Home Историја Мојата соработка со Марковиот манастир

Мојата соработка со Марковиот манастир

497 views
0

Фотографија од Марковиот манастир во еден спокоен топол јунски ден во 2017 (лична архива)

Мојата приказна со Марковиот манастир веројатно започна од самото моето раѓање и волјата на моите родители да го спознаам богатото културно наследство на Македонија уште од мали нозе. Имам спомен за секакви времиња и невремиња кои провејале низ манастирот од периодите кога ретко кој одеше таму во 90тите години на 20 век, па кога беше една затворена енклава што ја опслужуваше Вранишковски, сѐ до доаѓањето на монахињата сестра Илијана Илкова пред повеќе од петнаесеттина години кога започна вистински препород на ова божје катче.

Имам чувство дека со доаѓањето на сестра Илијана, игуманијата на Марковиот манастир, на комплексот му се вдахна поинаков смисол и се отвори многу повеќе не само кон верниците, ами и кон туристите. За оние кои не биле одамна, или можеби никогаш, Марковиот манастир се наоѓа на околу 20 километри од центарот на Скопје, во живописна природа во близина на Маркова Река. Манастирскиот комплекс го  сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14 век посветена на Св. великомаченик Димитриј Солунски со отворен трем од 19 век, две манастирски трпезарии кои се живописани во 14 век, (остатоци од фрескоживописот денес се сочувани преку конзервирани фрагменти изложени во трпезариите), конаци со убави чардаци, параклис посветен на Св.Ап.Марко, мал археолошки музеј/галерија за икони, стара воденица адаптирана како етно-музеј, сувенирница и други помошни простории.

Фотографии од Марков манастир направени во различни години (лична архива)

Во меѓувреме завршив историја на уметноста со археологија и си го оплеменив животот со уште подлабокиот смисол на средновековната уметност која кај нас оставила врвни дела во византиската архитектура и уметност. Покрај тоа што приватно одам со децении, започнав и професионална соработка со сестринството на манастирот коешто се зголемуваше со текот на годините и таа соработка  трае и ден денес. Јас сум тука за сите совети кои на ним им се потребни од областа на менаџментот и на културното наследство, а оваа божја убавина ми дарува мир и спокојство секојпат кога имам потреба да си ја одморам душата.

Мојот примерок од монографијата посветена на Марковиот манастир во Скопје

Оваа година во февруари ја имав честа да го организирам и водам протоколот од промоцијата на монографијата „Марков манастир – Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“, труд посветен на различни аспекти од вековното опстојување на манастирот. Настанот се случуваше во свечената сала на Соборниот храм во Скопје. Во ова издание се опфатени различните димензии кои ја даваат пошироката слика на манастирот, тргнувајќи од историско-културниот аспект, па сѐ до естетската димензија и духовно-монашкиот елемент низ вековите до ден денешен.

Промоција на книгата за деца „Моето детство“ во издание на Марковиот манастир

Годинава на Ѓурѓовден имав задвоволство да го организирам протоколот и да бидам промотор на книгата за деца „Моето детство“, чијшто автор е повторно Илијана Илкова, Игуманија на Марковиот манастир. Промоцијата се случи во дворот на манастирот и ги обедини на едно место верниците и љубителите на културното наследство.

Ако можам да го наречам заклучок

Марковиот манастир, така блиску, а толку далеку од Скопјани е локација која ќе ви ги плени сите сетила. На падините на Илина гора, како во гнездо заштитено од нејзините врвови, во еден непрекинат историски континуитет со векови опстојува искра која го оплемненува целиот тој простор. Самата локација претставува четиво за секој којшто сака да се запознае со историските вредности на манастирскиот комплекс, но и со начинот на монашкиот живот поврзани со овој верски локалитет од огромно културолошко и уметничко значење за нас, но и за светот. Овој текст го наменувам за поширока читателска публика и се надевам дека ќе ги приближи сите заинтересирани како и оние кои се уште трагаат по вистината и убавината, до вистинските вредности на животот.

Од мене, со љубов, за Марковиот манaстир како една богата ризница од која црпиме знаење, но и како голема благодарност до сестринството коешто се грижи за комплексот 💗

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here