Дома Антропологија И пред Старата железничка станица на Скопје постоела Стара железничка станица на...

И пред Старата железничка станица на Скопје постоела Стара железничка станица на Скопје

8,595 views
0

И пред Старата железничка станица на Скопје, постоела Стара железничка станица на Скопје. Оваа оригинална Стара железничка станица на Скопје била пуштена во употреба во август 1873г., во времето на Отоманската империја. Возовите сообраќале на трасата Солун-Скопје-Митровица, во должина од 243 км. Пред пробивот на Солунскиот фронт, преку оваа железничка станица се опслужувале линиите: Гевгелија-Велес-Скопје; Скопје-Куманово-Табановце; Скопје-Волково-Генерал Јанковиќ и теснолинејката Скопје-Охрид. 

The_old_railway_station_of_Skopje_postcard

Од тој период во архивите се останати голем број на црно-бели фотографии, но и разгледници во боја. На една таква стара разгледница може да се види главниот влез на станицата, а одзади се наоѓале железничките линии. Архитектурата на објектот пред кој се наоѓаат тревници е со белези од неокласичен карактер.

Stara-zeleznicka-stanica-Skopje2
Старата железничка станица на Скопје (1873). Во преден план е продавачка на млеко

На скопската железничка станица доаѓале и заминувале многу луѓе. Еден од нив ќе остави трага на животот во градот Скопје и формирањето граѓанска класа помеѓу двете светски војни (1918-1941). Светот подоцна ќе го запозне како Гркот Зорба – лик од истоимениот мега популарен грчки филм.

Пролетта 1922 г. на старата железничка станица во Скопје, од возот кој стигнал од Солун, слегол еден мустаќлија. Додека носачите од поштенскиот вагон го истоварале неговиот багаж, непознатиот кај отправникот на возовите се распрашувал каде се наоѓа хотелот „Ловец“. Откако слушнал дека се наоѓа во близина на станицата, дојденецот, кој за сето тоа време за рака држел 10-годишно девојче, им ја кажал адресата на носачите и тргнал по улицата Крал Петар која почнувала речиси од перонот. Ни првите шетачи кои биле измамени од сонцето на скопската улица ни човекот покрај кој потскокнувала неговата симпатична љубимица Екатарина не можеле да сонуваат дека триесетина години подоцна токму тој ќе стане јунак на славниот роман на Никос Казанѕакис.

Миле Раденовиќ | 70 години од смртта на Гркот Зорба

Поради унапредување на железничкиот сообраќај во 1937., овој објект бил намерно срушен. Од него во Скопје денес е останат само топонимот – галерија „Мала станица“. Во близина на ова место бил удрен камен-темелник на нова железничка станица која била пуштена во работа во 1940. и била најубава на Балканот во тоа време.

Една куќа на почетокот од ул. Водњанска и топонимот „Мала станица“ се останати од првата железничка станица во Скопје

Овој втор објект ќе биде срушен со катастрофалниот земјотрес од 1963. и денеска е Музеј на град Скопје, но кај мештаните засекогаш ќе остане познат под топонимот – Старата железничка станица на Скопје.

#моеСкопје #Центар  

Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ,,ХАЕМУС” насловен како ,,Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век”, нарачан и поддржан од општина Центар.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име