Дома За мене

За мене

Добредојде на мојот сајт.

Јас сум Василка Димитровска, магистер по археологија, менаџер и креативен директор на ХАЕМУС, консултант и лиценциран интерпретатор за наследство.

Во 2010 ја добив наградата за ,,Најдобар промотор на Македонија” којашто ја доделуваат сите печатени и ТВ медиуми во државата; од 2011 сум соработник на National Geographic Society; од 2017 благодарејќи на мултинационалната апликација, станав носител на обичајот „Мартинки“ во УНЕСКО. Од 2018 ја имам улогата на постојан научен и стручен советник на Пивара Скопје АД (Coca Cola HBC & Heineken N.V.), во однос на нивното индустриско наследство, кое исто така вклучи создавање, менаџмент, организација и авторско курирање на поставките од Experience центарот на Пивара Скопје (незванично Музеј на Пивара Скопје  АД).

Во моето портфолио се организации на големи научни конференции, изложби, настани, како и консултации, обуки и тренинзи наменети за менаџмент и промоција на културното наследство на Македонија. Во својата професионална кариера сум работела на многу проекти и сум раководела тимови и програми, а како консултант за наследство соработувам со индивидуалци, институции и компании од различни индустрии кои ја допираат оваа тематика.

Симни ја мојата книга во *pdf верзија

Приказната на интернет започна во 2005 со мојот првичен блог за археологија кој подоцна стана книга. Активно се занимавам со научно истражување за нашето наследство и создавам најразновидна содржина со години, бидејќи тоа за мене претставува големо задоволство. Автор сум на научни монографии, стручни текстови, прирачници, туристички водичи, популарни и промотивни текстови, илустрирани читанки и вежбанки за деца, боенки и интерактивни сетови.

Во рамките на ХАЕМУС креатор сум на неколку брендови од кои три остваат длабока трага кај многу генерации: „Денот на Баба Марта“, програма за негување, едукација и промоција на обичајот „Мартинки“ впишан во Репрезентативната листа на УНЕСКО како светско нематеријално културно наследство; „Scupini Romani“ – програма наменета за едукација и промоција на античката римска култура и наследство и „Млад истражувач“ – едукативна програма со педагошки карактер која има своја сопствена издавачка едиција. Сите три бренда се создадени како преплет од интерпретацијата на наследството и креативните индустрии и покрај едукативниот и педагошки карактер, претставуваат и примери за самоодржливи програми кои придонесуваат за социо-економскиот развој на локалната заедница.

Пиши ми доколку сакаш да го имаш прирачников

Сакам да ги инспирирам сите заинтересирани од областа на креативните индустрии да се запознаат со социјалното претприемништо и за таа цел најмалку неколку пати годишно држам обуки. Особено задоволство ми е кога преку тренинзи, семинари, работилници или вебинари го споделувам моето многугодишно искуство од интерпретацијата на наследството, стекнато преку работа со илјадници луѓе во текот на мојата кариера. Како метод за неформално образование, за интерпретацијата на наследството граница е само фантазијата која ги отвора вратите на оваа неверојатно едукативна и комуникацика алатка. Токму од тие причини напишав „Мал прирачник за интерпретација на наследството“, кој е создаден со цел секој заинтересиран да се здобие со основни информации, да се запознае со терминологијата на интерпретацијата или толкувањето на наследството и да добие насоки како можеш самостојно да ја искористи оваа алатка за основа на некој свој проект или бизнис.

Во март 2023 ја стартував Storytelling Skopje, едукативна програма која ги користи алатките на интерпретацијата за да го оживее наследството.

Покрај ХАЕМУС, исто така го менаџирам и HAEMUS Travel – социјално претприемништо на организацијата посветено на креативниот и одговорен културен туризам кој се базира пред сѐ на наследството.

Заедно со ХАЕМУС го менаџираме и официјалниот сајт за архео-астрономскиот локалитет Кокино (www.kokino.mk), вклучително со соодветните сметки на социјалните мрежи.

Доколку ти се допаѓаат моите текстови, можеш да ме следиш на сајтов, на фејсбук или на инстаграм. Имај предвид дека сајтот е заштитен со Законот за авторски и сродни права. Затоа, почитувај ја интелектуална сопственост на авторските текстови, како и лиценцата на Криејтив Комонс пред да позајмиш од мене без прашање, дури и на интернет.