Дома Антропологија Кого ангажирате да се грижи за вашиот бренд на социјалните медиуми?

Кого ангажирате да се грижи за вашиот бренд на социјалните медиуми?

4,220 views
2

Идејата за написот потекна од истоимениот пост на блогот Комуникации, нo oвој текст многу малку има допирни точки со нивното образложување, а повеќе ги допира институциите кои се занимаваат со културата во Република Македонија.

Ми се случи пред извесно време да ја ставам фотографијата вгнездена подолу во постот, на мојот профил на фејсбук и да ги тагнам Музеј на град Скопје, институција кадешто е оваа фотографија направена. Целта ми беше на некој начин со тагнувањето да го промовирам нивниот фејсбук профил, бидејќи тие немаат свој веб сајт, а со оглед на активностите би требало не само да го да го имаат, ами постојано да го ажурираат. Tагот од фотографија беше отстранет, а самата фотографија избришана од нивниот профил, кој патем според правилата на фб треба да биде страница (page) зошто профили можат да имаат само поединци (физички лица), но не институции или компании. Им напишав во порака дека не требало да го сторат тоа, бидејќи на овој начин им правам бесплатен маркетинг, но по преписката ми стана јасно дека персоната која во тој момент се грижеше за нивниот фејсбук профил има сосема мали познавања како функционираат социјалните мрежи и како треба да се води PR на една институција од областа на културата на интернет.

Денеска не постои институција од областа на културата во светот која нема свој веб сајт, честопати пропратен со сопствен интерактивен блог, како и сметки на фејсбук и твитер кои се постојано освежувани, депо за архиви на написи и сопствено депо на некоја социјална мрежа за фотографии. На овие места се посочува дека особено треба да се обрне внимание на сите типови информации, за да луѓето пронајдат настан организиран од дотичната институција кој се случува блиску до нивното место на живеење, а потоа на било каков начин партиципираат во неговата реализација. За да ја постигнат оваа цел, најчесто се ангажираат професионалци (поединци или цели тимови) чија задача е да го пратат темпото на институцијата во аналогниот, и да го прилагодат на дигиталниот свет.

Секој посетител кој просурфал сајт на институција од областа на културното наследство во Македонија, до сега повеќе информации за нашите артефакти добил од Енциклопедијата Британика, од Британскиот музеј и најсетне, од Википедија, наместо од домашните институции кои се бават со културно наследство. Веб сајтовите на институциите од областа на културата во Македонија (со чест на неколку исклучоци), наместо динамична репликација за својата работа во дигиталниот свет, доста долго претставуваа место каде еднашка одамна се ставени информации кои со години не се освежуваат. Се случувало сајтовите да се паднати, хакнати или недостапни како што е чест случај со сајтот на Музејот на Македонија. Далеку од тоа дека сакам да навредам некоја од институциите кои покрај другото, имаат и едукативна функција. Но со ваквата активност, институциите од областа на културата навистина ги навредуваат оние љубители на културното наследство за кои интернетот, веб страниците и социјалните медиуми се единствен извор на информации.

Не можам да си споменам македонска институција од областа на културното наследство дека некогаш ангажирала тим за да се грижи за нивниот бренд на социјалните медиуми. Обично тоа го прават некои од вработените кои имаат афинитет кон овие работи. Но овие институции со текот на времето ја изгубија битката со посетителите во 2.0 светот. Факт е дека музеите во Македонија активно го користат фб за креирање и споделување на одредени настани затоа што не чини дополнителни пари и човечки ресурси, туку само време, но во моментите кога преку фб и твитер се прават револуции во буквална смисла на зборот, само Музејот на град Виница има сметка на твитер која е постојано активна. Ќе биде многу тешко овие институции да ја повратат довербата на посетителите во нив, а тоа може да се случи само ако посветат доволно внимание на потребите на својата публика. Малку подобра организација и по user friendly сајтови на локалните музеи низ градовите би придонеле за подобра интеракција помеѓу самата институција и граѓаните кои се желни да дознаат нешто повеќе за сопственото културно наследство. Ако се иземам како професионалец кој на поинаков пат е запознаен со работата на овие институции, помеѓу овие граѓани спаѓам и јас самата! 🙂

2 КОМЕНТАРИ

  1. Се надевам само дека ќе го прочитаат овој пост надлежните. Посебен highlight е моментот:

    „…до сега повеќе информации за нашите артефакти добил од Енциклопедијата Британика, од Британскиот музеј и најсетне, од Википедија, наместо од домашните институции кои се бават со културно наследство. Веб сајтовите на институциите од областа на културата во Македонија (со чест на неколку исклучоци), наместо динамична репликација за својата работа во дигиталниот свет, доста долго претставуваа место каде еднашка одамна се ставени информации кои со години не се освежуваат.“

    Ми се допаѓа постот!

Leave a Reply to Блог избор [Мај, 2012] | Кригла Пиво

Please enter your comment!
Внеси го тука твоето име