Home Антропологија Како римските Розалии станаа македонска Задушница

Како римските Розалии станаа македонска Задушница

798 views
0

Една ракатка цреши во керамичка чаша, понекое лепче и пијалок за раздавање, свеќи, букет свежи цвеќиња за украсување, приказни од детските сеќавања и љубов кон баба ми Маре. Ете ме денес утринава на „пролетната Задушница“, ден пред „Духови“. Стојам на градската некропола во Скопје популарно наречена „Гробишта Бутел“ и со фамилијата си евоцираме спомени. Сега точно знам каде одат сите нераскажани прикаски. Си прават тајни врски со колективната меморија и ја одржуваат традицијата жива во интимниот однос на секој од нас со своите предци.

Day_of_the_dead_Skopje_Macedonia_Vasilka_Dimitrovska
Скопските гробишта „Бутел“ украсени со рози за Задушница (26.05.2018)

Минатата година со тимот на ХАЕМУС работевме голем проект за старо Скопје. Во рамките на теренските активности направивме многу интервјуа со стари Скопјани. Ми остави впечаток изјавата на г-дин Блажевски, стар Дебар Маалец, како се славеле Задушница и Духови во раните педесеети години во Скопје кога луѓето место со коли, оделе по цела ноќ до гробиштата во Бутел со коњи.

– Едно време мојата баба живееше во населба Крњево, тоа е каде што е сега Скопскиот саем. Таму се сеќавам на чинот „Духови“. Тоа сум го запамтил како дете затоа што арабаџиските коњи во ноќните часови, нè товареле децата со перници и јоргани и масовно се одело накај скопските гробишта. Скопските гробишта светеле ноќе со свеќи. Тоа било ритуал на духови, се разменувало храна и други нешта. Ние како деца сме го доживувале тоа како игра и занимација, а старите како почит кон умрените.

Теренско интервју со Зоран Блажевски (Студија за нематеријалното наследство на Дебар Маало изработена од ХАЕМУС)

Во последните години се обидувам моите огромни познавања од материјалното и нематеријалното културно наследство да им ги приопштам и пренесам на идните генерации. За таа намена го создадов „SCUPINI ROMANI“, бренд на „ХАЕМУС“ кој се состои од мноштво подвижни ескпонати, рачно изработени по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриени на територијата на Република Македонија. Концептот на SCUPINI ROMANI (или популарно Римските Скупјани) е променлив во зависност од околностите и може да биде организиран како амбиентална поставка, подвижна изложба или фестивал со живи учесници.

Rosalia_banner_fb_MK

Еден од моментите кои го зедов за инспирација и кој може да се поврзе со сегашните обичаи се и Римските „Розалии – празникот на розите”. Розалии или Росалии (лат. Rosalia, Rosaria) – кај древните Римјани бил празникот на розите. Нема многу информации околу точниот датум на празнување, но се смета дека се славел во текот на месец мај или jуни. Бил посветен во чест на мртвите кога нивните гробови се украсувале со рози и други пролетни цвекиња, а притоа се раздавале храна и вино со што се зајакнувале семејните врски, но и почитта кон предците и минатото. Овој пагански празник продолжил да се слави и во христијанството а подоцна се поистоветил со христијанскиот празник Духови, но уште повеќе со празникот Задушница којшто древните Римјани го славеле најмалку пет пати во годината – празнувања кои дури и од страна на Римската империја биле регулирани и означени како државни празници. Празникот Розалии има долга традиција во римската култура, но за нас во Македонија е од особено значење што најраните записи за прославите датираат од времето на владеењето на Домицијан (81-96 н.е.). Тоа е императоротот под чие владеење се формирала Colonia Flavia Scupinorum, денес познат како археолошки локалитет Скупи. А Скупи на мене, на нам од ХАЕМУС ни е инспирација која го придвижува „SCUPINI ROMANI“.

HAEMUS_Rosaia_Skopje_Kreativa_2017
Прослава на Розалии – празникот на розите во организација на ХАЕМУС (06.05.2017, Скопје Креатива 2017)

Минатата година брендот „SCUPINI ROMANI“ настапи на Скопје Креатива 2017 со неколкучасовен перформанс за Розалиите, во обид да направме историска реконструкција на настаните и обичаите од минатото, нешто што во англиското говорно подрачје е препознатливо под терминот reenactment. Дел од оваа тенденција е празникот Розалии и неговото поврзување со современите македонски народни празници, верувања и обичаи кои сѐ уште се дел од традицијата на нашиот народ. Оваа година во соработка со „Музеј Теракота Виница“, направивме сличен настан посветен на овој древен празник за нивната „Музејска ноќ 2018“.

Rosalia_2018_HAEMUS_Vinica
Постерот за прослава на Розалии коишто ХАЕМУС го организираше во соработка со „Музеј Теракота Виница“ за „Музејската ноќ 2018“ (10.05.2018)

Во македонската народна традиција зборот русалии исто така доаѓа од лат. збор rosa, роза, ружа и согласно симболиката значи Духови или Ружин Велигден, христијански празник, кој како и многу други е измешан со пагански елементи. Во рамките на овие народни традиции со текот на времето се востановила и т.н „Русална недела“ посветена на самовилите во која (с)паѓаат св. Троица/Духови или пак може да биде и неделата од Духови до Петрови (поклади) пости. Народот се плашел од Русалките, особено во недела по празникот Духови, согласно верувањето дека тие се душите на девојките починати пред свадба, па според тоа се поврзуваат и со култот на мртвите.

– Голем број од нашите празници, верувања и обичаи постојат уште од предримскиот период, а тоа се слични или исти традиции со кои луѓето се поистоветуваат и денес, на лично ниво. Интересот за нашиот бренд Scupini Romani е сѐ поголем. Посетителите ни посочуваат што виделе, како го доживеале, што научиле, го споделуваат личното искуство. Целта на нашите настани, пред сѐ, е да се промовираа и популаризира културното наследство од римскиот период. И се радуваме секојпат кога имаме можност преку едукација и дисеминирање на научните истражувања да ја подигнеме јавната свест за оваа научна област кај љубителите на културното наследство.

Од моето интервју дадено за порталот Факултети.мк (09.05.2018)

Задушница, поточно денот на мртвите се прославува насекаде во целиот свет со слични обичаи. Исто како и во минатото, ги има неколку во текот на годината, но најчествувани се пролетната и есенската. Некои народи овој ден на мртвите го претвориле во фешта исполнета со разнобојност и колорина имагинација, како што е случајот со карневалите во Мексико и Бразил, но генерално оваа есенска задушница е позната кај сите народи во Европа како Halloween и се прославува за разлика од кај нас со различна иконографија. Затоа пак пролетната Задушница се случува кога розите цветаат. И не е чудо што толку многу работи сме ги наследиле од старите цивилизации. Но, апелирам нашето богато и раскошно нематеријално наследство да биде сочувано така што ќе го документираме и споделуваме. Затоа земете си една ракатка цреши, купче рози и грст спомени и потсетете се на своето семејство со практикување на оваа вековна традиција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here