Дома Антропологија Протресена еволуцијата на хоминидите во Кина и тоа без човечки остатоци

Протресена еволуцијата на хоминидите во Кина и тоа без човечки остатоци

2,549 views
0
Палеолитскиот локалитет Shangchen во Кина каде се пронајдени алатки стари 2,1 милиони години

Последниот период вниманието ми го привлекоа неколку научни откритија кои се однесуваат на развитокот на хоминидите. Некои од овие откритија веројатно ќе го променат и досегашното наше поимање на еволуцијата на човекот, како и нивните миграции низ континентите.

За подобро да ги разбереме периодите низ кои поминало човечкото раздобје, треба да имаме на ум дека во текот на долгото траење на Палеолитскиот период, се менувале различни култури и индустрии. Се работи за материјални култури кои ние ги препознаваме на база на типичните камени ракотворби и според нив ја правиме датацијата по периоди и на кој тип хоминиди припаѓале, доколку нема скелетни остатоци.

Една општо прифатена научна шема е дека првите наједноставни алатки во форма на камени облутоци со оштри рабови ги изработил пред околу 2,5 милиона години во Африка човекот познат како Homo habilis. Од регионот на кањонот ОМО некаде во тоа време полека почнала и миграцијата на родот HOMO. Во последно време во зависност од откритијата, забележлива е тенденцијата да се предложуваат не само неколку рути по кои овие древни луѓе се движеле кон другите континенти, туку научниците расправаат дека модерните луѓе се појавуваат на различни локации во Африка, во различно време и почнуваат да мигрираат во разни правци. Овој процес тие го нарекуваат “Африкански мултирегионализам.”

Мапа на списанието “National Geographic” од 1997 год. на која е прикажана дотогашната еволуција на хоминидите преку информациите за најстарите пронајдоци

Но одвреме-навреме, ќе се појават и некои откритија како фосилизиран череп и вилица од Дманиси во Грузија стари околу 1.8 милиони години кои се движат помеѓу видовите на Homo habilis и Homo erectus и кои добро ја протресуваат еволуцијата на раните хоминиди и ги тераат научниците повторно да го преиспитаат потеклото на човекот и глобалната колонизација.

Последното откритие на камени алатки во Кина со старост од 2,1 милиони години, упатуваат на многу рана појава на хоминидите во Кина. Бидејќи не се пронајдени скелетни статоци од дрвните луѓе, научниците претпоставуваат дека овие алатки евентуално би можеле да бидат направени или од Homo erectus или од Homo habilis. Ова откритие публикувано во престижното списание Nature, како што велат и самите истражувачи, драматично го менува правецот на миграцијата на хоминидите низ континентите.

Алатки од палеолитскиот локалитет Shangchen во Кина стари 2,1 милиони години

Палеонтрополошките пронајдоци на 21 век не се воопшто малку. Но тие само пополнуваат дел од празнината во еволуцијата на хоминидите, и отвораат уште безброј прашања. Повеќе од очигледно е дека еволуцијата на хоминидите се протресува со секој нов пронајдок, но затоа пак со брзина на светлината пополнува делови од и онака бледиот мозаик на нашите далечни предци.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име