Дома Културно наследство Направи си бизнис план за менаџирање со културни добра

Направи си бизнис план за менаџирање со културни добра

2,889 views
1

Минатата недела имав можност да бидам дел од една интересна работилница насловена истоветно како и македонско издание на публикацијата „Бизнис планирање за рехабилитација на недвижни културни добра – Прирачник за изработка и спроведување“, која е издадена на македонски јазик а во превод од српски јазик.

Оваа работилница за којашто учесниците можеа претходно да се пријавуваат онлајн, беше замислена и организирана од Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) на Република Македонија. Покрај тоа што беше промовирана книгата прирачник, на целодневната работилница учествуваа стручни лица од институциите за заштита на недвижното културно наследство (заводи за заштита и конзерваторски центри), локални самоуправи и професионални здруженија, како и претставници од граѓанскиот сектор.

Честопати во свои пишани и јавни обраќања сум обрнувала внимание на менаџментот како основа за бизнис планирање во сферата на културното наследство. Оттука, ми се допадна целта на оваа работилница да се внесат нови содржини и приоди за заштита на културното наследство засновани на неговата (само)одржливот, а во истовремена спрега со јакнењето на капацитетите на стручните лица од сферата на заштитата и управувањето со недвижното културно наследство за (бизнис) планирање.

Покрај промоцијата на прирачникот, беа одржани и две предавања на гости од Србија, како и интерактивна работилница со цел динамична изработка на бизнис план за одреден објакт. Ни припадна честа како case study да го работиме тимски во 3 групи случајот „Офицерски дом – Битола“. Работилницата ја водеше м-р Кристина Бицева од УЗКН, а со свои презентации учествуваат Христина Микиќ од Групата на Креативна економија од Белград и Естела Радоњиќ Живков од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата на Република Србија.

Како некој кошто го менаџира културното наследство на Република Македонија, за мене ова беше мошне полезна работилница и се надевам дека ќе ги има и понатаму во слична или модифицирана форма, бидејќи инвестицијата во градење на човечки капацитети кои работат со културното наследство е од витална важност за една држава. Чинам дека ова е голем исчекор кон вмрежување на сите оние субјекти кои работат во полето на менаџментот и планирањето со културното наследство и секако добра основа за понатамошните насочувања.

И како за крај, верувам дека има многу луѓе кои не знаат дека УЗКН е институција која функционира како дел од Министерството за култура, а лично познавам доста граѓани кои имале потреба од нивните правни совети и не знаеле како и каде да се обратат. Затоа ја поздравувам идејата на УЗКН која полека се отвора кон јавноста и дава едно ново лице во правното вреднување на сите видови културно наследство, во насока на добивање вистинска слика за богатствата кои што ги поседува Република Македонија.

1 КОМЕНТАР

  1. Добар ден почитувана г-ѓо Димитровска,
    Ве молам да ме упатите каде можам да ја набавам публикацијата и воедно би сакал да набавам и некој прирачник за археолози со подетални инструкции за работа со артефакти на терен (ископување, мапирање, бележење, конзервација и сл,). Би сакал да се запознаам со овие постапки со цел правилно постапување и зачувување на културното наследство во реонот на с. Винце – Куманово каде постојат пет локалитети од римско време. Согласно досегашните површински наоди овде постојат остатоци од Викус, што наведува на мисла дека би можело да има и некоја сеуште неоткриена римска тврдина.
    Како член на црковниот одбор на с. Винце бо сакал, доколку е тоа можно, во селото да се оформи локална музеј-соба во која ќе бидат сместени сите оние површински најдени артефакти и истите да бидат соодветно третирани.
    Однапред благодарен,
    Љубомир Винокиќ, дипл. град. инг.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име