Home Антропологија Вовед во научна анализа на камените алатки

Вовед во научна анализа на камените алатки

1,907 views
1

Уште додека студирав, се занимавав со спелеологија и почнав да ги истражувам пештерите како член на спелеолошкото друштво ‘Пеони’ од Скопје. На тие терени директно имав допир со археолошките локалитети и артефактите кои луѓето ги оставиле зад себе низ различните периоди, додека повремено или постојано живееле во нив. Уште во прва година на факултет, знаев дека моја животна преокупација во археологијата ќе бидат камените алатки и периодите од предисторијата во кои древните луѓе ги изработувале, за да можат да (пре)живеат во природата која ги опкружувала. Подоцна хобито го надоградив со факултетот и прерасна во професија со чија помош трагам по најстарите остатоци од палеолитот/мезолитот/неолитот на територијата на Република Македонија. Своето искуство во однос на ископување на овие специфични локации го калев надвор од Македонија уште додека бев студент. Покрај присуството на различни светски конференции и публикување на научни статии од оваа тематика, во 2011 ја одбранив својата теза за Камената индустрија од неолитскиот локалитет ‘Руг Баир’ кај с. Горобинци (Свети Николе). Со оваа теза за прв пат во македонската археологија беше посветено внимание на три главни групи на камени алатки: делкани, мазнети и абразивни орудија, кои редовно се сретнуваат на археолошките (генерално предисториските) локалитети во Македонија и светот.

Во меѓувреме, ја направив научната реценија на обемната книга “Принципи во археологијата” од Даглас Прајс на македонски јазик, во која со сопствени познавања од областа на камените индустрии и мое лично ангажирање, особено беше посветено внимание на адекватниот превод и лектура во делот за анализа на камените алатки.

Димитровска Василка – Вовед во анализа на каменот

Камените алатки од нивните почетоци пред околу 2,1 мил. години, имале свој еволутивен ток паралелен на когнитивните капацитети на хоминидите, и за подобро да ги разбереме периодите низ кои поминало човечкото раздобје, треба да имаме на ум дека во текот на долгото траење на предисторискиот период (квартер + холоцен), се менувале различни култури и индустрии. Се работи за материјални култури кои ние ги препознаваме на база на типичните камени ракотворби, кои понекогаш се и единствениот доказ за присуството на луѓето во одреден регион.

Почетните периоди од развитокот на човекот во своето име го носат суфиксот литос (камен) според материјалот кој најчесто се пронаоѓа на археолошките локалитети. Периодите од предисторијата во светот и кај нас, како што ни покажуваат нивните имиња, претежно се темелат на камените ракотворби. Во Република Македонија по методолошки пат е утврден еден археолошки локалитет од периодот на Мустериенот (среден палеолит), а поради недостаток на истражувања на терен, не се потврдени мезолитски локации со што се исклучува за сега еволутивниот континуитет во развитокот на камените индустрии.

Делот за камените алатки во оваа книга е наменет за сите колеги кои до сега на терен се сретнале со некои од овие артефакти, но пoради застарениот начин на методологија кој се уште се практикува на ,,Катедрата по археологија” во Скопје, можеби пропуштиле да ги документираат. Камените алатки и палеолитот насекаде во светот се проучуваат во првите четири семестра од студиите по археологија. Само кај нас се уште се прескокнуваат поради недостаток на адекватно обучен научен кадар кој би предавал за нив, па генерации на археолози на терен не успеваат  да препознаат ниту една камена алатка, бидејќи немаат ни од кого да го научат тоа на факултет. Да се надеваме дека сето ова ќе се промени во позитивен правец во годините кои следат, за доброто на нашата наука. 🙂

1 COMMENT

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here