Дома Архитектура Ангелот кој чека спасение – Посвета на Курбиново

Ангелот кој чека спасение – Посвета на Курбиново

1,465 views
0
Архангел Гаврил од сцената „Благовестие“, фреска на источниот ѕид на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

Пејсаж како на филм. На една височинка на крајот од с. Курбиново, со поглед на Преспанското Езеро, се наоѓа малата еднокорабна црква посветена на Св. Ѓорѓи. Портретот на дарителот е многу оштетен и не постојат други пишани податоци за ктиторот на храмот, освен натписот во олтарот дека е живописана во април 1191 г. а веројатно е изградена најмалку една година претходно.

Црквата “Св.Ѓорѓи” во с.Курбиново е од исклучително културно-историско и уметничко значење не само за Северна Македонија, туку и за светското средновековно фреско-сликарство. Изградена како дел од византиската градителска традиција со цариградска концепција, на мапата на светските вредности покрај архитектурата на црквата, се наоѓа и уникатниот фрескоживопис. Со одредени оштетувања, сликаниот ансамбл е сочуван скоро во целост и се вбројува меѓу најубавите византиски достигнувања од времето на владеењето на династијата на Комнените.

Посебноста на сликарството е во внесувањето на иконографски новини, додека ликовниот ракопис на непознатите курбиновските сликари ги бележи светителските ликови кои се „маниристички“ издолжени, со раскошни облеки кои како да лебдат во просторот. Ликовите распоредени во беспрекорно избалансирани сцени се со таков внатрешен емотивен набој, кој не ве остава на мира долго откако ќе го напуштите ова свето место. Статусот на црквата како национално богатство го потврдува и сегментот на фреската на светецот Архангел Гаврил т.н. „Aнгел од Курбиново” преземен од една од олтарните фрески, кој се наоѓа на македонската банкнота од 50 денари.

Токму поради овие факти, храмот во с. Курбиново го привлекува вниманието на светските истражувачи, архитекти, дипломати, туристи и љубители на средновековната уметност. Доаѓаат од разни краишта на светот со цел да уживаат во овој врвен уметнички дострел кој зазема посебно место како скапоцен камен во круната на византиската уметност. Не случајно, на бреговите на Преспанското езеро во јуни 2018 г. Македонија го склучи историскиот договор со кој го реши повеќе деценискиот спор за името со Грција. Со ова ребрендирање на името, државата погледна во идината фрлајќи поглед на своето длабоко древно минато.

Но во меѓувреме, додека драгоцениот фрескоживопис изчезнува пред нашите очи, црквата Св. Ѓорѓи е мета на политички препукувања со децении. Еден напис од „Њујорк Тајмс“ во 2019 г. го подигна нивото на аларм за овој храм кој во моментов е покриен со скелиња и не претставува само споменик на културата заштитен со закон, туку и репер за конфликтите во културните политики на Македонија кои се под влијание на локалните и регионалните ривалства.

Како главен финансиски донатор на процесите на заштита најчесто се јавува Владата на Северна Македонија, која игра главна улога во секој проект од културно значење за државата. На мета на критика со години беше претходната гарнитура на Министерството за култура која финансиите ги одлеа во контроверзниот проект „Скопје 2014“, додека црквата во Курбиново повеќе од деценија остана без финансиска поддршка а реставрацијата се прекина поради „изработка на дополнителни анализи“. Континуирано медиумски се истакнуваат укажувањата од стручни лица за потребата од итни работи на објектот кој сѐ повеќе се влошува поради неквалитетното реставрирање. Освен објектот, запуштена и околината. Патот е без сигнализација, неасфалтиран и во лоша состојба, а црквата ја нема потребната инфраструктура да ги прифати туристите кои доаѓаат да ја посетат. Оние кои ќе успеат да го најдат патот до храмот, најчесто се пречекани од локалното население кое се грижи за него и апелира за помош до локалната самоуправа. По неуспешната конзервација на фреските во минатото и генерално лошата состојба на архитектурата, денеска храмот е заглавен во чудните лавиринти на административните процедури.

***

И покрај многуте истражувања досега, мистеријата за изградбата на црквата крај Преспанското езеро сместена на границата помеѓу Албанија, Грција и Северна Македонија, останува неразрешена и дополнително го зголемува нејзиниот шарм. Странските амбасадори во Северна Македонија ја карактеризираат црквата во Курбиново како спој на Рим и Византија, симбол на заедничкото европско културно наследство за тоа каква Европа сакаат да изградат политичарите. Но црквата од 12 век во с. Курбиново е еклатантен приказ за негрижата на една држава кон сопственото, а воедно и светско културно наследство. Очигледно е дека „Ангелот од Курбиново“ кој катадневно и сосема спонтано поминува низ нашите раце како „куповно средство“ и замрзната слика од далечното минато, уште долго ќе го чека своето „спасение“.

***********

Текстот е оригинално објавен на сајтот „Dealing with the past“  – проект на Forum Ziviler Friedensdienst и може да се прочита на македонски, англиски и албански јазик.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име