Home Антропологија Приказ на филм: Колку полувремиња може да има една утакмица?

Приказ на филм: Колку полувремиња може да има една утакмица?

3,137 views
0

Од моментот кога беше најавено неговото снимање, па се до премиерата, ‘Трето полувреме’, филмот на режисерот Дарко Митревски не престана да ја бранува домашната и меѓународната јавност. Се до појавата на овој филм, се чини дека Македонија досто долго молчеше за прашањето на Евреите, иако тие се присутни на територијата на нашата држава најмалку од првиот век н.е. Кога во 2002г. се донесе законот за денационализиација, Евреите како и сите други жители на Македонија, беа материјално обештетени. Малата македонска еврејска заедница реши со дел од тие пари да го зачува споменот за нивниот народ и така во 2004. год. се роди идејата за Музејот на Холокаустот, многу години пред да се роди идејата за Проектот Скопје 2014та. Треба да се напомене дека оваа национална институција е единствена во тој дел на Скопје познат под топонимот Еврејско маало, која не е дел од проектот Скопје 2014, дизајниран и финансиран од актуелната власт на Република Македонија. Спонзориран со пари од џебот на самите Евреи кои живеат во Македонија, Музејот на Холокаустот беше отворен на 15. Март 2011 год. со сите воени почести и присуство на ентитети од секаков вид. Овој датум е симболичен, бидејќи се поклопува со апросимативниот и мачен 11 март 1943 год. кога Евреите од повеќе градови од Македонија се собрани во скопскиот Монопол (денешен Тутунски комбинат позади амбулантата Пролеќе), како привремен логор, и оттаму се транспортирани во концентрациониот логор Треблинка (Полска). Историските записите велат дека од приближно 7 500 депортирани Евреи, никој не се вратил во Македонија. Што ли може да ни открие незваничната историја?!

При тоа, имајте на ум дека Евреите имаат историја(т) во Македонија со записи уште од 1 век како на пр. во Стоби. Во музејот на Холокаустот е прикажан сегмент од 15 век па наваму, и се надевам дека во догледно време овој хијатус може со артефакти и историски записи да ја пополни таа празнина за еврејската историја.

 
Меморијалниот центар на холокаустот
на Евреите од Македонија, Скопје

Појдов да го гледам филмот ‘Трето полувреме’ без предрасуди. Не затоа што сум археолог кој работи со минатото и културното наследство. Не затоа што имам пријателки Еврејки кои ги познавам цел живот. Ниту пак затоа што дома имам антиквитет во форма на една машина за шиење од марката ‘Сингер’, која на мојот покоен дедо му ја оставил на чување неговиот еврејски пријател, со цел да си ја земе кога ќе го вратат од депорација. Причината поради која појдов да го погледнам Трето полувреме е дека не смееме да молчиме пред вистината и фактите колку тие и да болат. Но ако не ги запишеме и јавно за нив не прозбориме, нема никогаш да ги надраснеме и да продолжме да создаваме едно здраво општество во кое не дај боже да се повтори уште еден ваков Холокауст.

Сите ние имаме баби/дедовци, родители, роднини, мажи/сопруги, партнери, љубовници, деца, внуци, комшии, пријатели, соработници. Едни умираат, други се раѓаат и кругот на животот никогаш не престанува.  Но дали воопшто имате претстава како изгледа во еден момент да останете сам самцат на оваа планета Земја, без да имате кому да му се пожалите, да се насмеете, да се израдувате, да му се поверите. Потресното сведоштво на Нета Коен, Еврејка која се спасила од Холокаустот само заради тоа што се омажила со христијанин, претставува основа од која клопчето на приказната во ‘Трето полувреме’ се развива и не враќа седумдесеттина години наназад. Во едно време чија реконстукција на филм е визуелизација од помнењето на многу луѓе кои за жал денеска не се живи.

Земајќи непобитен факт, дека Холокаустот навистина се случил, режисерот Митревски сместува една љубовна приказна помеѓу вистински историски настани. Дејствието започнува околу почетокот на Втората Светска војна и фокусиран е околу две главни нишки, домашниот фудбалски тим кој игра во тогашната нацистичка фудбалска лига и љубовта на фудбалерот Коста кон убавата еврејка Ребека. Борбата помеѓу доброто и злото, помеѓу добите/лошите или (не)правилните избори во животот, борбата да се одлучи дали да се напушти својот еврејски народ кој отсекогаш се однесувал гетоизирано, или да се избере љубовта кон човек од друга религија и да се биде анатемисан од фамилијата, се сижето на сценариото. Трето полувреме привршува со Холокаустот кој во Македонија се случил во 1943 година и сеќавањата на Нета Коен (во филмот именувана како Ребека) во сегашноста.

Железничката станица каде се снимани делови од Трето полувреме. Се наоѓа вдолж патот Велес-Штип на исклучување кон Свети Николе, на 1 км пред Амзабегово

Се изначитав и изнаслушав сешто за филмов. Дека бил прескапо снимен, дека имало, па немало лоша глума. Дека бил многу праволиниски раскажан. Дека не било убаво да се миксаат топоними како скопската, охридската и битолската чаршија со црквата кај Канео, за разлика на пр. од американските филмови за Виетнам кои поради лоу кост се снимаат во шуми во Бугарија и Украина. Дека филмот е плагијат, политички нарачан, ја фалсификува историјата и уште што ти не. Отидов, го изгледав Трето полувреме, многу се забавував бидејќи се поретко одам на кино зарди тоа што филмовите ги симнувам од интернет. Дури отпосле ми предизвика емоции и желба за истражување на одредени историски моменти. Со еден збор, скроз океј филмче кое го препорачувам за гледање и уживање, а не соживување со настаните.

Како за крај. Можам да ви кажам од сопствено искуство, колку е ѓаволски тешко во еден свет каде парите постојат само за да направат уште повеќе пари, вие да ги добиете за да од нив створите сегмент од седмата уметност. Кога тоа ќе ви успее, тогаш снимете го вашето живото полувреме. Тоа ќе биде најголемата критика на овој филм. До тогаш, се читаме.

Официјална страница на филмот: http://www.thethirdhalf-movie.com/

 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here