Дома Антропологија Праисториските наколни населби во Скопје и Скопско

Праисториските наколни населби во Скопје и Скопско

3,491 views
0
Фотографија на Благој Дрнков од традиционално ловење риба на Катлановското блато

Последниот број на „World Heritage“, официјална публикација на World Heritage Centre кој функционира во рамките на УНЕСКО, за главна тема на бројот ги има водните живеалишта (wetlands) кои се витални за биодиверитетот, но исто така се важни и за опстанокот на луѓето со оглед дека водата отсекогаш била извор на живот за човештвото.

Последниот број на списанието „World Heritage“ за главна тема на бројот ги има водните живеалишта (wetlands)

Оваа тема ме наврати на една моја постара идеја дека во периодот на праисторијата ако не директно на територијата на она што денес го знаеме како Скопје, тогаш барем во неговата околина, имало наколни живеалишта.

Катлановското блато додека се уште било пловно, а има такви кои го паметат тоа, било постојано посетувано од луѓето кои тука престојувале и ловеле риба. Многу ме бендисаа неколку фотографии кои ги направил познатиот фотограф Благоја Дрнков веројатно пред сушење на мочуриштето, каде во мали дрвени чунови луѓето традиционално ловат риба на Катлановското блато. Инаку вакви слични дрвени бродови стари 4000 години беа исто така пронајдени во Ресен, а еден од нив се чува во Културниот дом во Ресен. Поради својата геолокација и природни карактеристики, скоро сум сосема убедена дека над и во околината на некогашното Катлановско езеро егзистирале наколни (тука мислам пред сѐ на праисториски) населби кои оставиле траги во форма на материјална култура.

Фотографија на Благој Дрнков од традиционално ловење риба на Катлановското блато

Постојат се уште живи луѓе кои се сеќаваат како изгледало Катлановското блато и какви биле куќите околу него. На еден форум прочитав изјава од некој човек дека „преисториски наколни живеалишта имаше до ’80 во катлановко блато, но фактот останува дека техниката по кој што се градени е ПРАИСТОРИСКА“. Се разбира дека сето ова би останало имагинација, но фотографот Дрнков повторно мајстoрски преку својот објектив не навраќа во с. Бардовци, Скопско. Селото се наоѓа покрај реката Лепенец и во доцните дваесетти години од 20 век навистина таму куќите изгледале како да се направени во праисторијата. Ако ова се случувало во 20 век, тогаш воопшто нема да зачуди фактот дека објекти од сличен тип биле правени од жителите покрај другите водени површини во Скопје и Македонија со милениуми наназад.

Охридско ѓеврече покрај Охридското езеро со поглед на реконструираните бронзенодобски наколни живеалишта, Музеј на вода – Охрид, септември 2017 (лична архива)

За сега постојат неколку локалитети кои биле палафитни наоѓалишта од праисторијата. За археолозите е многу вреден „Устие на Дрим“ кој дал драгоцени артефакти за праисторскиот период, но тој не постои повеќе како локалитет. Во Мрдаја кај Дојран е исто така пронајдена и истражена ваква праисториска населба. Се разбира, најпознатиот локалитет каде со сигурност постоело наколно живеалиште е „Миќова Плоча“ крај Охридското езеро. Пред десеттина години е направен обид за реконструкција на бронзенодобската населба која тука живеела со стотици години и оваа локација денес популарно се нарекува „Музејот на вода во Заливот на коските“.

Фотографија на Благој Дрнков, с. Бардовци, Скопје (1927 г.)

Најсетне, еден научен труд на мои колеги како резултат од рекогносцирање кои го направиле околу Катлановското блато, потврдува 3 нови праисториски локалитети кои егизстирале во периодот на неолитот. Според Археолошката карта на РМ (Том 2, стр. 376) постојат евидентирани локалитети во регионот на Катланово со распон на живот од неолитот до бронзеното доба, што оди во прилог на теоријата дека некои од овие живеалишта би можеле да бидат и наколни. Се надевам дека некои идни подетални истражувања ќе ја потврдат оваа моја идеја, за сега на ниво на теоретски истражувања и претпоставки базирани врз мал број пронајдени артефакти и по некој етнографски доказ.

Фрагмент од десна рака на антромоморфен модел на куќа, археолошки локалитет „Лака“, с. Катланово (лево), Праисториски кремени алатки, локалитет „Тумба“, с. Мралино (десно)

Литература:

Група автори (1996), Археолошки локалитети во Катланово, Археолошката карта на РМ, Том 2, МАНУ, 376.

Hettiarachchi M. (2018), Wetlands and cities: an uneasy balance (2018), World Heritage and Wetlands, World Heritage n°89, UNESCO World Heritage Centre, 42-47.

Тодороска В. (2016), Палафитната населба „Устие на Дрим“, Неолитот во Македонија – Нови истражувања и перспективи, Центар за истражување на предисторијата, 41-53.

Tolevski I., Stančevski I. (2017), Neolithic settlements around Katlanovo Lake – Blato, Journal: The Way of Science (Vol.1, No. 43), 53-64.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име