Дома Антропологија Што се Макавеи и како се пресметуваат

Што се Макавеи и како се пресметуваат

479 views
0
Стара небесна карта на македонскиот народ е заштитена како национално културно наследство

 

Дали знаете што се тоа Макавеи?
И дали некојпат сте ги пресметувале?

Научив што се Макавеи од мојата мајка, уште кога бев многу мала. Секоја година кога ќе дојдеше 14 август, на забавен, интересен и интерактивен начин спремавме еден празен лист со неколку колони во кои впишувавме датум, ден, временска прогноза и месецот кој следува. Старите велеле, какво ќе биде времето на Макавеи, такво ќе биде и во наредните дванаесет месеци. Се разбира, се работи за едноставна математика која можете и самите да ја примените со помош на упатствата кои ви ги спремив.

На Макавеите инаку започнуваат Преображенските и Богородичните пости. Тие траат точно сѐ до Голема Богородица која како неподвижен празник посветен на Успението на Големата Мајка се прославува на 28.08. и овој празник како дел од „Циклусот на големите празници“ задолжително се слика на западнот ѕид од храмот. Ако храмот е нели правен по сите канонски параметри според Ерминијата.

Верувања поврзани со Макавеите запишал и Марко Цепенков, а јас многупати на терен, особено во Крива Паланка и кривопаланечко, сум ја слушнала реченицата „На 19 август на Преображение, времето се менува, а после Голема Богородица почнува есента“. Се разбира, ова е многу логично бидејќи од средината до крајот на месецот август е период од годината кога природата всушност почнува полека да се менува.

Ако мислите дека е коинциденција тоа што во Македонија религиозните празници се поклопуваат со некои традиционални верувања на луѓето, бидете убедени дека не постојат случајности во народната митологија.

Еден прилог повеќе кон записите за прогнозирање на времето според деновите во текот на годината се и белешките кои на терен ги собирал скоро 22 години астрономот Ѓоре Ценев. Тој запишал што му кажал извесен Блаже Ристевски од село Кривогаштани во 1982 година: „На стар јазик макавеј значи тврд како чекан. Макавеите биле 12 браќа и еден татко. Сите биле многу цврсти во работата. Деновите кои се познати како Макавеи се деновите од 14 до 26 август (според новиот календар) а луѓето веруваат дека според нив може да се претскаже времето во годината. Првиот ден (14 август) одговара на септембар и така натаму, секој ден за еден месец,  последниот ден е за годишна прогноза“ (Ценев, Ѓ. 2004, Небо над Македонија, стр. 161-163).

Етно астрономијата преставува комплекс од народни знаења, верувања и имагинарни претстави за небесната тела и појави во вселената кои се негуваат во традицискиот светоглед на македонскиот народ. Тоа е фолклорно добро кое според Националната класификација на културното наследство ги опфаќа народната космогонија, народниот календар и народната метеорологија. Македонската Етно Астрономија во форма на „Стара небесна карта на македонскиот народ” со одлука на Владата на Македонија од 16.07.2019 год. е прогласена за нематеријалното културно добро, поточно за национално културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Затоа,

Научете како
и зошто тајните кодови
треба да се пренесуваат
од генерација на генерација!

И зошто треба да ги вреднувате,
оти ја пополнуваат онаа целина
што ја доживуваме толку силно,
не знаеме да ја опишеме,
а се нарекува идентитет.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име