Home Артефакт Дали знаете кога е основана Пивара Скопје?

Дали знаете кога е основана Пивара Скопје?

447 views
0
Корицата на оригиналната деловодна книга на Парна Пивара АД во Скопје од 1924 година

Сигурно сте налетале на онаа шега дека во Скопје само пивото остана „скопско“. Со оглед на тоа што потекнувам од стара скопска фамилија (јас сум 5та генерација родена во Скопје), оној момент кога со тимот на ХАЕМУС го склучивме договорот со Пивара Скопје АД за научно-истражувачкиот проект за „Историјатот на Првата Парна Пивара АД во Скопје“, знаев дека ќе спојам две љубови, љубовта за старото Скопје, она од спомените на моите дедо и баба и прадедо и прабаба, и секако, скопското пиво. 🙂

Со тимот на ХАЕМУС истражуваме за историјатот на Пивара Скопје АД во Архивот на град Скопје

Едногодишното истражување што го спроведуваме со ХАЕМУС а во соработка со Пивара Скопје, покрај постоечката литература и некои веќе публикувани написи (1,2), опфати и детално пребарување на архивите во Скопје, Белград, Загреб и Софија. При тоа, дојдовме до нови податоци кои покажуваат дека компанијата била основана на 2 септември 1922 година, а производство на пиво започнало во август 1924 година, додека пак првите купувачи пиварата ги имала во октомври истата година. И се разбира, откривме два артефакта, поточно ги пронајдовме двете најстари деловодни книги на компанијата. Чувството дека сте откриле бесценет артефакт не само за историјатот на Пивара Скопје, туку и генерално за историјата на градот Скопје, за луѓето кои живееле во тоа време пред стотина години како и нивните социјални и економски навики е неописливо.

Со директорот Дан Тимотин и одделот за јавни работи и комуникации во Пивара Скопје ја разгледуваме најстарата зачувана книга на компанијата (локација: Архив на град Скопје)

Во пресрет на големиот јубилеј – 100 години од основањето на Пивара Скопје, збирката на артефакти за историјата на компанијата успеавме да ја збогатиме со овие две книги, кои се подарок од Државниот Архив – одделение Скопје (познат уште и како Архив на град Скопје) и датираат уште од 1924 година.

Фотографија за соопштението во јавноста на Пивара Скопје. Од лево кон десно: Ламбро Патче, Марија Димеска, Василка Димитровска, Дан Тимотин, Татјана Алексовска – Сапунџиоска

Првата книга – „Дневник на купувачи на пиво“ е всушност евиденција за првите купувачи кои набавиле буриња со пиво, а во втората книга може да се забележат потписите на првите потрошувачи кои направиле нарачки, меѓу кои биле познатото семејство Шкаперда, скопската митрополија, офицерскиот дом и многу други.

Потписите на првите потрошувачи кои направиле нарачки од тогашната парна Пивара АД Скопје

По тој повод Ламбро Патче, менаџер за комуникации и односи со јавност на Пивара Скопје изјави:

„Многу сме им благодарни на Државниот Архив и Центарот за научно истражување и промоција на културата – ХАЕМУС за одлуката овој артефакт да ѝ биде предаден на Пивара Скопје. Постојаното надополнување на нашата колекција на артефакти е од огромно значење за компаниското наследство. Ме радува што еден ваков бесценет артефакт се враќа онаму од каде што потекнува“.

Оригиналнто соопштение за јавноста и за медиумите може да се прочита на сајтот на Пивара Скопје АД.

НОВ БЕСЦЕНЕТ АРТЕФАКТ ЗА ИСТОРИЈАТА НА ПИВАРА СКОПЈЕ

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here