контроверзно потекло со хронолошки дијапазон на датирање од римскиот, се до отоманскиот период во Република Македонија. И покрај тоа што беа ветени ископувања од страна на Градскиот завод за заштита на спомениците на културата за кои тие добија пари, сепак ови истражувања не се случија.
Деновиве ќе почнеме со сондажни истражувања околу аквадуктот, кои ќе бидат сконцентрирани на крајниот дел од објектот каде што имало чешми. Постои и проект за конзервација на објектот, за чија целосна реализација ќе треба да се бараат средства од државата и од донатори. Во план е да се направи и дренажа за истекување на водата – вели Јани Антониев, директор на Националниот конзерваторски центар.
© Нетпрес 10.09.2008
Во оваа изјава има неколку грешки и неколку точни инфомации. Имено, господинот Антониев никогаш не бил директор на Националниот конзерваторски центар, ами на Градскиот завод за заштита на спомениците на културата сместен во црквата Св. Спас, на крајот од стариот дел од градот познат како Старата скопска чаршија, а веднаш под Кале. Ако е точно дека се добиени пари за ископување на Аквадуктот, сакам да знам зошто тие истражувања никогаш не се случиле и каде завршиле тие пари. Или можеби тие средства се одобрени, но никогаш не се префрлени на сметката за Заводот. И пак сакам да знам која е причината за тоа еден од најграмадните споменици на културата да остане без примарна датација во однос на временскиот период.
Треба внимателно да се даваат изјави во јавноста, зошто во ерата на интернетот не постои нешто кое не може да се пронајде, како што успеав да налетам на документот од Совет на Град Скопје со кој во 1999 година се потпишува одобрување на 2 000 000 денари за изградба на пристапен пат до Аквадуктот, пат кој никогаш не е направен а некој си ги лапнал парите.

На интернет можат да се прочитаат најразлични информации за овој споменик, но општина Бутел како субјект кој е под дифолт должен да се грижи, заштити и промовира, на најелементарион начин се откажа од него. Се поголемата популарност на археологијата во Македонија во моментите кога минатото се поставува во политички контекст, на некој начин го обликува јавното мислење на луѓето, па затоа мора да се биде внимателен какви информации ќе се дистрибуираат во јавноста.
Повеќепати до сега од администрација на општина Бутел изјавиле како тие се спремни да го заштитат и да се грижат за овој културно-историски споменик (па дури направиле и проект), иако до сега буквално не сториле ништо на тоа поле. Од друга страна, ако тие не се способни да одржуваат еден веб сајт, кажете ми ве молам како ќе бидат спремни да заштитат монументален архитектонски објект каков што е Скопскиот Аквадукт?
Сторијата за Мирко и Скопскиот Аквадукт
Ви го презентирам видео клипот на Историчарот, направен по повод неговата посета на Аквадуктот во Скопје. Обраснат во трева, недостапен за љубителите на старините а сепак видлив од улицата Словенечка, градбата за која се уште се кршат копјата во науката од кој период потекнува, полека пропаѓа под наслагите на времето и нашата негрижа за културното наследство.


















