Home Антропологија Како да си спремиш јадење од римско време

Како да си спремиш јадење од римско време

3,007 views
0

Луѓето сакаат да читаат за древните општества од минатото. Во реконструкцијата им помагаат цела плејада на научници: археолози, антрополози, етнолози, историчари, архитекти … Ако за праисторискиот период науката мора да се потпре на археологијата и на форензиката, скоро за сите други општетства постојат историски белешки, како за намирниците, така и за начините на готвење. Со таква основа, лесна е реконструкцијата на многу јадења кои ги практикувале цивилизациите пред нас.

Понекогаш и самата си спремам јадења од различни делови на светот и од различни историски периоди. Особено тоа е многу лесно за древните општества кои живееле на Балканот, бидејќи се што имаме денеска од намирници, можеле да се најдат и во минатото. Велам скоро се’, освен на пр. некои од зачините и особено компирот кој бил донесен од Јужна Америка во 16 век, па на пр. античките Грци, Римјани и Ромеи не го познавале како состојка.

Roman-food-at-Viminacium
Храна од Римскиот период во автентичен амбиент
Археолошки парк ‘Виминациум’

Во неколку наврати имам пробано храна од римскиот период во археолошкиот парк и локалитет ‘Виминациум’. Секојпат кога има некој настан, симпозиум или пак имаат посета на туристи, храната се спрема од готвачи и се служи во триклиниумот (трепезаријата). Еднашка ги прашав готвачите како им успева да спремат толку вкусна храна по тертипот од римскиот период. Ми одговорија дека се што му треба на еден готвач било каде во светот е рецепта и како да го спреми јадењето. А рецептите можете да ги најдете и самите на интернет.

Па така решив да си спремам паштета од римско време, или во превод тоа било паста, т.е. намаз. Во прилог подолу е рецептот и состојките кои ви се потребни:

– 200 грама семки од тиква
– 2 чешниња лук
– 1 голема лажица таан
– пола лимон
– сол
– црн бибер
– ореви (ракатка)

Preparing Roman food
Припрема на намаз од Римскиот период

Се одлучив да употребам таан наместо сусам, затоа што Римјаните исклучително многу го користеле сусамот во спремање на своите јадења. Во случајот ставив семки од тиква, иако може да употребите и семки од сончоглед, а во некои случаи намазот може да го правите и со маслинки. Исто така наместо толчени ореви може да додадете и кикирики. Впрочем, една домаќинка може да експериментира со рецептите на Римјаните онолку колку што и е фантазијата.

Roman quern - Vinica Fortress
Статична рачна мелница од Римскиот период Археолошки локалитет Виничко кале

Признавам дека многу ми помогна блендерот, оти во спротивно при правилна реконструкција би требало сето ова да го толчам и мелам на рачна мелница. Имајте во предвид дека луѓето од минатото користеле сирова храна, веднаш ја спремале и ја јаделе. Конзервацијата на храна е откриена во 18., а почнала да се употребува дури од 19. век.

Рецептот за намазот од римскиот период е многу едноставен: семињата се полеваат со ладна вода и се оставаат минимум 5 часа да отстојат. Така набабрени се блендираат и им се додава толчен лук, таан, лимон, сол по вкус, црн бибер и толчени ореви по желба. Добро се промешува и намазот е готов за јадење.

Roman-food-at-Viminacium2
Добар апетит. 🙂

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here