Home Антропологија Резбаните камени табли на Општина Центар

Резбаните камени табли на Општина Центар

1,583 views
0

Во последните 5 години, забележлива е тенденцијата засилено да се презентира сопственото културно наследство. Ако мене ме прашувате, сметам дека во секое време вреди државата да вложи труд во промовирањето на културните добра од сопствената територија.  Во каков формат ќе го направи тоа, најмногу зависи од консултантите на одреден проект, кои треба да бидат експерти за оваа тематика. Желбата е голема, арно ама, когнитивните капацитети се мали, бидејќи за вакво нешто е потребен едуциран кадар од областа на културниот менаџмент кои ние во моментов не го поседуваме.

Неодамна дадов изјава за дневникот Фокус (26.12.2012) во текстот со наслов: “Ќе никнат уште девет камења со артефакти”. Наипсот се однесува на неодамнешното поставување на резбани камени табли на Општина Центар, со кои тие го омеѓуваат географскиот простор на кој се протега оваа единица на локалната самопурава.

Сметам дека решението со новите изгравирани камени табли на Општина Центар е интересно, а каменот како материјал е поефтин, и секако потраен од бронзата. Но како што артефакт без археолошка стратиграфија губи од својата научна вредност, така и овие камени табли без натписи, губат од својот историски контекст. Симпатично е тоа што оваа единица на локалната самоуправа сака да ги едуцира граѓаните, но треба да бидете експерт од предисторијата за да одгатнете дека на повеќето од овие камени табли доминираат мотиви на артефакти од Неолитот. И тоа не било кои предмети, туку токму оние кои се поместени во книгата Neolithic Macedonia* на Марија Гимбутас. Неолитот како предисториски период е присутен во изобилство на територијата на градот Скопје, но за сега не се откриени остатоци од овој период на територијата на Општина Центар. А секако – имаме едно реконструирано неолитско етно-село на Тумба Маџари кое се’ уште не си го добива својот заслужен статус и внимание кај јавноста.

Изјава за Фокус – Ќе никнат уште девет камења со артефакти

Како што може да се забележи од фотографиите, овие камени плочи се со различен петрографски состав, па следствено на тоа и ефектот од нивната обработка е со различен и некохерентен квалитет. Честопати резбата е плитка и невозможно е да се согледа освен ако не сте во близина на плочата. Отсуството на дополнителен натпис го комплицира контекстот со околината, па би било пожелно да се доклеса уште еден помал камен со текст кој би ги објаснил мотивите и артефактите на плочите.

Заклучок:

На територијата на градот Скопје се откриени повеќе од 20 неолитски локалитети. Секој ден пешки минуваме и под нозете си ја газиме сопствената историја. При менаџирањето на културните и археолошките ресурси, како и при презентацијата и промоцијата на националното културно наследство, локалната самоуправа игра огромна улога. Но доколку сака општина Центар да остане засекогаш запаметена во долгиот милениумски тек на историските настани, тогаш би било убаво наместо резбани артефакти на камен, да одвои финансии за нови публикации (печатени и електронски) од областа на неолитот, кои вистински научно ќе го претстават културното наследство на Република Македонија пред светот. И аман веќе, дајте им шанса на помладите, кои се разбираат од одредени тематики. Смешно е кога ќе се види како луѓево изиграваат дека се експерти, од палеолита па све до тита. 🙂

* Gimbutas M. 1976, Neolithic Macedonia, As reflected by Excavation at Anza, Southeast Yugoslavia, Los Angeles: The regents of the University of California.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here