Дома Антропологија Колку е вистинит реверсот на македонската банкнота од 100 мкд

Колку е вистинит реверсот на македонската банкнота од 100 мкд

3,450 views
0
„Гравура на градот Скопје од 1594 година, дело на холандскиот графичар Јакобус Харевин. Гравурата се чува во Нинберг“ - дискутабилен текст на парите и на сајтот на Народна Банка на Македонија

На сите ни е позната македонската банкнота од 100 мкд која катадневно поминува низ нашите раце како платежно средство. Покрај својата номинална вредност, оваа банкнота на својот реверс како што се вели на сајтот на Народната Банка на Македонија, означува: „Гравура на градот Скопје од 1594 година, дело на холандскиот графичар Јакобус Харевин. Гравурата се чува во Нинберг“. Општопознат факт кој постојано се цитира без да се провери неговото потекло е дека авторот на ова дело е холандскиот уметник Јакоб Харевејн. Сето ова би држело вода, но постојат некои историски недоследности.

Јакоб Харевејн е холандски уметник и цртач на гравури. Живеел и творел кон крајот на ХVІІ и почетокот ХVІІІ век. Тој е автор на една гравура со приказ на Ќустендил, но не е познато дали авторот ја придружувал тогашната австриска војска или гравурата ја изработил според скица на некој друг уметник.

Во мојот научен труд од 2012 на тема за Долниот град (подградието) на средновековно Скопје,  за оваа гравура го пишувам следното:

На јавноста добро и е позната гравурата на градот Скопје од 1594 година, која се наоѓа на банкнотите со апоен од 100 денари. За оваа гравура на која е претставена река, мост и градска фортификација, има неколку гледишта во однос на нејзината визуелна претстава. Според едни, реката што е претставена на сликата не е Вардар, туку Серава, која некогаш течела низ стариот дел од градот Скопје, сега познат како Стара чаршија; други, пак, мислат дека, додека ги скицирал мостот и утврдувањето, уметникот не седел на местото на денешниот градски плоштад, туку ја изработил гравурата од некоја друга перспектива (на пример, од местото на денешниот градски стадион). Најконтроверзно од сите е гледиштето дека воопшто не станува збор за градот Скопје, зашто има сомнежи дека литографскиот натпис на гравурата е фалсификуван.

Василка Димитровска 2012, Наследството под булдожери: или, како ги снемува културните ресурси од минатото на еден град,Културен живот, Скопје, 56-61

Без оглед кое од овие гледишта ќе се покаже како историска вистина, инфото за оваа гравура се сретнува во делото на Коста Балабанов „Скопската Стара чаршија“ (Туристички сојуз на град Скопје, Скопје, 1994), а веќе во 1996 е поместена на реверсот на првите македонски банкноти и останува во употреба сѐ до ден денес.

Претпоставената гравура на Скопје од 1594 година која според одредени записи се чува во музеј во Нирнберг, Германија

Не сум била во Нирнберг низ музеите и не знам дали оваа гравура навистина постои. Ако изгуглате Jacobus Harrewijn+Skopje+engraving, нема да добиете ниту еден резултат. Најинтересно од сѐ е фактот што уметникот не можел во исто време да ја гледа и црта гравурата на лице место, бидејќи има разлика од 100 години помеѓу понуденото македонско датирање и неговото творештво. Постои можност и оригиналната датација да е од 1694 а не од 1594, како што пишува на банкнотите, бидејќи ако Харевејн ја направил гравурата на Ќустендил во 1690, постои голема можност да ја направил и на Скопје, но во 1694 а не во 1594, сеедно дали бил во градот или ја прецртувал од друг уметник.

Еве, на сите вас е да ја откриете историската вистина за македонските 100 денари. 🙂

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име