Дома Антропологија Масовните гробници во археологијата како атракција – случајот со Скупи

Масовните гробници во археологијата како атракција – случајот со Скупи

7,317 views
5
Со колешката Ленче Јованова, долгогодишен истражувач на Скупи и колегите кои работеа на некорополата.

На 20.12.2017 г. во Музејот на град Скопје се отвори мошне невообичаена изложба: “Една слика за темната страна на римската историја, Скупи – гробница со масовно погребување”. Се работи за мошне ретко и раритетно откритие во археологијата дури и во светски рамки. Oд моментот кога оваа масовна гробница беше пронајдена па до денес, таа предизвикува внимание.

За изложбата

Мултимедијалната изложба ги опфаќа антрополошките и форензичките истражувања на скелетите од масовната гробница на југоисточната некропола Скупи кои се пронајдени за време на археолошките ископувања во 2011 година. Во рамките на овие ископувања е пронајден ров со нерамномерна полукружна форма кој содржел повеќе од 200 скелети. Според артефактите, скелетите може да се датираат во периодот од I-III век, што значи дека последната фаза кога се случило погребувањето е втората половина на III век.

Изложбата е резултат на повеќегодишната соработка помеѓу Музејот на град Скопје, Археолошкиот музеј на Македонија и Институтот за судска медицина и криминалистиката во Скопје. Нивните заклучоци врз основа на материјалот беа сумирани на повеќе панели кои го опишуваат демографскиот профил на погребаните (мажи на возраст од 20-40 години), укажувајќи на можноста дека повеќето од скелетите припаѓаат на лица ангажирани со војска. Многуте повреди по телото, декаптација на главите и знаците на носење голема тежина, исто така, укажуваат на воениот живот. За сега е многу веројатно дека тие припаѓале на локалната заедница на Скупи. Начинот на погребување е надвор од нормите на времето, што го покажува нивниот третман како отпадници кои доживеале дури и екскомуникација од страна на локалната заедница. Според начинот на нивното погребување, бројноста, положбата и испреплетувањето на коските на индивидуалните скелети, особено на екстремитетите, може да се заклучи дека повеќето од овие луѓе настрадале со насилна смрт, а потоа се фрлени во заедничка гробница.

Зошто е добро да си подигнувате надгробни спомен плочи

Се вели во шега дека сите археолози најмогу од се’ сакаат да копаат гробови. Но тоа не е поради нивната чудно извртена смисла за хумор, туку поради факот што гробовите претставуваат непроценливо богат извор за една цела палета на информации. По некој специфичен предмет и прилог може да укажат на потеклото на умрениот, неговата професија, а меѓу другото и социјалниот статус. И во минатото (како и денеска) луѓето кога умираале се погребувале според своите обичаи. Секој човек со себе си носел магија на културата, печат на времето и  симбол од местото од каде што доаѓал. Ако уште во гробот се наоѓала и монета (а во минатото било вообичаено во секој гроб на починатиот да се остава монета), тоа претставува еден несоборлив доказ за прецизно датирање на археолошките наоди. Некогаш место на богатиот римски плебс, во гробната архитектура на Скупи, како кај ниеден град на територијата на Балканот од тоа време, може да се сретне несекојдневен склоп од различни елементи како и погребни обичаи со еден огромен временски дијапазон.

Со колешката Ленче Јованова, долгогодишен истражувач на Скупи и колегите кои работеа на некорополата.

Неколку факти за Скупи

Colonia Flavia Scupinorum бил еден од најголемите римски градови кои постоеле на Балканскиот полуостров и најголем антички римски град со статус на колонија, на територијата на денешна Република Македонија. Се наоѓа на само 5 км од строгиот центар на Скопје и достапен е од повеќе страни. Градот живеел од 15 год. н.е., оформен во почеток како воен камп, се до доцната антика, односно до 6 век.  Се претпоставува дека веројатно го населувале 5. македонска легија (Legio V Macedonica) и 4. скитска легија (Legio quarta Scythica) и претставувал воена база за освојување на Дарданија и Мезија. Историските извори велат дека за време на Флавиевците (истите оние кои го изградиле Колосеумот во Рим) добил статус на дедуктивна колонија. Од 4 век станал седиште на епископијата и главен град на провинцијата Дарданија. Во 518-та година, како и многу други населби бил разорен од еден катастрофален земјотрес кој се случил на Балканот со епицентар во денешно Косово, кој во еден здив срушил 24 римски града во дијаметар од 100 км. 

Scupini_Romani_HAEMUS_promo
Дел од костумите и предметите на SCUPINI ROMANI, сопственост на ХАЕМУС

Со цел да го промовираме културното наследство на Скупи, со ХАЕМУС ја создадовме програмата SCUPINI ROMANI, што во превод значи „Граѓаните на римскиот град Скупи“. Главната цел на SCUPINI ROMANI е популаризација на културното наследство од римскиот период преку едукација, а главната мисија на програмата е дисеминирање на научните истражувања преку историска реконструкција позната под терминот “reenactment”. 

5 КОМЕНТАРИ

  1. Ова со масовната гробница е добро откритие. Пазете се само од бактерии од тие времиња. Тие не се како денешните.

  2. Претпоставувам дека костурите припаѓале на луѓе што се убиени затоа што биле Христијани. Барам и други мислења.

  3. Не е изолиран случај.Фаница во антрополошката студија за популацијата на Македонија под Римска власт детално ја анализира популацијата,животниот век,причините за смртта итн.Римјаните буквално скоро да извршиле геноцид.Првото популационо закрепнување на оваа популација од Динарскиот антрополошки тип се случува со доаѓањето на Словените што е во комплетна конфликтност со антагонистичката теорија.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име