За Бор тргнавме во 03:55, утрината во саботата на 05. Октомври 2008. Со една цел – да бидеме дел од годинешниот BlogOpen како претставници од Македонија. Повикот беше отворен до целата блогосфера, но од вкупно 11 присутни македонци, се собравме само шест блогери (Арвена, Дарко, Џаман, Фемгерила, Оксиморон и Гершанина) и еден љубител на блог-постови.
Патувавме со изнајмено рент а кар комбе и јас изричито бев против тоа да се пушат цигари внатре. Успаев да ги истрпам критиките, ама затоа неизбежно беше застанувањето на секој половина до еден час.
BlogOpen е конференција осмислена и патентирана од Татјана, која ја има и официјалната лиценца. Минатата година тој се одржа во Нови Сад, а оваа година како дестинација беше избран Бор. Замислен на почетокот како работна средба на блогери, од оваа година настанот премина не само во традиционален, туку и во интернационален. Имаше блогери од Босна, Хрватска, Србија и Македонија, па дури дојдени и од Англија.

За Бор и гостопримливоста
Бор е мало рударско и индустриско гратче основано во 1945 година. Геоморфолошки е слично на нашата Македонска Каменица, на која по многу нешта наликува. Се наоѓа во Тимочка крајина, а она кое пленува се прекрасната природа и околината во која се наоѓаат огромен број на лековити бањи. Луѓето се срдечни, весели и гостопримливи. Испадна дека ние го имаме најдоброто сместување од сите учесници и една од најдобрите газдарици. Уште долго ќе ги паметам нејзините принцез-крофни кои ни ги направи за добредојде.
Со голема љубов и упорност на граѓаните, ова мало место прераснува полека во мини туристички центар со одлични угостителски капацитети. Верувајте секој би посакал барем еднашка да го посети. Или како некои од нас, да се релаксира во некоја од бањите.
Ова е верувам настан без преседан, кој го постави Бор на културната мапа на светот. И навистина заслужено. Едно големо браво за луѓето кои стоеја позади овогодишниот Blogopen, а тоа е BITNO (Borska internet organizacija). Најмногу благодарност веројатно и должиме на Суска која на сите можни начини се погрижи целиот престој да ни помине благопријатно. Организаторите добро се држеа за време на конференцијата, па не дозволија да забележиме колку се всушност возбудени.
За конференцијата
Распоредот како течеа предавањата, може да се прочита на официјалниот сајт на BlogOpen. Овдека би се задржала на сопствениот впечаток. Имав(ме) чест да ги слушаме двата највлијателни германски блогери (Oliver Gassner и Robert Basic), но мене лично задоволство ми направи разговорот со Саша и Бане за време на свечената вечера организирана во Брестовачката бања. Read the rest of this entry »