Дома Антропологија Неколку научни белешки околу Коледе и Бадник

Неколку научни белешки околу Коледе и Бадник

7,393 views
0

Секоја година, години по ред, што на социјалните мрежи што офлајн го објаснувам начинот на кој паганските обичаи се претопиле во христијанството и создале симпатична симбиоза од традиција и религија. И дека македонскиот етнос е како како хард-диск кој со текот на вековите апсорбирал кодови и ги вткал во сопствениот фолклор. Постојано читам контрадикторни изјави во медиумите кога ќе дојдат на ред да се слават Коледе и Бадник, па решив да споделам сумирани белешки кои се научно публикувани за да останат во интернет архивата. Со други зборови, во рамките на ‘глобализацијата’, ако религијата може да ни одговори на прашањето ‘Кои не сме ние’, тогаш традицијата дефинитивно во многу поголем обем а со многу помала контроверзност, ни кажува ‘Кои сме ние’. ‘Верувајте’ во религијата, ама чувајте ја традицијата! 

books_traditions_beliefs_rituals
Дел од користената литература за овој текст

Коледе

Коледе е традиционален обичај кој започнува вечерта на 05. Јануари со коледарски оган, продолжува утрината со коледарски песни и трае до пладнето на 06. Јануари. Палењето на коледарскиот оган е во организација на скоро секоја селска или градска населба/општина во Македонија каде годишно се бира ‘’кум’’, кој е задолжен за менаџментот на настанот (дрва, музика, храна, пијалок). Се пали оган околу кој луѓето се социјализираат, јадат, пеат песни и го прескокнуваат, останувајќи/бдеејќи додека не изгасне. Утрото се карактеризира со коледари, помала или поголема мешана обредна поворка составена пред сѐ од деца од предучилишна или училишна возраст. Тие носат коледарски стапчиња и со торбичка на рамо одат од куќа на куќа, тропаат и пеат обредни коледарски песни. Притоа им посакуваат на домаќините здравје, среќа и бериќет, а за возврат добиваат пари, овошје (ореви, костени, портокали, јаболка) и/или бомбони и др. Најчеста песна за време на овој обред е ‘Коледе леде, паднало греде…’, која завршува со зборови кои го најавуваат доаѓањето на најголемиот христијански празник – Божиќ. Коледе завршува на пладне на 06. Јануари кога преминува во Бадник.

 

badnikovo_lepce_2015
Breaking b(re)ad #Бадник2015 во мојата фамилија

Бадник

Обичај кој се празнува од пладне на 06. Јануари се до вечерта наспроти Божиќ и вклучува магиско-обредни дејства кои во минатото имале за цел да предизвикаат плодност на добитокот, родност на посевите и благосостојба на домаќините. За време на празникот вообичаено е луѓето да се дома во кругот на своето семејство, па оттука и поговорката: ,,Пред Божиќ, зад Божиќ, каде и да си, дома да си”. Бадник го карактеризираат: бадниковото гранче, бадниковото лепче и бадниковата вечера. Според народните верувања, најчесто како бадниково дрво се употребува гранката од даб, кој се сметала за свето дрво на кое му се припишувало волшебна моќ, да ја штити куќата од гром и оган. Луѓето може да го купат дабовото гранче во црква или да го наберат самите во планина, а честопати се украсува и вратата од домот со вакви гранчиња. Во меѓувреме домаќинката меси бадниково лепче во кое вметнува паричка, но поради брзиот начин на живот и немање доволно слободно време, денеска бадникови погачи со паричка се продаваат и во супермакетите.

Пред почетокот на вечерата се практикува обичајот на канење, кога Господ се повикува со зборовите: ,,Ела Боже да вечераме”. Бадниковата вечера започнува со палење на свеќа и понекогаш кадење на масата со темјан. Вечерата традиционално е без месни производи и се карактеризира исклучиво со посна храна. Клучниот момент од бадниковата вечерата е кршењето на лепчето во кое е вметната паричката, а парчињата се делат помеѓу членовите на семејството. Се смета дека оној кому ќе му се падне паричката, ќе го следи среќа во текот на целата претстојна година. Паричката може да се чува или пак да се однесе во црква и да се остави на икона. Кога ќе се седне на бадниковата вечера, мора да се касне од се што е поставено на неа и не се станува додека не се заврши. Според обичајот, храната од трпезата не се крева и се остава да стои цела вечер. За крај на вечерата се смета палењето на бадниковото гранче.

badnik

Имам да ви посакам само едно нешто воочи Божиќ. Нека ви биде оваа година благословена во секој поглед и нека биде подобра од претходната на секое поле. Од мене толку, од Господ, појќе. Среќен Бадник драги пријатели, мир со вас! 

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име