Дома Археологија Среќна Нова со Пајонија – неискористениот бренд на древна Македонија

Среќна Нова со Пајонија – неискористениот бренд на древна Македонија

5,650 views
1

Како што е ред, секоја година на сите мои драги пријатели, читатели, колеги, блогери, роднини, попатни минувачи низ мојот сајт, како и оние кои ми даваат поддршка на било каков друг начин, им посакувам Среќна Нова Година. Но наместо традиционална честитка за успех и добро здравје, како и претходната, решив и оваа 2015 година да ја започнам со една поинаква честитка. Честитка чии невидливи кодови се вткаени како приказна во нашата колективна меморија. Честитка која заслужува да биде испратена до сите истражувачи и љубители на културното наследство ширум светот. Честитка стара околу 3000 години

Ancient_town_-_Vardarski_Rid
Драги Митревски – Старомакедонски град на Вардарски рид
издание на Музеј на град Гевгелија

И покрај тоа што не е мој потесен топик на истражување, отсекогаш ми бил интересен светот на Пајонците. Во историските извори е сосема малку познато, но сепак е запишано дека тие се сметаат за посебен народ, различен од Тракијците и Илирите, со свој етнос и јазик. Во изминатите 20 години, доста е истражено и пишувано за политичка историја и етногенеза на Пајонците, расчитани се голем број на монети, а позната е и нивната ономастика и топонимија. Голем број на пајонски градови на територијата на Македонија се убицирани, па имаме увид во делови од градското живеење во куќите и палатите, а ископувани се и нивните погребувања, при што е детерминирана физичка антропологија на овој древен народ. Заедно со изобилството на керамика, накит, оружје, возможно е да се реконструира секојдневниот живот, но исто така и религија и митологија на Пајонците.

Paeonian Priestess from Macedonia
Пајонската свештеничка од Лисичин Дол
(Археолошки музеј на Македонија)

Посебно е впечатлив накитот на Пајонците. Доста често оригинали или копии на нивниот накит како мода се среќаваат скоро на целиот централен Балкан, се до Романија. Особено се популарни т.н. ‘Македонски бронзи’. Со матична територија која главно била по долината на Вардар со притоките, по своето културно значење Пајонците далеку ги надминале локалните рамки и пронајдените артефакти сведочат за една високо развиена култура, која предначела во своето време на Балканот и зрачела врз околните региони. Научно глорифицирани, медиумски запоставени, Пајонците се гордоста на древна Македонија. За крај да го цитирам мојот колега Н. Стефановски кој вели: ”Дефинитивно Пајонците се запоставени. На некој начин тие му доаѓаат како постариот брат, што работел за помалиот (македонското кралство) да може да се школува и успее, па на крајот кога малиот станал популарен, сите заборавиле што се направил постариот’.

 

Среќна Нова 2015 со Пајонија – неискористениот бренд на древна Македонија 🙂

1 КОМЕНТАР

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име