Дома Антропологија Стибера – Македонската Помпеја (видео од предавање)

Стибера – Македонската Помпеја (видео од предавање)

3,697 views
0
Булевтерионот (Градското собрание) во Стибера и дел од наодите во него

 

На 15.11.2018 год. во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, ХАЕМУС во соработка со Archaeological Institute of America за сите љубители на културното наследство организираше серија на ексклузивни предавања повод „Меѓународниот ден на археологијата 2018“. Едно од овие предавање насловено како „Стибера – Македонската Помпеја“ беше во реализација на археологот Душко Темеловски.

Кратко инфо за Стибера

Сместена во западниот дел на античка Горна Македонија, Стибера бил главен град на регионот Девриоп. Локалитетот се наоѓа во близина на селото Чепигово, на околу 25 километри југозападно од Прилеп. Градот бил значаен урбан центар кој егзистирал од крајот на IV век п.н.е. до IV век. Се претпоставува дека една од главните причини за колапсот на градот била инвазијата на Готите во 267/8 или 268/9, за време на владеењето на римскиот император Галиен.

Археолошки локалитет Стибера – долен дел од истражуваниот прстор

Во историските извори, Стибера за првпат се појавува во извештаите на историчарите за Втората и Третата македонска војна. Подоцнежните записи упатуваат на убикација на градот на реката Еригон (Црна Река) во регионот Девриоп, позициониран на античка патна комуникација Стоби – Хераклеа.

Приказната за Стибера

Археолошкиот локалитет Стибера се истражува со години, но последната деценија со целото свое внимание и знаење тоа го прави археологот Душко Темелковски од Н.У Завод и Музеј Прилеп.

Во изминатите археолошки кампањи откриени се делови од градскиот бедем и скромни остатоци од неколку градби од времето на владеењето на македонските кралеви. Сите други откриени објекти се датирани во римскиот царски период, односно од времето на големиот просперитет и процут на империјата (за време на династиите Антонини и Севери – II век и првата половина на III век). Откриени се Храм на богинката Тихе, заштитничка на градот, Гимназион, Храм на култот кон императорот, Работилница за теракотни претстави на божества, Светилиште посветено на божество со птичје лице, единствено во Европа и Собранието на градот (булевтерион). Исто така откриени се голем број движни наоди, предмети за секојдневна употреба, како и мермерни жртвеници, натписи и скулптури.

Откриените градби и наоди укажуваат на високиот статус на градот, особено во римскиот царски период. Многу значајни податоци за историјата и за развојот на градот се добиени од откриените натписи и жртвеници. Со своите 20 000 жители, број добиен со споредување на евиденцијата за бројот на ефеби (ученици во Гимназионот) во одредена година, Стибера бил значаен урбан центар во областа Девриоп. Богатите наоди и високото културно и духовно ниво на развој се претставени преку мошне репрезентативно изработените портрети на видни граѓани (таткото Орест и синот Филоксен, македонијархот Септимиј Местриј Ликон и други) и мермерни скулптури на божества (Нике, Дионис, Асклепиј, Меркур и други божества), поради што градот со право го заслужува епитетот “Македонска Помпеја”.

Заклучок

Како археолошки локалитет со исклучителна вредност, Стибера веројатно треба да стои на пиедесталот на македонската археологија заедно со локалитетите Стоби и Хераклеја Линкестис.

Стибера – ризница на репрезентативни мермерни наоди

Дури откога ќе го изгледате видеото од предавањето, ќе сфатите зошто археолошкиот локалитет Стибера се нарекува „Македонската Помпеја“. Фасцинантните наоди, но и децениите на негрижа и слаба финансиска поддршка од страна на државата, придонеле кон погубниот исход да најголем дел од структурите на овој антички град се откупуваат и потоа повторно потрупуваат со земја. Ќе се запрашате зошто се случува ова и зошто ништо не се превзема? Овие причини откриваат многу ранливи категории и горливи прашања како за недостатокот на долготраен културен менаџмент кој би ставил еден локалитет во функција на културен туризам, но и за функционирањето на културните политики во македонската археологија кои се голема закана за науката.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име