Дома Антропологија Порталот на Учителската школа во Скопје

Порталот на Учителската школа во Скопје

9,141 views
0

Порталот на ,,Учителската школа во Скопје” е еден од оние споменици кои го затреперуваат срцето до болка. Не потсетува на миговите кога во едно прекрасно јулско утро во 1963 год. за многу Скопјани престанал детскиот џагор, маалските дружби, боемските вечери и животот, по страшниот земјотрес којшто физички ќе разори скоро 80% од некогашното старо Скопје.

Ucitelska_skola_Skopje

На вебсајтот од научниот проект “Градот Скопје и формирањето  граѓанска класа помеѓу двете светски војни (1918-1941) – од етнолошки аспект”, запишано е дека д-р Хранимир Јоксимовиќ во 1932 година вака ја опишал зградата на Учителската школа:”…Учителската школа е на многу убаво место, оддалечена од сообраќај, прашина и врева. Самата зграда е опкружена со убав парк и простран училишен двор, потполно одговара на хигиенските услови. Таа располага со многу пространи и светли одделенија употребени за разни потреби. На третиот кат на зградата се наоѓаат здрави, пространи и сончеви простории (спални). Храната е многу добра. Покрај трите главни оброци, сите деца добиваат ужина, а слабокрвните деца добиваат и една шницла….” (од книгата Хигиенске социјалне и просветне прилике у скопским школима и програм рада будучности, Штампарија Драг. Грегорича, Скопље 1932 год.)

Многу убаво ја помнам зградата. Беше Учителска школа “Никола Карев”. Во јуни 1963 полагав приемен испит во таа зграда, иако бев првенец на генерацијата во “11 Октомври”. Имено, за да те примат во средна Учителска, се полагаше македонски, музичко и физичко; всушност, се проверуваше јасната дикција, музикалноста и координацијата во простор. На 26-ти јули зградата се сруши. Немаше три црвени, туку падна сè освен порталот што стои до денес, и каде моите ќерки се сликаа по склучувањето брак. Ние, новозапишаните ученици, како и постарите, бевме вклучени во расчистувањето, а подоцна во подигањето времени објекти за преименуваното училиште, Педагошка гимназија “Никола Карев”. бараките беа во Карпош 2, сè до изградбата на Гимназијата “Никола Карев”. Имено, Педагошката гимназија се трансформира во обична гимназија.

Изјава на д-р Екатерина Бабамова
професор во пензија при ,,Катедрата за англиски јазик и книжевност” (УКИМ)

Portap_Ucitelska_skola_Skopje
Порталот на Учителската школа во Скопје за време на Првата светска војна (1915г.) со англиски болничари кога бил претворен во болница (лево) и денешен изглед (десно)

На старите разгледници може да се забележи убавината и грандизоноста на објектот кој настрадал два пати во поплави од Вардар (1935 и 1962) и комплетно бил срушен со земјотресот од 1963.

Денеска од ,,Учителската школа во Скопје” (~1890г.) останат е само порталот од влезната врата кој се наоѓа во дворот на општина Центар. Може да се види ако се пристапи од страната на кафулето Ван Гог и во тој случај се наоѓа веднаш позади општинските бараки, во дворот на некогашното ,,Матично”. Од општина Центар во ниту еден период од денот или неделата не прават проблем доколку некој сака да го види и/или фотографира.

Порталот на ,,Учителската школа во Скопје” оставил видлива трага за многу работи кои се од особена важност за историјата на градот Скопје. Денеска објектот е културно наследство на Република Македонија заштитен со закон.

#моеСкопје #ДебарМаало 

Текстот е адаптиран и делумно преработен од оригиналниот научно-истражувачки проект на ,,ХАЕМУС” насловен како ,,Студија за Дебар Маало, нематеријално културно наследство – изработка на студија за дефинирање на Боемскиот кварт како културна атракција врз основа на културно – историскиот и антрополошкиот контекст во последното столетие, со акцент на првата половина на 20 век”, нарачан и поддржан од општина Центар.

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име