Home Антропологија Пролетни празнувања: Ѓурѓовден|Хидерлез|Едерлези|St. George day

Пролетни празнувања: Ѓурѓовден|Хидерлез|Едерлези|St. George day

404 views
0

Ѓурѓовден или денот посветен на Св. Ѓорѓи се слави секоја година на 06.05. Оваа прослава е дел од пролетните празнични обичаи кај скоро сите етнички групи кои живеат во Македонија. И покрај тоа што е голем христијански празник, помеѓудругото, се прават и многу обредни активности кои имаат претхристијански карактер, како и активности кои имаат аграрен, стопански и друг вид обележја.

… и како и на секој преоден момент во годишниот циклус, се верувало дека ноќта пред Ѓурѓовден настапува време кога се будат демонските сили на хаосот , “небото се отвара“ и влегува во конфликт со земјата и тоа е време кога по магиски пат тие сили можеле да се искористат за стимулирање на плодородноста …

Дел од мојот текст посветен на Ѓурѓовден публикуван во книгата – Василка Димитровска 2008, Археолошки дневник, Аквариус, Скопје, 66-70.

Археолошки дневник

Со Ѓурѓовден се поврзани и обредите со вегетација, берење на билки и правење на букети. На овој начин се верувало во преносливата моќ на заживеаната „плодна“ природа и пренесувањето на моќта од растенијата, врз сѐ што се закитува со нив. Овие обреди и ден денес може да се сретнат не само во руралните, ами и во урбаните средини, за што сведочи една моја мала архива направена за Ѓурѓовден во 2016 год, во црквата Св. Ѓорѓи во Кисела Вода.

Црквата Св. Ѓорѓи во Кисела Вода (Скопје) за време на прославата на Ѓурѓовден во 2016 (лична архива)

Ѓурѓовден е еден од најголемите христијански празници кој не само што се слави како празник патрон на одредени градови, села, места, туку се слави и како национален празник на некои држави. Св. Ѓорѓи е патрон на државата Грузија (која на анг. се нарекува соодветно Georgia), но се прославува практично и во православниот и во католичкиот свет со огромна почит и слични традиции. Во Македонија има цели региони кои се означени со топоними посветени на Св. Ѓорѓи. Еден таков пример е општината Старо Нагоричане каде покрај познатата црквата Св. Ѓорѓи (1313 год) во самото село/општина, има дузина други топоними посветени на овој светец кои луѓето ги помнат и почитуваат со векови.

Во Македонија сум сретнала и места кои го носат името на Св. Ѓорѓи, но се потполно непознати како за научната, така за медиумската и општата јавност којашто е љубител на културното наследство. Во тие примери би ја сместила и црквата Св. Ѓорѓи во с. Козјак, која се наоѓа практично залепена до археолошкиот локалитет Баргала. Сместена е покрај локална река и заедно со локалитетот прават живописен културен пејсаж во Источниот плански регион вреден за посета.

Оваа пролет во Скопје имаше 2 големи изложби во кои беше отстапен простор на празникот Ѓурѓовден. Едната беше насловена „Пролетни празнувања“ и можеше да се види во Музеј на град Скопје. Другата мултимедијална/интерактивна изложба организирана во Музеј на Македонија со наслов „50 години истражување 1967 – 2017, Ѓурѓовден/Ерделзи кај Ромите“ концепциски ја следеше прославата на Ѓурѓовден/Erdelezi кај Ромите во Скопје во последните 5 децении.

Печатени каталози од двете големи изложби во 2018 година посветени на Ѓурѓовден и на пролетните празнувања во скопско

Во меѓувреме, благодарение на една соработка со Институтот за етнологија и антропологија во Скопје, имав чест да ја запознаам авторката на изложбата во Музејот на Македонија, проф. Елси Иванчиќ Дунин од САД, која 50 години го следи континуитетот и промените на празникот Ѓурѓовден/ Ерделези кај Ромите од Скопје. Била фасцинирана од еден настап на Танец во 1967 што го одржале во САД, ги следела сите настапи кои ги имале таа година во Америка и се вљубила во традициите на Балканот.

Со проф. Елси Иванчиќ Дунин (САД) пред Етнолошкиот музеј во Скопје (лична архива)

Државата кај нас се потрудила да ги заштити овие обичаи поврзани со прославата на Ѓурѓовден како кулурно наследство од особено значење, во подкатегоријата на културно добро. Тоа значи дека Ѓуровден кај Македонците, кај Албанците, кај Ромите и кај Власите во Република Македонија, како и Х’дерлез кај Турците е заштитен како нематеријално културно наследство со закон. Што се однесува пак до обичајот на Турците во Македонија да ја слават пролетта, познато како Хидрелез,  би требало да напоменеме дека минатата година преку мултинационалната апликација на Македонија и Турција, беше впишан на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на човештвото под покровителство на УНЕСКО. Тоа е веројатно и најголемото признание што може да го добие едно наследство од овој тип кое му обезбедува видливост, светска промоција и вмрежување на локалните заедници кои ја чуваат традицијата од изумирање.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here