Home Архитектура Неколку белешки околу „идентитетот“ на Универзална сала во Скопје

Неколку белешки околу „идентитетот“ на Универзална сала во Скопје

8,528 views
0

Ви изгледаат познато фотографиите, зарем не? Секако, ова е Универзалната сала во Скопје. Сметаме дека е дел од идентитетот на градот, но со архитектурата исто како и со артефактите, не е секогаш така како што изгледа.

На фотографијата лево е всушност Националниот циркус од Софија изграден во 1962, кој несреќно изгорел во пожар во 1983 година. Доколку го следиме историјатот на архитектурата, би можело да се забележи дека Бугарите при градење на нивниот циркус како урнек ја земале зградата од циркусот во Копенхаген (Данска), а овие вториве од Пантеонот во Рим кој пак е вечна инспирација за архитектите и уметниците ширум светот. Па така, слободно можеме да кажеме дека во срцето на Скопје имаме дух кој нѐ потсетува на древните римски времиња.

Зградата на циркусот во Копенхаген

Во меѓувреме се случил скопскиот земјотрес во 1963. Помеѓу другите донации кои ги добило Скопје од балканските држави била и изградбата на сала од бугарска фирма „Техноекспортстрој” по скица од софискиот циркус, како архитектонска реплика на објектот во Бугарија. Но, дали Универзалната сала во Скопје е навистина донација по повод катастрофалниот земјотрес, како што тоа постојано со децении се повторува помеѓу народот, или зад оваа микроисторија се крие една навидум збркана тајна, останува предизвик и дава простор за дополнително истражување.

Пантеон во Рим

Интересно е што на плочката во објектот стојат имиња на држави кои биле дарители со чиишто средства  бил изграден, а помеѓу нив не се сретнува Бугарија. Успеав да ја најдам само оваа фотографија, која стоела до билетарата во Универзална.  Ако ги спојам информациите кои ги имам, се наметнува еден редослед на настани, каде Бугарија го донира планот за градба на Универзална, бугарска фирма ја прави, а според плочкава финасиите дошле од многу држави во светот, но не и од самата Бугарија. Постои неков баг во информациите со градењето на Универзална и посакувам успех на оној кој ќе се обиде да ја разреши оваа мала микроисторија на објектот.

Универзалната сала во Скопје е изградена со донација на многу држави во светот

Заклучок

Секој од нас бил најмалку барем еднаш во Универзална сала. Генерации на луѓе се поврзани од песните на детскиот фестивал „Златно Славејче“, па сѐ до концертите на „Џез фестивалот“. Со амфитеатрално поставено гледалиште, објектот ги има извонредните сценски услови во коишто до сега се реализирале концерти, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини, спортски манифестации и други приредби. Интересен е фактот што досега знаевме за Универзална сала дека претставува донација, но би било навистина убаво некој да ја истражи темава бидејќи се појавуваат премногу нелогични информации. Од антрополошки аспект, би рекле дека Универзална сала е драматичен „подарок“ кој го надживеал својот оригинал и нејзиниот историјат е достоен за споменување и паметeње.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here