Дома Археологија Пуздер правам… од македонскиот јазик!

Пуздер правам… од македонскиот јазик!

4,111 views
0

Овој текст е инспириран од еден пост на фејсбук групата Пуздер правам… од македонскиот јазик!, чијашто активност ја следам со години а критиката на повеќето постови во групава делумно ја оправдувам, иако ретко коментирам. Во еден момент се разврза дискусија за терминот ”импорт” и дали тој треба секаде да биде заменет со зборот увоз. Ми се виде убава можност да елаборирам дел од моето познавање поврзано со овој збор. Се обидов на членовите на групата, од кои некои се вистински познавачи на македонскиот јазик, да им објаснам дека од научна гледнa точка “‘импорт” е стручен археолошки термин кој многу често се употребува во научни текстови, но и во наслови на стручни трудови или монографии. Не се работи за ништо ”фенси” и “тренди”, туку едноставно тоа е прифатена научна терминологија која во академски контекст кога се зборува/пишува за културното наследство, звучи сосема во ред. Терминот “импорт” најчесто се употребува за период од минатото кога увозот каков што е денеска старите народи не го познаваат и се работи за детектирање на археолошки наоди кои пратат одредена траекторија со чија помош можеме да следиме релации, комуникации помеѓу древните народи, а со тоа и нивните социјални и економски врски, па дури и ‘религиски’ сколоности.

Korintski_aribalos_Taftalidze
Уникатен примерок на црнофигурален коринтски арибалос од 6 век п.н.е. пронајден во скопската населба Тафталиџе. Неговото откривање на територијата на Скопје отвора многу прашања,но истовремено ја дополнува и претставата за коринтскиот импорт во Р. Македонија

Во овој контекст би сакалa да истакнам нешто важно коешто можеби е делумно познато кај експерите, но најдов да сходно да го споделам јавно. На мојот сајт, но и на сите социјални мрежи пишувам исклучиво на кирилица, освен ако нешто не е на англиски, бидејќи тоа изискува употреба на латиница. Во најчестите поставувани прашања кои ги добивам спаѓа и: ,,Зошто пишуваш на македонски, а не и на англиски јазик, оти така ќе те чита цел свет и ќе знае за македонското културно наследство?”. Мојот одговор е секојпат ист,  прво затоа што целната публика на мојот сајт се сите посетители, читатели и коментатори кои пред се’ го зборуваат или разбираат македонскиот јазик (кирилицата), второ затоа што постои недостаток на стручни кирилични содржини како валидна референца на интернет и најсетне, затоа што блог/сајт на англиски јазик би ми одзел многу време, со оглед на мојата презафатеност. Сепак, со текот на годините најдов сили да го создадам ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата, каде на англиски јазик се промовира нашето богато наследство во светски рамки преку големи меѓународни проекти.

Јазикот го одредува постоењето на еден народ. Во корелација со уште неколку елементи како писмото и религијата, му го одредува неговиот идентитет во време и простор. Со наједноставни зборови, мајчиниот јазик е обележје на идентитетот на еден народ. Според УНЕСКО, јазикот е нематеријално културно наследство на човештвото и како таков може да биде заштитен на национално, но и на интернационално ниво. Мала тајна, како на мала врата можеме да си го задржиме автентичното име на нашата држава, ако умно одиграме неколку потези.

niskn.gov.mk_zastiteni_govori_vo_RM

Можеби останал непознат фактот во јавноста дека нашата држава направила напори барем во рамките на своите закони да ги заштити најголем дел од говорите кои се практикуваат на територијата на Република Македонија. За повеќе информации го препорачувам ”Порталот на Националниот информативен систем за културното наследство”, кој овозможува преглед на недвижното, движното и духовното културно наследство на Република Македонија, коешто е заштитено до сега.

Заклучок

Со интернетот јас сум граѓанин на светот. Бескуќник во времето. Но ако архивите се сведат само на дигитални записи, тогаш со истата брзина со која ја купувам “историјата”, ќе си го купам и заборавот. На крајот би сакала да ја цитирам мојата омилена изрека која Caius Titus, говорник во римскиот сенат многу одамна ја изговорил: Verba volant, scripta manent (Зборовите одлетуваат, запишаното останува засекогаш). Затоа пишувајте кирилица на интернет и бидете горди на својот јазик како културно наследство! 🙂

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име